ЕЈУП АЛИМИ ОД ДУИ ПРОЗБОРЕ МАКЕДОНСКИ, Ѝ КАЖА НА ОБВИНИТЕЛКАТА ФЕТАИ ДЕКА ГО ПОВИКАЛА КАКО СВЕДОК ВО СЈО, А НЕ КАКО ОСОМНИЧЕН ВО „ТИТАНИК 3“

    ЕЈУП АЛИМИ ОД ДУИ ПРОЗБОРЕ МАКЕДОНСКИ, Ѝ КАЖА НА ОБВИНИТЕЛКАТА ФЕТАИ ДЕКА ГО ПОВИКАЛА КАКО СВЕДОК ВО СЈО, А НЕ КАКО ОСОМНИЧЕН ВО „ТИТАНИК 3“Обвинителката Фатиме Фетаи предложи на судењето да се прочита неговата изјава што ја дал во истрагата, зашто е спротивна на изјавата на сведоците. - Фатиме Фетаи; Ејуп Алими (Фото: СДК.МК)

    Координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими, денеска без преведувач на албански јазик кој цело време согласно законското право го користеше на судењето „Титаник 3“, се налути што обвинителката Фатиме Фетаи побара неговиот исказ даден во СЈО да се прочита денеска во судница во Кривичниот суд. Алими, кој е долгогодишен пратеник, во Собранието и воопшто во јавен настап, досега не прозборел на македонски јазик.

    Ова Фетаи го побара, откако адвокатот на Алими го повлече предлогот за давање негов исказ пред судот. Фетаи предложи да се прочита неговата изјава што ја дал во истрагата, зашто е спротивна на изјавата на сведоците.

    „Јас во СЈО бев повикан како сведок, а не како осомничен. Не знаев дека ќе се злоупотреби мојата изјава. За да се заврши работата побрзо и поради обврски во Владата, дадов исказ да помогнам во истрагата, бидејќи сум невин, и си заминав“, рече револтиран Алими, кој е обвинет заедно со Исмет Гури од ДУИ за уништување изборен материјал во врска со локалните избори во 2013 година во општина Чаир.

    Фетаи го потсети дека му посочила во какво својство бил викнат и оти има право на адвокат.

    „Не сум бил воопшто таа вечер на која се однесува кривично-правниот настан и нема зошто да давам исказ или да се чита моја изјава“, зборуваше Алими.

    Но, во исказот негов што го дал во СЈО и доброволно го потпишал, стои негова изјава дека бил таму 15-тина минути, зашто сопругата била член на комисија на спорното избирачко место.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира