Три месеци доцни исплатата на капитацијата на матичните лекари што ја исплаќа Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Како што вели матична лекарка која се јави во нашата редакција, капитацијата што по договор требаше да им биде исплатат до 30 ноември, а редовно се доцни по 5-6 дена, не беше исплатени ни на 5 декември, пред тридневен продолжен викенд. Прв работен ден е 9 декември.
Матичните лекари регираат дека последната капитација што ја земале е за август.
„Значи, сѐ што сме работеле во септември, октомври и декември не ни е платено. Недозволиво е Фондот за здравство да доцни 3 месеци за капитација. Тоа значи дека матичните доктори финанисираат 3 месеци лечење без средства, а имаат платено плати, придонеси, и други трошоци навреме“, реагираат матичните лекари.
САКАМДАКАЖАМ.МК до објавувањето на текстот не доби одговор од ФЗОМ зошто доцни исплатата и дали е зголемен капитациониот бод како што беше најавено во април, ниту пак коментар од д-р Лили Чолакова-Дервишва, претседателка на Здружениото на приватни лекари и актуелна советничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во општинскиот Совет на Велес.
Премиерот Христијан Мицкоски на 7 април годинава, кажа дека од април се зголемува капитациониот бод за матичните доктори од општа медицина, гинекологија и стоматологија. Согласно оваа одлука, вредноста на капитациониот бод за општа медицина и гинекологија се зголемува од 75 на 100 денари, додека за стоматологија од 61 на 75 денари, што претставува зголемување од 33%, односно 23%.
„Ова зголемување доаѓа по повеќегодишна стагнација во периодот 2019-2022 година кога бодот изнесуваше 63 денари и 48 денари. Ако погледнеме наназад, од 2015 досега, капитацијата за општа медицина порасна од 50 на 100 денари – удвојување на вредноста за една деценија. За гинекологијата исто така имаме раст од 50 на 100 денари, додека за стоматологија од 35 на 75 денари, што е зголемување за 114%“, кажа премиерот на заедничка прес-конференција во Владата со тогашниот министер за здравство Арбен Таравари и директорот на ФЗОМ Сашо Клековски.
Државата издвојува околу 4.5 милијарди денари за матичните лекари, гинеколози и стоматолози, а за ова зголемување ќе се издвојат околу 550 милиони денари или над 9 милиони евра.
Б. НЕСТОРОСКА



