ГРАЃАНИТЕ НЕ ГИ ПОПОЛНУВААТ БАРАЊАТА КАКО ШТО ТРЕБА, ВЕЛАТ ВРАБОТЕНИТЕ ОД МАТИЧНО ЗА ДЕСЕТИЦИТЕ ИЛЈАДИ ЗГРЕШЕНИ ИЗВОДИ

    ГРАЃАНИТЕ НЕ ГИ ПОПОЛНУВААТ БАРАЊАТА КАКО ШТО ТРЕБА, ВЕЛАТ ВРАБОТЕНИТЕ ОД МАТИЧНО ЗА ДЕСЕТИЦИТЕ ИЛЈАДИ ЗГРЕШЕНИ ИЗВОДИШтрајкот на независниот синдикат на Управата за водење матични книги е ставен во мирување до 20 јули, до кога очекуваат владата да им одобри зголемување на платата од 30 отсто. (Фото: СДК.МК)

    Вработените од Управата за водење матични книги од утре се враќаат на работа по седум недели штрајк откако со раководството на институцијата за издавање изводи потпишаа колективен договор за унапредување на нивните права. Сепак, тие велат дека штрајкот е само ставен во мирување до 20 јули, до кога очекуваат владата да им одобри зголемување на платата од 30 отсто.

    На новинарско прашање за десетиците илјади згрешени изводи секоја година, што им одзема време и пари на граѓаните, вработените се правдаат дека грешката не е кај нив, туку кај МВР, од каде што се преземени податоците, но и кај самите граѓани.

    „Граѓаните некогаш не ги пополнуваат како што треба бaрањатa, односно не пишуваат како што треба во барањата што сакаат. Им го издаваме тоа што го бараат и после велат ‘ама јас не сакам вака’. Вие сте напишале во барањето дека го барате тој документ или таа работа, тука е проблемот. Некогаш граѓанинот сака извод и после вика ‘сте ми дале извод обичен, јас барав интернационален’. Па вие треба да наведете во барањето дека барате интернационален извод. Тие се тие згрешени изводи, како и овие што ги потенцирав од МВР за згрешени имиња, презимиња, букви, со ‘в’, без ‘в’, ‘иќ’, без ‘иќ’, знаете како било на времето, бугарско, српско време. Сите работи биле измешани, ние сега ги исправаме тие работи“, кажаа вработените на денешната прес-конференција.

    Тие велат дека со колективниот договор се решаваат прашањата за К-15, работа во сабота, јубилејни награди и систематизацијата за звањата кај вработените.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира