ИЗГУБЕНА Е ЕДНА ГОДИНА ЗА СПАС НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ОТИ ДОСЕГА ТРЕБАЛО ДА СЕ ОТСТРАНАТ ТРСКАТА, ДРВЈАТА И АЛГИТЕ ОД ВОДАТА, ВЕЛИ МИКРОБИОЛОГОТ РИСТОВСКА-ШУРБЕВСКА

    ИЗГУБЕНА Е ЕДНА ГОДИНА ЗА СПАС НА ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ, ОТИ ДОСЕГА ТРЕБАЛО ДА СЕ ОТСТРАНАТ ТРСКАТА, ДРВЈАТА И АЛГИТЕ ОД ВОДАТА, ВЕЛИ МИКРОБИОЛОГОТ РИСТОВСКА-ШУРБЕВСКАНиту новите анализи на квалитетот на водата од Езерото Младост не носат промени, таа не е за капење, наводнување, полевање и рекреација. (Фото: СДК.МК)

    Една година е залудно потрошено време за решавање на проблемот со водата во велешкото Езерото Младост кога не се преземени итни мерки, вели д-р Флорентина Ристовска-Шурбевска, микробилог и долгогодишна директорка на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Велес, сега во пензија.

    „Можеше за оваа измината година барем да се исчистат трската и скапаните дрвја од крајбрежјето и алгите од површината на водата. Штетата ќе беше помала“, вели Ристовска-Шурбевска.

    Таа стручно објаснува што се случи изминатиот период со водата во акумуалцијата, поради која истата не се препорачува за капење, наводнување, полевање и рекреација.

    „Поради зголемените температури на водата и присуството на минерали доаѓа до зголемување на некои видови алги во големи количини и се создава биомаса од над 5 мг/м3, по што доаѓа до промена на бојата и матност на водата. Колку повеќе се создаваат овие прилагодени модрозелени алги, толку повеќе изумираат и на површината од нив се создава воден цвет. Со тоа се намалува присуството на растворен кислород во водата и доаѓа до забрзано угинување на микроорганизмите и рибите“, вели Ристовска-Шурбевска.

    Досега во велешко езеро не се случил поголем помор на риби, но има регистрирано повеќе помали случаи на угинати примероци на риба. За ова преку фотографии реагираа спортските риболовци.

    „Изумрениот биолошки материјал на површината доколку не се отстрани се таложи на дното и со текот на времето се претвора во тиња, а самото езеро во мочуриште. Овој процес е познат како стареење на езерата и се случува во Дојранско и Преспанско поради големата загуба на вода. Во велешкото е последица на зголемено присуство на азот и фосфор, приливот на овие елементи е од човекот, преку водите кои доаѓаат од сливното подрачје“, кажа Ристовска-Шурбевска.

    Ниту новите анализи на квалитетот на водата од Езерото Младост не носат промени. Водата не е за капење, наводнување, полевање и рекреација, оти по неа плива биомаса од изумрени маси на алги и трски. Додека не се открие со анализа на водата дали таму има цијанотоксини, таа е неупотреблива и некорисна. Веќе е познато дека има цијанобактерии, но не сите лачат цијанотоксини. И по една година од констатирањето на лошиот квалитет на водата, никој не презема мерки таа да се испита. Една анализа на четири параметри за присуство на цијанотоксини чини 110 евра во Институтот за јавно здравје во Белград.

    Микробиолошките анализи извршени од Центарот за јавно здравје во Велес на трите плажи од езерото покажуваат дека е добра, нема фекалии, а физичко-хемиските анализи дека има присуство на амонијак од петта највисока класа. Во македонската Уредба за класификација на водите нема која е горната граница за негово присуство. Според стручните лица, високото присуство на амонијак е резултат на распаѓањето на изумрените алги и трски во водата.

    Владата издвои 10 милиони денари за решавање на проблемот. Тие биле наменски, за бушотини за дотур на вода, чистење на површината и за промена на вентилот на браната. Општина Велес издвоила три милиони денари за чистење на коритото на Отовичка Река.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира