„ЈАДИ СИНЕ, НИКОЈ НЕМА ДА ТЕ ЗЕМЕ“, ВЕЛИ ТАТКОТО КОЈ ГО ЗГРИЖИ ДЕТЕТО СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВРЗАНО ЗА ДРВО И УШТЕ ТРИ НАПУШТЕНИ И МАЛТРЕТИРАНИ ДЕЦА

„ЈАДИ СИНЕ, НИКОЈ НЕМА ДА ТЕ ЗЕМЕ“, ВЕЛИ ТАТКОТО КОЈ ГО ЗГРИЖИ ДЕТЕТО СО ПОПРЕЧЕНОСТ ВРЗАНО ЗА ДРВО И УШТЕ ТРИ НАПУШТЕНИ И МАЛТРЕТИРАНИ ДЕЦАМу се смени ликот на детето изгладнувано, тепано и врзано за дрво во парк, а почна и попреченоста да му попушта по една година во згрижувачки дом. - Детето си игра со старателка од Центарот за социјални работи Ирина Кажиќ (Фото: К. Попов)

Тепаното дете со епилепсија, босо, гладно и врзано за дрво во Градскиот парк во Скопје, по една година во згрижувачко семејство, е среќно, најадено, медицински згрижено и си оди на училиште.

Живее со уште три машки деца, на возраст од 8 до 14 години, кои како него се напуштени деца што ги зела државата под старателство. Доверени се на Јоханес и Еве Шарлоте, брачната двојка која дневно слуша по дваесетина пати „мамо“ и „тато“ од четирите момчиња од мешана националност и од нивното, кое е на иста возраст. Оваа брачна двојка, наши повратници од Германија, вели дека не може да постигне да изнагушка деца на дневна основа, со оглед на тоа колкава љубов искажуваат, но и бараат да им се дава постојано, што е нормално за секое дете.

САКАМДАКАЖАМ.МК. пред точно една година пишуваше за десетгодишното момче и неговата петгодишна сестра, кои Центарот за социјални работи Скопје по пријава на случаен минувач, ги затекна и ги зеде од Градскиот парк во многу лоша состојба, едвај живи. Тие биле тепани, малтретирани, изгладнувани од раѓање, вошливи, со воспитна запоставеност, со слаба моторика и возраст која поради гладта, била многу под календарската.

По овој грозоморен случај, Центарот уверуваше дека децата се згрижени, медицинска нега им е пружена, дека за неколку месеца накачиле по 5-6 килограми и оти одлично се адаптираат во новата средина.

САКАМДАКАЖАМ.МК со намера да види што се случува со напуштените деца од родителите кога ќе бидат згрижени во семејство, во какви услови растат, одат ли на училиште, што јадат, каде спијат, како се однесуваат згрижувачите со нив, поднесе барање до ЦСР и доби дозвола да ги посети токму овие две деца, со оглед на тоа што момчето е со попреченост во развојот и не зборува.
Со попреченост е и сестричката, но во поблага форма од братот.

Еве го нахрани, бидејќи сам не може да јаде. Си касна убаво, до последното залче. (Фото: К. Попов)

Во згрижувачкиот дом, преубава куќа во Скопје, не пречека мајката Еве. Нејзиниот сопруг беше по детето, за да го земе од Гази Баба. Таму било со училиштето, на еднодневна екскурзија.

Посетата беше ненајавена, па децата се прибираа едно по едно од часови. Со нас беа старателките од Центарот за социјални работи, Теа Марошевиќ-Марковска и Ирина Кажиќ.

Директорката на Центарот Наташа Станојевиќ претходно ни кажа дека иако братот и сестрата мајка и татко ги викаат луѓето кај кои се згрижени, Теа и Ирина всушност се нивните законски старатели и тие го вршат надзорот врз децата.

Во топлиот дом на Еве и Јоханес се беше како под конец. Кога влеговме, завладеа тишина. Најмалото згрижено дете со замрзнат поглед гледаше право во нас, како да е спремно секој момент да „ни“ избега. Мислеше дека сме дојдени да го земеме. Неговиот поголем брат го гушкаше додека на Марошевиќ-Марковска ѝ раскажуваше дека чека класната да му даде книги, но според гласот што му затреперуваше, и тој беше исплашен да не ги однесеме од домот.

За кратко време додека муабетевме со децата за да им влееме доверба дека не сме дојдени по нив, влезе Јоханес со момчето. Насмевнат што ги виде своите дома, сигурен и видно среќен, детето зачекори кон нас само без помош од таткото. Нè гледаше со мили очи, се израдува прво на мајката Еве.

Таа го нахрани, бидејќи сам не може да јаде. Си касна убаво, до последното залче.

Старателките ни кажаа дека детето освен што физички напредува ден во ден откако е во семејството, тоа и ликот го има сменето комплетно. А Јоханес, за да покаже колкав удел имаат тој и сопругата во физичкото зајакнување, заигра со детето.
„Ајде тато да играме“, му рече тој. Детето како едвај да чекаше. Стана без двоумење, се фатија за рака, пуштија музика, заиграа двајцата. Старателките забележаа дека попреченоста попушта во делови. Дека детето иако не разбирало ништо кога го пронашле, сега ги разбира зборовите: дојди, стани, седни, јади, ајде во ве-це, тато, мама, да миеме раце, рацете во уста – не, и други зборови.

Неговите епилептични напади се ставени под контрола со неопходните медикаменти, а попреченоста на детето е главно во незборувањето. Затоа и учи во специјално училиште.

Додека му ракоплескавме дека напреднал многу физички и дека од ден на ден е сè поумен, едно дете во просторијата сè уште стоеше здрвено и не сакаше да гризне од бурекот.

„Јади сине, никој нема да те земе. Не се плаши, луѓево не се дојдени по тебе. Дошле да видат како сме“, го уверуваше Јохан најмалото згрижено дете кое не ни веруваше докрај.

Сакаше да нè избрка што побргу, па му излета неколку пати: „Чао“. Ние среде разговор, а тој успеа да нè посрами. Толку беше сладок. Му кажавме дека ќе си одиме ако почне да јаде.

Тогаш ја испразни чинијата за секунда.

Во згрижувачкиот дом четирите деца на горниот кат си имаат апартманчиња и посебна бања со тоалет. Неизбежно беше да прашаме и какви методи користат родителите-згрижувачи кога децата ќе направат беља. Јоханес ни кажа дека на таа возраст доволно е да им се укине гледање телевизија ако направиле проблем, ако не сакаат да си ја завршат домашната работа, или нејќат да учат, зашто секое од нив имало омилен музички и документарен канал, или телевизиска серија.

„Што за моето биолошко дете, тоа и за нив. Нема двоење“, велат Еве и Јоханес. За пуштање надвор и мешање со други деца, ни кажаа дека се претпазливи.

„Ајде тато да играме“, му рече Јохан. Детето како едвај да чекаше. Стана без двоумење, се фатија за рака, пуштија музика, заиграа двајцата. (Фото: К. Попов)

По некоја среќна случајност, кога лани момчето со попреченост беше најдено истоштено и едвај живо во Парк, во полициската станица се појавил негов матичен број. Затоа, тој сега има извод, здравствена книшка, бесплатна медицинска нега, прима и посебен додаток.

За разлика од него, сестричката не постои во системот. Мајката (со попреченост) не го знае нејзиниот датум на раѓање.

Шестгодишното девојче, кое исто така е со попреченост, е сместено во друго згрижувачко семејство во Скопје, со други девојчиња. Ирина Кажиќ е нејзина законска старателка. Вели дека толку убаво се адаптирала, што сега и таа е друг човек. Ова тепано и изгладнето дете сега има уште поголеми обравчиња од брат ѝ, одлично напредува. Постојано е дотерана, си игра, се дружи, вистинска убавица е станата.

ЦСР дал потврда за на училиште и таа ќе оди. Но, ова дете има голем проблем што ја нема во системот. Прегледите на матичен лекар приватно се поевтини, но специјалистичките што ги плаќа државата, се многу скапи.

„За неа е почната постапка за дополнителен упис во матична книга на родени. Мајката не го дава датумот на раѓање, почнуваме од нула. Ние за сите деца што ќе ги најдеме без матичен број, отвораме постапка за дополнителен упис во книгата на родени за да добијат извод и лични документи“, велат старателките Ирина и Теа.

Братот и сестрата се лица со попреченост и според проценките за здравствената состојба, тие живеат во различни згрижувачки семејства – машкото со други машки деца, девојчето со згрижени девојчиња. Кај здравите деца, друго е правилото, деца од исти родители се згрижуваат во исто семејство.

Директорката на Центарот за социјални работи Скопје Наташа Станојевиќ. (Фото: К. Попов)

Овие две деца првин ги напуштил таткото, а мајката ги запуштила. Ги малтретирал и тепал чичкото, кому таа му ги доверила.

На 28 јуни, случаен минувач во Градскиот парк забележал како возрасен маж тепа преслабо девојче со силни шамари. Потоа продолжил да ја удира по нозете. На дрвото до нив било врзано за ногата преслабо изнемоштено момче. Потресен од сликата што ја видел, граѓанинот случајот веднаш го пријавил на дежурниот телефон во Центарот за социјални работи Скопје, а оттаму се јавиле во полиција. Полицијата го уапсила на место возрасниот човек, а децата уште истиот ден (сабота) биле однесени во згрижувачко семејство.

„Обвинетиот – чичко на оштетените две деца, на 28 јуни 2020 година прифатил доверена обврска од мајката на децата, да ги надгледува додека таа била отсутна. Но, тој грубо ја запоставил својата должност за грижа и воспитување, па започнал да ги малтретира доверените деца. Истиот ден, околу 12.30 часот, тој на дрво во близина го врзал 10-годишното момче за стапалото со внатрешна гума од мопед. Врзаното дете – лице со посебни потреби и неразвиена моторика, не можело да се ослободи, па кон него се приближила неговата 5-годишна сестра во обид да му даде шише со течност за да се напие. Во тој момент, обвинетиот го нападнал и девојчето, најпрвин вербално, а потоа и физички – удирајќи ја по лицето и нозете“, напиша лани Обвинителството, кое го притвори и му поднесе обвинение на чичкото.

На мајката ѝ е одземено родителското право врз двете нејзини деца, кои конечно го најдоа својот мир во згрижувачки семејства, за жал, со многу подобри родители од нивните.

С. К. ДЕЛЕВСКА


ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира