Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди вознемирување на директорка на основно училиште во Прилеп врз основа на општествен статус во областа на работата и работните односи, од страна на родител од македонска националност кој одбивал детето да го запише во училиштето во Прилеп во чија близина живеел.
Тој треба писмено да ѝ се извини на директорката, но посебно и на учениците од ромска припадност во училиштето по вознемирувањето што го утврди КСЗД и против сите тамошни деца врз основа на етничка припадност во областа на образованието, во спротивно ќе биде даден пред надлежен суд.
Реонизацијата во Прилеп според која децата од македонската и од ромската припадност треба да учат заедно, а не да се сегрегираат, и натаму прави проблеми и одбивност кај дел од родителите, кои иако живеат во близина на „ромското“ школо, сакаат своите деца да ги запишат подалеку.
Подносителката на претставката, директорката, е Ромка. Таа наведува дека вршејќи ја својата работа во училиштето, во мај лани била вербално нападната од родителот на детето, кое требало да биде запишано во прво одделение во училиштето. Не сакал тоа да учи во училиште со деца од ромска етничка заедница.
„Ми упадна на работа. Ми се закани и мене и на семејството. Ми се обрати со следниве зборови: ‘Јас во Америка не сакав децата да ми учат со црнчишта, не па овде со ѓупчишта!’ Се вознемирија и колегите, а јас отидов во Итната медицинска помош во Болницата“, наведува директорката, која по ова ангажирала адвокат и случајот го пријавила во КСЗД, кој случајот го пријавил и во Полициската станица во Прилеп.
Потоа овој чин таа го пријавила и во Министерството за образование, во Државниот просветен инспекторат, во Општина Прилеп, а постапка била покрената и пред Основниот суд Прилеп.
Комисијата низ годиниве постапува по повеќе вакви случаи за дискриминација и вознемирување сторени кон Роми при упис во прво одделение во тамошните училишта.
С. К. ДЕЛЕВСКА



