Предлог-законот за заштита од пушење на 24 март ќе биде на седница на Влада и после тоа ќе биде процесуиран понатаму во Собранието. Сметам дека за не повеќе од месец, максимум месец и пол, законот ќе биде процесуиран, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу. Законот првично беше најавен дека ќе почне да се применува од 1 март, но беше одложен поради реакции и забелешки од угостителите и тутунската индустрија.
Алиу рече дека имале неколку состаноци со сите заинтересирани страни, сите забелешки се анализирани и од научна гледна точка и од аспект на економски, инфраструктурни, социјални, здравствени.
„Со задоволство можам да ви кажам дека сите отворени прашања се затворени веќе. Немаме некое прашање поврзано со законот коешто не е третирано и ценам дека многу брзо нашата земја ќе биде и препознаена и во Европа. Се надевам дека за две години исто така ќе имаме прес-конференција за намалување на пушачите во државата од 45% да се надеваме дека таргетот да се стави под 20 отсто“, рече денеска Алиу на прес-конференција за намалување на неонаталната смртност.
На новинарско прашање дали има некакви измени од првичното што беше понудено, во однос на барањата на угостителите кафеанските тераси да имаат две отворени страни, а не три, Алиу рече дека според Светската здравствена организација има дефинирани услови за тоа каде треба да има чист воздух. Направиле научна анализа како може и кои се максималните и минималните услови за да може просторот да се третира како простор за пушење или простор каде што не се дозволува пушење.
„Дојдовме до заклучок и од научната фела и од експертите во здравството дека со две отворени страни просторот, значи терасите, можат да се дозволат да се пуши, заради тоа што воздухот цури, се чисти воздухот внатре квалитетот на воздухот. Но, од друга страна и од економска гледна точка, знаете дека само во Скопје имаме над 7.000 угостители кои што имаат тераси. Според структурата на градот и во другите градови, но уште еднаш напоменувам, посебно во Скопје, поголем дел од тие угостителски објекти се со таква инфраструктура што е невозможно да има три страни отворени. На пример, во аголни и така натаму, кои што од едната и од другата страна имате објекти коишто вие не можете да срушите објект за да имате три страни отворени.
Ние затоа ставивме во законот да може и кровот да биде отворен и да се третира, бидејќи се докажа дека со третирање и на кровот како отворена страна, воздухот за неколку секунди се чисти. Но една од најголемите, ајде да кажеме, инфраструктурни зафати кои што треба да ги имаат сите бизниси кои се занимаваат со ваков тип на услуги, ќе мора, значи со закон ќе мора да направат влез во самиот угостителски објект кој што е одвоен од просторот каде што се пуши. Фактички, идејата на законот е да ги штитиме сите граѓани коишто не пушат, а да им одредиме место на граѓаните коишто пушат каде може тоа да се пуши. И со ова јас сум дефинитивно и како министер и како институција многу задоволен што секој наш граѓанин којшто не консумира цигари може да влезе во секој угостителски објект без да има пристап до местото, до просторот каде што се пуши“, рече Алиу.
Б. НЕСТОРОСКА



