Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го одбрани изборот на Трајко Славески за нов гувернер на Народната банка (НБРСМ), опишувајќи го како професор со меѓународно признание, личност која не може да се поврзе со никакви афери, криминал или корупција и експерт чиј израз не е обележан со партиска реторика. Славески е член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а во НБРСМ доаѓа од функцијата претседател на Советот на Град Скопје. Славески е предлог на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Квалификацијата воопшто не ја прифаќам, не се во право во однос на професорот Трајко Славески од многу причини. Прво, самиот Закон за Народна банка не предвидува услов пет години претходно (а во некои држави и десет години) да не сте биле на партиска функција, туку вели ‘во текот на мандатот да немате партиска функција‘“, изјави Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања на статистичката конференција „25 години родови податоци“, во организација на Државниот завод за статистика.
Таа смета дека проблемот со партизацијата се јавува кога на важни позиции доаѓаат неквалификувани, нестручни и некомпетентни лица, што, според неа, не е случај со Славески.
„Се работи за професор и тоа не професор од некои од интересните факултети или универзитети, туку за професор со признание ширум светот, со знаење, професор за кој не можете да врзете афера, криминали и корупција, професор кој не се препознава по партиски речник, а сме виделе и такви“, додаде претседателката.
Сиљановска-Давкова кажа и дека при одлучувањето меѓу кандидатите се водела од мислата на Платон, дека на одредена возраст, кога е постигнато сè во професијата, може да се постигне успех и во таква институција.
„Се работи за личност во чии зборови, ако ги анализирате, ретко ќе препознаете партиска реторика. И тоа ми беше исто така важно. Нам ни треба континуитет во знаење во оваа професија, ни треба докажана стручност и компетентност“, рече таа.
Единствената забелешка на претседателката не е кон Славески, туку кон законската одредба за седумгодишен мандат, оценувајќи го како многу долг. Таа се повика на Венецијанската комисија, која сугерира дека кај долгите мандати е добро да има само еден мандат, бидејќи 14 години се предолг период.
„Долго разговарав со сите кандидати, побарав да разговараат и со други, побарав мислење од луѓе. Да, некои критикуваат со право зашто има слобода во изразувањето, некои од нив се обидувам да ги разберам, но не ги разбирам хористите, една категорија партиски луѓе кои се на позицијата само зашто се во партија и друга категорија кои за себе мислат дека се ренесансни, сè знаат, никој не чини, сите ги критикуваат. Тоа не го разбирам“, вели Сиљановска-Давкова.
Собранието на 29 мај со 68 гласа „за“ и 16 „против“ го избра Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ за нов гувернер на Народната банка.
Славески, универзитетски професор на Економскиот факултет во Скопје, како партиски човек ја наследува Анита Бежовска-Ангеловска, експертка без политичка припадност, како што бара Законот за Народна банка за местото гувернер на централната банка. Беше министер за финансии во владата на Никола Груевски.
Со изборот на Славески, се партизира една од најважните институции во државата, критикуваше опозицијата.
Законот пропишува дека и вицегувернерот не смее да биде член на политичка партија.