На државен трошок отсега ќе може да се прават шест ин витро оплодувања, наместо три како што беше досега, и тие се бесплатни за граѓаните, кажа денеска директорот за Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски. Станува збор за повеќе измени на Закон за здравствена заштита на населението кои на 10 јули беа донесени во Собранието, на иницијатива на група пратеници во соработка со Министерството за здравство и Фондот.
„Првата измена е дека Биопотмогнатото оплодување (БПО), или популарно наречено ин витро, станува составен дел од основниот пакет за здравствена заштита. Се зголемува бројот на обиди на шест од постоечките три. Третата измена е дека се ослободуваат од партиципација за ин витро третмани, повторувам, овие третмани се бесплатни. Направени се и неколку измени во Фондот, го скраТивме периодот на чекање за одобрување на документи од три месеци на две недели. Тоа е важно скратување, имаме два пати неделно комисија која ќе прави одобрувања на барањата за БПО. Втората работа е намалување на администрацијата и воведување на дигитализацијата, комуникацијата со барателите е дигитализирана и ваучерот отсега ќе го добиваат дигитално. Досега го добиваа преку пошта и се случуваше да се изгуби“, кажа Клековски.
Лани имало 1.495 барања за ин витро, а во осумте центри во земјава каде е тоа достапно реализирани се 1.108 интервенции, во најголем дел за прво дете.
Директорот Клековски најави и дека на скопската Клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) ќе се формира банка за репродуктивен материјал.
Клековски кажа дека со измените, отсега Фондот нема да има двајца директори, како што беше одлучено во 2007, туку еден директор и еден заменик-директор, за јасно да биде концентрирана одговорноста. Така, заменикот-директор Бранко Аџигогов најави дека за лекувањата во странство веќе нема Второстепената комисија да биде контролор на одлуките на Првостепената комисија во однос на барањата. Постапките ќе ги следи Првостепената комисија, а Второстепената само жалбите.
„Веднаш по одлуката на првостепената комисија ќе може да се оди на лекување во странство. Жалбените постапки нема да се решаат во Министерството за здравство, туку во Државната комисија, бидејќи Министерството го нема капацитетот да одговора толку брзо. Одговорите на жалбите доцнеа со месеци. Оваа одлука стапува веднаш на сила и сите постапки ќе бидат пренесени од Министерството во Комисијата“, кажа Клековски.
Директорот на Фондот кажа и дека согласно барањата на ЕУ, почнат е процест на изедначување на правата на странските државјани со регулиран престој во земјава и тие да имаат државно здравствено осигурување. Следен чекор е измена на Законот за задолжително осигурување.
Б. НЕСТОРОСКА