НЕМАМЕ КОНЗЕРВАТОРИ ЗА ТЕКСТИЛ, А ЛУЃЕ НИ БАРААТ НОСИЈА СТАРА 130 ГОДИНИ ЗА НЕКОЈА ТРАЈАНКА ДА ЈА НОСИ НА МОДНА РЕВИЈА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈА

    НЕМАМЕ КОНЗЕРВАТОРИ ЗА ТЕКСТИЛ, А ЛУЃЕ НИ БАРААТ НОСИЈА СТАРА 130 ГОДИНИ ЗА НЕКОЈА ТРАЈАНКА ДА ЈА НОСИ НА МОДНА РЕВИЈА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА МУЗЕЈОТ НА МАКЕДОНИЈАВо минатото Македонија останала без вредни парчиња народна носија однесени од странски колекционери во туѓи музеи; - Од фестивалот „Илинденски денови“ во Битола. (Фото Д. Хаџи Коста Милевски)

    Македонија изобилува со вредни стари народни носии, но државата речиси и да нема стручњаци за конзервација на текстил. Музејот на Македонија денес ја чува најголемата музејска збирка на народни носии во државата, со 8.623 текстилни предмети и 87 комплетни носии изложени во постојаната етнолошка поставка, Но, дури ни таму нема конзерватор на текстил, вели директорот на Музејот Александар Ристевски.

    „За жал, низ годините, Музејот на Македонија не е баш во некоја сјајна состојба, тоа е нешто што се провлекува подолг период. Во институцијата имаме повеќе одделенија и централно конзерваторска лабораторија. Но, ние сме дефицитарни и немаме конзерватор за текстил, конзерваторот за дрво ни е блиску до пензија, имаме нешто за керамика и метал, среќен сум што од пред недела дена со преземање имаме колешка виш конзерватор за икони. Националниот конзерваторски центар имаше 5 конзерватори на икони, а не им требаа. Ние ја имаме галеријата на икони, најголемата збирка икони кај нас, и немавме конзерватор“, рече Ристевски на промоцијата на репринтот на „Албумот на македонски народни носии“ во рамки на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола.

    Тој додаде дека се труди местата да се пополнат со квалитетни кадри.

    „Одредени места не треба, туку мора да се пополнат. Не со кого било, туку со квалитетни луѓе за да не ни се случи ситуација како во филмот кога Мистер Бин беше кустос, па отиде во Америка и ја замачка сликата и нацрта нос со раката“, рече Ристевски.

    Ристевски, Јаневски и Тасевски на промоцијата на репринтот на „Албумот на македонски народни носии“ во рамки на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Покрај дефицитот на стручен кадар, тој го посочи и несериозниот однос на поединци кон носиите како културно наследство.

    „Ние неретко имаме и недоговорност кај луѓето кон носиите. Имаме носија стара 130 години и луѓето си земаат за право да прашаат дали може да ја позајмиме да ја носи Трајанка на модна ревија. А ние ја чуваме да не се скине и да не се оштети“, рече Ристевски.

    Промовираниот репринт беше од „Албумот на македонски народни носии“ од 1963 на цртежи со народни носи цртани од Олга Малахова и Олга Бенсон, а  уредничка е Вера Кличкова, основачка на Етнолошкиот музеј и пионерка во создавањето етнолошки филмови во Македонија. Дел од цртежите се стари и по сто години. Автор на новото издание е Благојче Тасевски од Музејот на Македонија.

    „Овој албум е библија за етнологијата, од него може многу да се научи и многу да се види. Има многу цртежи рачно направени. Содржи 100 табли од кои 60 цртежи сите на народни носии. Овој албум трба да биде во секоја македонска амбасада, треба да ја претставува Македонија“, рече Тасевски.

    Во минатото Македонија останала без вредни парчиња народна носија однесени од странски колекционери во туѓи музеи.

    „Првите примероци однесени од Македонија се во Санкт Петербург во 1865 година од страна на Стефан Верковиќ. Го однел дури и последниот зобан од Галичник за зет и невеста и е депониран во Музејот во Санкт Петербург, Русија. Следните години во 1903 Јелка Миш однела преку 70 предмети – кошули, везови во Хрватска. Дали ние и тогаш ќе имавме интерес? Не, тие ќе беа исфрлени и ќе ги немавме, сега барем ги имаме во некаква форма“, рече професорот д-р Владимир Јаневски, етнолог, истражувач и координатор на Семинарот за традиционална музика и игра на Фестивалот „Илинденски денови“.

    Јаневски кажа дека институциите во Хрватска се отворени за соработка.

    „Бараат стручни лица да одат да ги истражат зашто тие предмети не ги познаваат. Ние како етнолози можеме да направиме промени ако стојат погрешни податоци, како на пример, потекло. Во Хрватска музеите се сосема отворени да се коригира тоа, на пример, во Дубровник сите предмети од Македонија се водеа како косовски и тие го променија тоа без никаков проблем“, рече Јаневски.

    Речиси и да нема културна установа во Македонија која се соочува со недостаток на конзерватори, стручните лица алармираат дека ќе нема кој да го чува богатотото културно наследство, а Министерството за култура и туризам вели дека работи на „функционална анализа за секоја институција“. Лани во јуни, Од Министерството за култура, на нашето прашање каков е планот за да се реши овој проблем, ни рекоа дека недостатокот на конзерватори во културните институции не е нов проблем, туку дека е тоа е резултат на години негрижа, импровизации и несистемски пристап на претходните раководства.

    „Работиме на функционална анализа за секоја институција за конечно да ги согледаме реалните потреби и да имаме увид во тоа каков стручен кадар каде и зошто недостасува. Овојпат, се водиме реалните потреби на терен. Пред нас имаме јасна цел: стручни, обучени и посветени кадри кои ќе го чуваат и одржуваат македонското културно богатство. Вработувањата на конзерватори од сите аспекти е стратешка инвестиција во иднината на нашата држава. Затоа, покрај кадровските решенија, вложуваме и во образовниот систем и во реформи што ќе го вратат достоинството на културниот работник“, ни рекоа од Министерството за култура.

    Но, резултатите од евентуална реформа се уште не се видливи на терен.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира