ДЕТЕ СЕДИ ПОД КЛУЧ 22 ЧАСА НА ДЕН ВО ЗАТВОРОТ ИДРИЗОВО, ЗАШТО ПОПРАВНИОТ ДОМ „ТЕТОВО“ НЕМА ОГРАДА ЗА ДА ГИ ДЕЛИ МОМЧИЊАТА ОД ДЕВОЈЧИЊАТА

    ДЕТЕ СЕДИ ПОД КЛУЧ 22 ЧАСА НА ДЕН ВО ЗАТВОРОТ ИДРИЗОВО, ЗАШТО ПОПРАВНИОТ ДОМ „ТЕТОВО“ НЕМА ОГРАДА ЗА ДА ГИ ДЕЛИ МОМЧИЊАТА ОД ДЕВОЈЧИЊАТАЗаклученото девојче не посетува ни школо 7 месеци, бидејќи „Идризово“ не е затвор за деца. Чита книги по цел ден и гледа телевизија на ТВ што ѝ го донел татко ѝ .(Фото:СДК.МК)

    Девојче на возраст меѓу 14 и 15 години седи заклучено само во соба во женскиот дел во затворот во „Идризово“ за да не се помеша со возрасните осуденички, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Девојчето не може да биде сместено во воспитно-поправниот дом „Тетово“ во Волковија, затоа што таму уште не е ставена оградата која треба да ги одделува физички и визуелно момчињата од девојчињата со заштитни мерки.

    Судот кој му ја изрекол воспитно-поправната мерка на девојчето, го пратил на издржување во затворот „Идризово“, бидејќи нема каде.

    Народниот правобранител штом дознал, по сопствена иницијатива отворил предмет за детето кое не е ни осуденичка, а од јануари 2025 година само седи во затворот „Идризово“ во близина на осуденичките за тешки кривични дела.

    Советничката Васка Бајрамовска-Мустафа која го води одделот кај Народниот правобранител за правата на децата, вели дека во затворот нема никакви услови за престој, работа и ресоцијализација на деца. Најавува дека утре ќе оди во ВП Дом во Волковија, каде што има услови за издржување на воспитно-поправни мерки, има нови училници и спални, а објектот е полупразен, за да види што е проблемот што уште не се отвора таму делот за девојчиња и малолетнички.

    „Девојчето седи само, заклучено, 22 часа на ден. Не смее да дојде во контакт со осуденичките, полнолетни и возрасни жени. Излегува надвор да прошета само два часа на ден, кога осуденичките ќе бидат прибрани внатре и затворени. Седи во соба, а не во ќелија и таму јаде. Затворот ‘Идризово’ нема психолог како што има на пример вработен во ВП Дом во Волковија. Македонското здружение на млади правници испраќа психолог еднаш неделно да збори со девојчето“, вели Васка Бајрамовска – Мустафа.

    Заклученото девојче не посетува ни школо 7 месеци. На Бајрамовска-Мустафа ѝ кажало дека чита книги по цел ден и гледа телевизија. Имало еден телевизор, што ѝ го донел татко ѝ.

    Затворските службеници постојано на најмалиот свој жител му овозможуваат контакт со родителите, но толку можат околу неговата ресоцијализација, бидејќи затворот „Идризово“ не е за деца.

    „Детето не си ги знаеше своите права. Со преведувач ѝ кажавме дека прво мора да си ја прифати грешката поради која судот ѝ ја изрекол воспитната мерка и иднина да гледа да не ја повтори. Натаму, кога ќе излезе на слобода, што да бара од државата, што од Народниот правобранител, што од родителите. Ѝ кажавме дека има убаво место, цел објект само за неа во нова зграда, воспитно-поправен дом кој не е затвор и оти веднаш ќе одиме да ја убрзаме постапката за нејзино префрлување од ‘Идризово’ во тој дом, каде ќе биде и физички и визуелно одделена од нејзините врсници таму. Девојчето се развесели и ни рече супер, побрзо работете да ме префрлат таму“, вели Бајрамовска-Мустафа.

    Во моментов во целата држава, само ова девојче е со воспитно-поправна мерка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира