Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска вели дека не праќала тајни податоци на обвинет во случајот „Адитив“ туку тој ѝ бил семеен пријател и комуницирале како пријатели. Во писмената изјава која Димитровска ја испрати до медиумите вели дека секој е невин додека не се докаже спротивното.
Димитровска е осомничена заедно со уште две лица за незаконски дејства поврзани со обвинетите во големиот корупциски предмет „Адитив“, за проневера со набавка на адитиви од над 6 милиони евра за РЕК „Битола“. Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) велат дека е фатена како од мај до декември 2024 праќа податоци од ДКСК што се службена тајна, на еден од обвинетите, поранешен директор на ТЕЦ Неготино и сопственик на една од обвинетите фирми во големиот корупциски, односно случај на злоупотреби и на перење пари. Димитровска е третоосомничена во оваа најнова истрага.
„Мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот ‘Адитив’, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор по оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација. Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот ‘Адитив‘.Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација. За оваа моја комуникација изразувам жалење и укажувам дека е направена без никаква намера да влијаам на постапката или на било кој аспект на истрагата.Ова го тврдам одговорно“, вели Димитровска.
Димитровска вели дека целосно ќе соработува со надлежните правосудни органи и очекува брза и транспарентна разрешница на настанот.
„До конечно изјаснување на Обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство“, додава Димитриевска.
Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на осомниченоот лице. Со електронската распределба предметот не е доделен на Димитровска, која вели дека согласно утврдените правила таа нема никаква можност да влијае врз текот на постапката или врз исходот.
Димитровска стапи на функцијата во ДКСК на 8 февруари 2024.
Како осомничена во „Адитив“, таа е под судски мерки на претпазливост, добила и мерка од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за времено оддалечување од работното место додека трае истрагата. Односно, осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, воедно не може да гласа и да распределува предмети. Одземен ѝ е не само македонскиот пасош, туку и дипломатскиот пасош кој неа ексклузивно ѝ беше даден од Министерството за надворешни работи.
„Третоосомничената со умисла, како службено лице претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на лице обвинето во предметот ‘Адитив’ му направила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, како и одлуки за тие предмети, како и податоци за проверка на неговиот и на имотот на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, вели Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК).
Акцијата за апсење во предметот „Адитив“ почна лани во ноември. Главен осомничен е поранешниот директор на електрани на северна Македонија (ЕСМ) Васко Ковачевски, кој е во бегство. Беа извршени 77 претреси на локации во Битола, Неготино, Велес, Кичево и Скопје. За овој предмет за кој се чека обвинение, беа уапсени 22 лица, од кои осуммина се во притвор.