Судијата Ѓоко Ристов од Апелациониот суд Скопје во прелиминарните изјави пред судија на претходна постапка за притворот, кажал дека фатените непријавени 350.000 евра во дупка во ѕид во куќата во Неготино, му се од земјоделие.
На новинарски прашања на денешниот брифинг во Обвинителството за организиран криминал и корупција, беше кажано дека Ристов рекол оти стотиците илјади евра му се од садење и продавање грозје.
„Ќе видиме, може ќе покаже документ со доказ дека грозјето му било плаќано со банкноти од по 500 евра”, кажа обвинителката која ја води оваа досега најголема истрага за корупција во судството.
На прашање, таа исто кажа фатените пари не се знае дали се од предмети и конкретно од кои предмети што евентуално ги водел судијата Ристов, но оти Обвинителството работи со бројните сведоци и докази.
Хронолошки, истрагата тргнала од пријавени наводи во однос на судии во Апелација Скопје.
„Доаѓаат сведоци, кажуваат им се влијаело, па од предметите што се работат овде гледате дека навистина нешто се случува, па имате телефон што ќе ви се појави од некоја истрага, пример од некој затвореник, ќе го дадете во нашата лабораторија, ќе најдете интересни разговори меѓу затворениците… Не е само една дојава, туку се градеше мозаик околу 9 месеци. Контурите се исцртаа со истрагата против Љупчо Пецов-Ѓаволот, од предметот Синџир. Не било возможно да не влезе ни ден во притвор, туку одма да добие куќен притвор.”, одговараше таа на бројните прашања.
Не е само Фехми Стафа сведок дека му давал пари на судијата Ѓоко Ристов да го стави во куќен притвор Пецов. Се појавиле многу сведоци дека судијата им барал мито, сите биле проверувани.
Обвинителството ги охрабрува да пријават дури и граѓаните кои дале мито, што е поблаго кривично дело од примање мито, зашто вели дека има намера да ги искористи дозволените можности со закон, да ги заштити колку може.
И Стафа, како и Ристов, не бил под посебни истражни мерки, тврди обвинителството.
При неколку претреси на различни локации, не биле најдени парите. Но во куќата на родителите во Неготино, истражителите и полицијата на едно место забележале понов цемент, различна фуга и скршени плочки, како и различен звук со тропање.
„Со мало кршење се отвори дупка и почнаа да паѓаат пари, доминантно по 500 евра”, кажа обвинителката.
На прашање дали имал уште непријавен имот, таа одговори потврдно.
За кривичното дело Перење пари што му се става како сомневање, обвинителката рече дека не станува збор тука за класично пуштање во оптек на нелегално стекнати пари, туку дека овој член од КЗ опфаќа и “криење пари”, кој дел поретко се применува.
Истрагата и натаму ќе трае, дали ќе се бараат и други корумпирани судии, не се открива.
С. К. ДЕЛЕВСКА



