Место казна поради тоа што избега, беше распишана меѓународна потерница по него, а тој не дојде да биде испитан во истрагата, Обвинителството за поранешниот прв вицепремиер Артан Груби побара поблага мерка, односно го извади од притвор по нецели 20 часа и предлага за него куќен притвор.
Од Кривичниот суд соопштија дека судијата на претходна постапка го прифатил мислењето, односно предлогот на јавниот обвинител, и на Груби му одредил домашен притвор и 24-часовен надзор од МВР.
Тој е второосомничен во истрагата за проневера на над 8 милиони евра во „Државна лотарија“, за време на владеењето на ДУИ и СДСМ.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот, во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во Притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така, индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, соопшти Обвинителството.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје по добивањето на известувањето дека Груби доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, вели дека ќе ја продолжи постапката за него. Обвинител е Даниел Коцев.
„На барање на второосомничениот преку неговата одбрана, во текот на денешниот ден тој беше спроведен пред надлежниот обвинител каде вршеше увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови. По увидот, на второосомничениот ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана“, соопшти Скопското обвинителство под раководство на новиот главен обвинител Анел Фидоски.
Опозициониот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска по доаѓањето на Груби пешки на Блаце и носењето во притвор директно во Шутка, остро реагираше дека како што власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ го пушти да си замине во декември 2024 година, така и сега во договор со истата власт привилегираниот Груби се врати во Македонија.
Покрај Груби осомничен во овој случај е и Прпарим Бајрами, претседател на Управниот одбор и Генерален директор на „Државна лотарија“. И тој е во бегство.
С. К. ДЕЛЕВСКА



