Тина Тарнер, една од пионерките на рокенролот која подоцна стана поп ѕвезда, почина денеска на 83 години по долго боледување, во нејзиниот дом близу Цирих, Швајцаријa. Таа имаше здравствени проблеми изминативе неколку години, откако во 2016 ѝ беше дијагностициран рак, а во 2017 ѝ беше трансплантиран бубрег.
Тарнер се прослави заедно со сопругот Ајк во 1960-тите со песните меѓу кои и „Гордата Мери“ (Proud Mary). Се разведе од Ајк во 1978 по децениска врска во која тој ја тепал и малтретирал, по што стекна уште поголем успех како соло уметница во 1980-тите. Соул класиците и поп-хитовите како „Најдобар“ (The Best) и „Што има љубовта со тоа“ (What’s Love Got to Do With It) ја направија суперѕвезда.
Наречена кралица на рокенролот, Тина Тарнер беше славна по своите бурни и енергични сценски изведби и рапав, моќен вокал. Освои осум Греми награди и беше примена во Рокенрол куќата на славните во 2021 како соло пејачка, откако првпат беше примена заедно со Ајк во 1991.
Помладите ѕвезди кои се развиле под нејзиното влијание се Бијонсе, Џенет Џексон, Џенел Мона и Ријана.
Откако избега од насилникот Ајк, Тарнер ја обнови кариерата и стана една од најголемите поп и рок ѕвезди од 1980-тите и 1990-тите, со хитови како Let’s Stay Together, Steamy Windows, Private Dancer, темата за Џејмс Бонд „Златно око“ (GoldenEye), I Don’t Wanna Fight and It Takes Two, дует со Род Стјуарт.
Глумеше во филмот „Лудиот Макс“ од 1985 во кој главна тема беше уште едне нејзин хит „Не ни треба друг херој“ (We Don’t Need Another Hero) – и во рок операта „Томи“ на Ху од 1975, како Кралицата Есид.
Среќата ја најде со својот втор сопруг, германскиот музички директор Ервин Бац. Почнаа да се забавуваат во средината на 1980-тите, а се венчаа во 2013. Двојката живееше во Швајцарија, а Тарнер доби и швајцарско државјанство. Тој ѝ донираше бубрег во 2017, откако беше откриено дека боледува од бубрежна инсуфициенција.
Тарнер имаше и семејни трагедии – самоубиството на нејзиниот најстар син Крег во 2018. Неговиот татко беше поранешниот колега од бендот на Тарнер, Рејмонд Хил. Другиот син, Рони, чиј татко беше Ајк Тарнер, почина во 2022. Таа имаше и два посвоени сина, Ајк Џуниор и Мајкл, децата на Ајк од претходната врска.
Животната приказна на Тина беше тема на биографскиот филм од 1993 со наслов „Што има љубовта со тоа“, кој ѝ донесе на Анџела Басет номинација за Оскар за улогата на ѕвездата; како и на хит театарскиот мјузикл – соодветно насловен „Тина: Мјузиклот“. Таа исто така беше предмет на документарниот филм „Тина“ на Ејч-Би-О во 2021.
Во интервју за „Мари Клер“ за Јужна Африка во 2018, Тарнер рече: „Луѓето мислат дека мојот живот беше тежок, но мислам дека тоа беше прекрасно патување. Колку повеќе старееш, толку повеќе сфаќаш дека не е важно она што се случило, туку како се справуваш со тоа“.