ПОЧНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА АДМИНИСТРАТИВНИОТ СИСТЕМ, ТРГНУВА СО СИМНУВАЊЕ ЕЛЕКТРОНСКИ ДОКУМЕНТИ, КОИ НА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ИМ ВАЖАТ КАКО ДА ГИ ИЗВАДИЛЕ ОД ШАЛТЕР

    ПОЧНА ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА АДМИНИСТРАТИВНИОТ СИСТЕМ, ТРГНУВА СО СИМНУВАЊЕ ЕЛЕКТРОНСКИ ДОКУМЕНТИ, КОИ НА ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ИМ ВАЖАТ КАКО ДА ГИ ИЗВАДИЛЕ ОД ШАЛТЕРВо долниот десен агол на печатената форма на електронскиот документ ќе има QR-код, кој ја содржи локацијата каде што може да се добие оригиналот на електронскиот документ. (Фото: СДК.МК)

    Со најновите измени на Законот за електронски документи донесени на собраниската седница на 27 декември, граѓаните ќе може да си извадат, т.е. симнат и испечатат документи од електронска форма и притоа ќе им важат како оригинали, како да ги извадиле на шалтер.

    Притоа, ќе се внимава на злоупотреби и фалсификати, преку кјуар (QR) код кој ќе биде на испечатениот лист, а кој ќе мора институциите, односно примателите на документот, задолжително да го скенираат. Тоа ќе биде „синиот“, оригиналниот печат.

    „Секој јавен орган и/или приватно правно лице до кој се доставува печатена форма нa електронскиот документ, може да направи проверка на неговата валидност преку скенирање на кодот на долниот десен агол на печатената форма на електронскиот документ (QR-код), кој ја содржи локацијата каде што може да се добие оригиналот на електронскиот документ“, е клучната донесена законска измена.

    Целата оваа постапка за дигитализирање е пропишана во Законот за електронски документи, а во рок од 90 дена, ќе мора да се донесат и подзаконските акти. Предвидени се високи парични глоби за непочитување на новите правила, па има и такви кои изнесуваат по 10.000 и по 15.000 евра.

    Инспекцискиот надзор ќе ги изрекува тие глоби. Ќе реагира по пријава од граѓани ако нивните испечатени електронски документи некоја институција не им ги прифати. Овој инспекторат ќе биде под Министерството за дигитализација, кое прво превентивно ќе им испрати упатство на сите институции, за да знаат како ќе функционира процесот.

    Во Законот се наведени основни 22 задолженија на инспекторите и уште двапати по толку опишани нивни дејствија, преку кои се гледа дека процесот на дигитализација ќе се се врши под нивна палка и надзор и оти тие ќе бидат стожерот на овие долгоневоведени промени. Тие се гледаат токму преку задолженијата:

    Се додаваат три нови наслови и три нови членови 66-а, 66-б и 66-в, кои гласат: „Опфат на инспекцискиот надзор“

    Член 66-а: Инспекцискиот надзор над примената на одредбите од овој закон и другите прописи и општи акти донесени врз основа на овој закон опфаќа надзор над:

    1) правното дејство на електронските документи;

    2) исполнетоста на условите во однос на формата и задолжителните елементи на електронските документи;

    3) дигитализацијата хартиените документи;

    4) исполнетоста на условите на шемите за електронска идентификација;

    5) класификацијата на шемите за електронска идентификација;

    6) регистрацијата на давателите на доверливи услуги;

    7) употребата на шеми за електронска идентификација во електронска трговија и комуникација со јавен орган;

    8) исполнетоста на условите за нивоа на сигурност на шеми;

    9) исполнетоста на безбедносните услови што треба да ги исполнат издавачите на шемите за електронска идентификација;

    10) воспоставеноста на односот меѓу давателот на квалификувана доверлива услуга и корисниците;

    11) исполнетоста на условите за обезбедување на квалификувани доверливи услуги од страна на давателите на вакви услуги;

    12) исполнувањето на обврската за минималниот износ или видот на покритието на осигурување од ризикот од одговорност за штета причинета од страна на давателот на квалификувана доверлива услуга;

    13) верификување на податоците за физичко или правно лице пред издавање на квалификуван сертификат од страна на давателот на квалификувана доверлива услуга;

    14) упишувањето на правното лице кое е давател на квалификувана доверлива услуга во Регистарот;

    15) исполнетоста на условите на напредниот електронски печат;

    16) почитувањето на стандардите кои треба да ги содржат квалификуваните сертификати за електронски потпис и за електронски печат;

    17) водење и чување на евиденцијата на издадени и укинати сертификати за квалификуван електронски потпис, за електронски печат и за автентичност на веб страница;

    18) исполнетоста на условите за обезбедување на квалификувана услуга за валидација на квалификуван електронски потпис или квалификуван електронски печат;

    19) исполнетоста на условите за обезбедување на квалификувана доверлива услуга за зачувување на квалификувани електронски потписи или квалификувани електронски печати;

    20) исполнетоста на условите кои треба да ги исполни квалификуваниот електронски временски жиг;

    21) исполнетоста на условите за вршење на квалификувана електронска препорачана достава

    22) исполнетоста на условите и стандардите за електронско складирање на документи и за давање на услуга за електронско складирање на документи

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира