Голем проблем е што Македонија во овој момент задолжителна национална официјална скрининг програма за рак на дојка, рече Ана Марјановиќ од Здружението на пациенти со рак Хемаонко, на денешниот Розов пикник во скопскиот Градски парк, во чест на Месецот за борба против рак на дојка.
„Немаме официјален задоложителен скрининг, тоа е навистина проблем и ние веќе преговараме и правиме напори да стане задолжителен за сите граѓани од 40 до 69 години. Да стане задолжителен и за матичните лекари, тие да ја водат грижата за своите пациентки. Се преговара со тимовите од Клиниката за радиологија да се изнајдат доволно термини, тука има многу промени кои треба да настанат, но ние нема да се откажеме додека Македонија нема реална скрининг програма која ќе биде ефикасна, ќе бидат опфатени сите пациентки, ќе биде долгорочна и ќе даде вистински резултати“, кажа Марјановиќ.
Наведувајќи ги проблемите на онколошките пациенти, Марјановиќ рече дека е исто така проблем што по напипување на грутка, жените веднаш се испраќаат на Хирургија.
„Тоа е пракса која треба да се искорени, треба да профункционираат тумор-бордови и мултидицсиплинарните тимови. За да имаме тумор-бордови, ние треба да имаме скрининг програма“, рече таа.
- ОКОЛУ 60 ОТСТО ОД БОЛНИТЕ ПРАВАТ БИОПСИЈА НА ПРИВАТНО ЗА ПРВИЧНАТА ДИЈАГНОЗА ЗА РАК НА ДОЈКА, ВЕЛАТ ОД ЗДРУЖЕНИЕТО ХЕМАОНКО
- ЏАБЕ СКРИНИНГ ЗА РАК НА ДОЈКА И НА ГРЛО НА МАТКА КОГА РЕЗУЛТАТИТЕ МНОГУ ДОЦНАТ ИЛИ ВООПШТО ГИ НЕМА, ВЕЛИ ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА
На прес-конференцијата на 1 октомври, Марјановиќ кажа дека на Клиниката за онкологија и радиотерапија годишно се дијагностицираат околу 1.200 пациентки со рак на дојка, а околу 60 проценти од пациентите за првичната дијагноза односно за биопсија одат на приватно.
Марјановиќ рече дека она кое што е најпоразително за онколошките пациенти во Македонија, е што тие се соочуваат со навистина голем број на проблеми коишто од година на година како да растат, иако делумно се менуваат работите. Здружението направило анкета која, според Марјановиќ, е поразителна и во која се вклучиле 200 дијагностицирани пациенти.
Во јули, Државниот завод за ревизија објави извештај дека програмата на Министерството за здравство за рано откривање на малигни заболувања не го постигнува очекуваниот ефект, и покрај тоа што во 2023 за скрининг активности биле реализирани 22,9 милиони денари (околу 370 илјади евра).
Програмата опфаќа скрининг за рана детекција на рак на грло на матка, за рана детекција на рак на дојка, и за рана детекција на рак на дебело црево, национални студии за рак на дојка, рак на простата, рак на матка, рак на дебело црево и рак на црн дроб и активности за превенција и рана дијагностика на болести на црн дроб во рамките на новоотворениот Центар за болести на црн дроб.
Ревизијата утврди дека недостасуваат јасно дефинирани мерливи индикатори, опфатот на населението е низок, а дел од пациентките чекале долго или не добиле резултати од скринингот за рак на грло на матка и рак на дојка, што значително го намалува влијанието на превентивните мерки.
Б. НЕСТОРОСКА