ПУШТЕНА НОВА ДЕЛНИЦА ОД 17 КИЛОМЕТРИ ОД АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД

    ПУШТЕНА НОВА ДЕЛНИЦА ОД 17 КИЛОМЕТРИ ОД АВТОПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИДВо сообраќај е пуштена делницата Климештани-Охрид, која поминува низ 5 густо населени места, Мешеишта, Требеништа, Горинци, Оровник и Подмоље. (Фото: Влада на РСМ)

    Денеска беше пуштена во сообраќај делницата Климештани-Охрид, како уште 17 километри од автопатот Кичево-Охрид, кој е со вкупна должина од 57 километри. На пуштањето присуствуваше државна делегација на чело со премиерот Христијан Мицкоски.

    На 13 јули, после 11 години откако почна да се гради автопатот Кичево-Охрид, беа пуштени 20 километри на потегот од Врбјани до Ботун од автопатот, така што сега над 50 отсто од автопатот Кичево-Охрид се во сообраќај.

    Директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски, рече дека целата делница ќе биде пуштена во сообраќај наскоро, со мал прекин кај Требеништа. Кажа дека ова е една од најтешките делници за изградба досега, оти се работело на постоен асфалтен пат со многу кривини, а поминува низ 5 густо населени места, Мешеишта, Требеништа, Горинци, Оровник и Подмоље. За околу 100 жители чии куќи излегувале на патот се изградени пристапни патишта за излез на автопатот, а по седумгодишен застој, за една година се завршени и постапките за експропријација.

    Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски кажа дека најдоцна за два месеца ќе биде пуштена и клучката кај Требеништа, а до крајот на 2026 ќе биде готов и целиот автопат.

    „Овој автопат треба да се надоврзе на автопатот кој ќе оди од Букојчани до Кичево, за што има активна постапка за избор на изведувач, од Букојчани до Гостивар активно се работи и очекувам крајот на 2028, почеток на 2029 година да имаме целокупно автопатско решение кои ќе оди од Скопје-Тетово-Гостивар-Кичево-Стуга и Охрид“, рече Николоски.

    Автопатот почна да се гради во 2014, во време на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Никола Груевски, и сѐ уште не е завршен. Тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ вети дека новиот автопат ќе биде готов за 4 години, до 2018. Но, со доаѓањето на власт на СДСМ во 2017, беше кажано дека проектот е утнат, има еден куп нерешени проблеми на трасата. Првичниот проект претрпе промени поради несовпаѓање на проектираната и изведената траса, градежните активности беа сопрени, а цената за тоа ја плаќаат граѓаните и беше потпишан нов анекс-договор со кинеската фирма од дополнители 185 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира