Додатокот за трето дете ќе се укине, а ќе се дава еднократна помош за секое родено дете. Ова се предвидува со измените на Законот за заштита на децата, со кои се бришат членовите од Законот со кои беше предвидена помошта за трето дете.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека не станува збор за укинување на надоместокот, туку за унапредување на правото на користење на надоместок и на прво и на второ и на трето дете.
Предлог законот за измена и дополнување на Законот за заштита на децата е објавен на страната на Националниот електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Допрва треба да се разгледува на владина седница пред да се даде на усвојување во Собранието.
Со измените на Законот за детска заштита кој беше донесен во 2009 година, од владата на тогашниот премиер Никола Груевски, мајката добиваше 8.048 денари додаток за трето дете 10 години, а за родено четврто дете ако добива додаток за трето дете помошта е 11.267 денари во рок од 15 години.
Анализите во Министерството за труд и социјална политика како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК покажале дека оваа мерка не дала ефекти врз наталитетот, па затоа парите се пренаменуваат во други категории, односно кон оние групи граѓани кои се социјално загрозени. Податоците на Министерството покажале дека стапката на наталитет опаѓа, од 13,3 проценти во 2001 година до 11,1 проценти во 2016 година.
Откако измените на Законот ќе стапат на сила, додатокот нема веднаш да се укине. Ова право ќе го стекнат и родителите кои ќе добијат дете во рок од 10 месеци откако тој ќе биде усвоен. Оние родители кои веќе стекнале право за ваков надоместок нема да го загубат ова право, односно ќе продолжат да го остваруваат до завршување на период од 10 години за трето односно до 15 години за четврто дете.
„Со предложените законски измени не се укинува надоместокот за трето дете, туку се унапредува во право на користење на надоместок за прво, второ и трето дете. На овој начин се проширува правото на користење на еднократна парична помош за новороденче и се дава можност на истото и за второродено и за третородено дете. Исто така, се прави прогресивно зголемување на износот. За прво дете висината на еднократната парична помош предвидено е да изнесува 5.000 денари, за второ 20.000 денари, а за трето новороденче 60.000 денари“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Од таму објаснуваат дека семејства кои се со минимални приходи и корисници на социјална помош освен што ќе добиваат еднократна помош, ќе им се овозможува пристап на правото за детски и на образовен додаток, чија крајна цел е да се намали детската сиромаштија.
„Овој додаток бидејќи не беше наменет за сиромашните лица, додаток за трето дете добивале семејства кои се во многу добра економска состојба и немало никакво ограничување во однос на ова. Промените кои ги направивме ги отстрануваат овие проблеми и парите се насочени кон вистинските групи граѓани. Во држава со стапка на детска сиромаштија од близу 30 проценти, многу извори покажуваат дека не е целисходно да се издвојуваат толкави средства без притоа значително да се влијае на намалувањето на сиромаштијата“, додаваат од Министерството.
За исплата на родителскиот додаток за трето дете од буџетот на Министерството за труд и социјална политика во 2017 година се потрошени 38,7 милиони евра. Во 2017 година за трето дете додаток зеле 26.126 мајки, а за четврто 803.
А. АНТЕВСКА