Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) одбил да му даде 10.000 денари на член кој е вработен во Министерството за финансии, а кој преку тамошниот претставник му се обратил на Синдикатот за парична помош за која исполнувал услов. Не само што бил одбиен, туку решението му е дадено само два дена пред истекот на рокот за жалба, па не можел ни да го обжали.
Тој поднел претставка во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Комисијата утврдила директна дискриминација од Синдикатот на УПОЗ врз него.
Според претставката што ја има опишано Комисијата за дискриминација, подносителот на средината на октомври побарал од Солидарниот фонд на синдикатот на УПОЗ еднократна парична помош од 10.000 денари, по член 14 од правилникот, кој гарантира парична помош во случај на смрт на член на потесното семејство – мајка.
На крајот на месецот, преку порака на Вибер, на членот на УПОЗ кој веќе ја погребал мајка си, му бил испратен одговор дека неговото барање за еднократна парична помош се одбива, по член 15 од правилникот, кој вели дека паричната помош за почината мајка односно родител следува ако барателот не склучил брак и живее на истата адреса со починатиот, починатата.
Гревот на барателот е дека е женет, а живее на адресата на починатата мајка, во заедница. Комисијата смета дека овој човек е во понеповолна позиција за добивање еднократна помош од тие што се неоженети, а на кои им починал родител со кој живеат на иста адреса. Натаму, забележува дека во правилникот не се земени вонбрачните заедници, семејствата чии деца живеат со други роднини, а не со родители, натаму семејства со истополови двојки, со или без деца итн.
Комисијата донесе препораки, во кои се вели дека Синдикатот на УПОЗ веднаш да му ги одобри, осносно надомести ускратените средства што ги побарал подносителот на претставката. Натаму, овој Синдикат да донесе измени во правилникот за доделување парична помош во случај на смрт на член на потесно семејство согласно неутрални критериуми кои ќе ги имаат предвид сите различни видови семејства.
Ова ќе треба УПОЗ да го стори во рок од 3 месеци, за да не биде даден од Комисијата пред надлежен суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА