СУДОТ ГИ МАЛТРЕТИРА НЕЗАВИСНИТЕ КОИ СЕ ПРИНУДЕНИ ДА ФОРМИРААТ ПАРТИЈА ЗА ДА УЧЕСТВУВААТ НА ИЗБОРИ, НЕ ГИ ПРИЗНАВА ЕЛЕКТРОНСКИ ИЗВАДЕНИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА ЗА СОБИРАЊЕ ПОТПИСИ

    СУДОТ ГИ МАЛТРЕТИРА НЕЗАВИСНИТЕ КОИ СЕ ПРИНУДЕНИ ДА ФОРМИРААТ ПАРТИЈА ЗА ДА УЧЕСТВУВААТ НА ИЗБОРИ, НЕ ГИ ПРИЗНАВА ЕЛЕКТРОНСКИ ИЗВАДЕНИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА ЗА СОБИРАЊЕ ПОТПИСИПротест на Независни за Карпош против 17-катница во близина на болницата „8 Септември“. (Фото: СДК.МК)

    По Собранието, сега и Основниот граѓански суд Скопје ги блокира независните кандидати да учествуваат на локалните избори наесен, со тоа што не ги признава електронски извадените државјанства при собирање потписи за регистрирање партија, и бара печатени документи извадени лично од Управата за водење матични книги. 

    За да ги признае за валидни потребните 1.000 потписи за регистрација на политичка партија, Граѓанскиот суд бара сите 1.000 државјанства да бидат или во оригинал изваден од Матично или копии заверени на нотар.

    Тоа е во конфликт со Упатството на Министерството за дигитална трансформација од каде што велат дека документите извадени по електронски пат имаат важност на оригинали и не подлежат на верификација.

    Од судот ни одговорија дека го имаат предвид Упатството на Министерството за дигитална трансформација дека печатената форма на електронски документи издадени од јавни органи можат да се користат во постапки за остварување на права или добивање на услуги пред јавни органи или приватни правни лица, но дека при регистрација на политичка партија, судот секогаш се води од Законот за политички партии.

    „Во член 18 од наведениот Закон се предвидени условите за регистрација на политичка партија. Па така, во став 2 од наведениот член изричито е предвидено дека „Со барањето за запишување на политичката партија во Судскиот регистар се поднесува:…..“ , а во точка 7 од наведениот став е наведено „оригинали или фотокопии од уверенијата за државјанство на основачите заверени кај нотар“…“, велат од Основниот граѓански суд Скопје.

    Оттаму, за да формираат партија граѓанските иницијативи: Шанса за центар, Независни за Карпош и Зелените од Гази Баба, треба сите што ќе сакаат да се потпишат и да бидат основачи, да се малтретираат и да вадат државјанство од Матично, или да носат фотокопии и да ги заверуваат на нотар. 

    Борбата на големите партии да ги остават независните кандидати и листи надвор од изборниот процес, е жилава.

    Прво уште во времето на СДСМ големите партии здружно го сменија Изборниот законик и го кренаа прагот за собирање на потребни потписи за учество на независните кандидати и листи на избори,

    Потоа Уставниот суд ја укина таа одредба како неуставна и препорача да се донесат нови одредби. Бидејќи нема нови одредби, на следните избори можат да учествуваат само партии, поради што неколку граѓански иницијативи решија да формираат партија, за да имаат кандидати на локалните избори во октомври.

    Но, сега на пречка наидуваат во Граѓанскиот суд Скопје, кој и покрај фалбите на власта дека со дигитализација ги поедноставува процедурите на граѓаните, не сака да ги признае електронски извадените државјанства на тие потенцијални 1.000 потписници за основање на партијата.

    Големите партии по ова, здружно молчат и не ги спроведуваат насоките од Уставниот суд. Не им се ни збори за Изборниот законик, зашто им одговара независните да не учествуваат на избори.

    Од 15 јули до 15 август судот е на одмор, а според Законот за политички партии регистрацијата на политичката партија е во рок од 15 дена од моментот на доставување на целокупната документација.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира