„Работата ми беше прекината поради бременост и мајчинство, истата година кога добив награда за исклучителни академски достигнувања, по завршени докторски студии“, вели скопјанка, за чиј случај Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди дека ректор на приватен универзитет во Скопје извршил директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род, бременост и мајчинство во областа на работните односи.
Постапката е поведена по претставка заведена на 10 ноември 2025, во која подносителката навела дека како асистентка на правен факултет била изложена на дискриминаторски третман, кој кулминирал со непродолжување на нејзиниот договор за вработување во период кога била бремена. Според пријавата, во текот на целиот работен ангажман од октомври 2022 до октомври 2025, таа уредно ги извршувала своите работни обврски и активно придонесувала кон наставно-научниот процес.
„Она што јас го преживеав во осмиот месец од бременоста не сакам да го доживее ниту една жена, а богами ниту еден маж – во улога на сопруг, татко, иден татко. Токму затоа и ја покренав постапката, иако се сомневам дека ќе влијае врз ‘искусниот дискриминатор’ кому ова му е трето вакво поведение поради што и квалификаторно е уште потешка – повторена дискриминација. Јас денес, сепак, сум неизмерно среќна благодарение на Бога пред сè, со поддршка од семејството, пријателите и гинеколошкиот тим, да ја држам во раце мојата ќерка“, вели таа.
Подносителката наведува дека во декември 2024 се стекнала со титула доктор на правни науки, исполнувајќи ги условите за избор во звање доцент, при што ги надминала и потребните критериуми. Сепак, и покрај тоа, не било отворено соодветно работно место за нејзино унапредување, додека, според неа, во истиот период биле донесени одлуки за унапредување на машки колеги.
Дополнително, во претставката се наведува дека по стапување на новото раководство на универзитетот во 2023, работната средина се влошила, особено за жените вработени, кои се соочувале со несигурност и притисоци. Подносителката посочува и претходни случаи на прекин на работен однос на жени по породилно отсуство или по користење боледување за грижа на дете.
Клучниот момент, според наводите, се случил по нејзиното известување дека е бремена во април 2025. Таа тврди дека и покрај уверувањата дека нејзиниот договор ќе биде продолжен, во септември истата година добила усна, а потоа и писмена информација дека работниот однос нема да ѝ биде продолжен поради истек на договорот на определено време.
Подносителката наведува дека оваа одлука предизвикала сериозен стрес и здравствени последици, поради што била принудена да користи боледување и да побара медицинска помош. Таа смета дека вистинската причина за непродолжување на договорот е нејзината бременост, особено имајќи предвид дека во истиот период биле објавени огласи за нови вработувања, вклучително и за позиции во нејзината област.
Во пријавата таа наведува дека во комуникацијата со вработените, ректорот честопати се користел со фраза дека „законите се тоалет-хартија во Македонија“.
Од друга страна, од Универзитетот во одговорот наведуваат дека договорот на подносителката бил склучен на определено време од три години и дека истиот престанал да важи по сила на закон, отфрлајќи ги наводите за дискриминација како неосновани.
Според Комисијата, универзитетот не понудил доволно релевантни и објективни аргументи за да ја побие причинско-последичната врска меѓу бременоста и неповолниот третман. Во мислењето се наведува дека токму бременоста била одлучувачки фактор за непродолжување на работниот однос и за оневозможување на нејзино унапредување. Дополнително, Комисијата утврдила и вознемирување од страна на ректорот, преку несоодветни коментари и однесување поврзано со бременоста и мајчинството.
Особено значајно е што Комисијата констатирала дека ова не е изолиран случај, туку дел од поширок образец. Во претходни мислења веќе била утврдена дискриминација кон други жени вработени на истиот универзитет, што довело до заклучок за повторена дискриминација врз основа на пол и род. И во 2024, КСЗД утврди дека е сторена интерсекциска дискриминација од истиот универзитет кон шест вработени жени кои ги отпуштил овие жени без соодветни причини.
Со цел отстранување на последиците, Комисијата препорача Универзитетот во рок од 60 дена да ѝ надомести материјална и нематеријална штета на подносителката, како и да воспостави внатрешни политики за заштита од дискриминација на бремени работнички и мајки. Исто така, на ректорот му е препорачано во рок од 30 дена да упати писмено извинување за утврденото вознемирување.
Ако препораките не бидат исполнети, Комисијата најави дека ќе покрене прекршочна постапка пред надлежен суд.
„Одлуката ја добив на 10 март и до денес воопшто ме немаат контактирано за постапување по одлуката што налага компензација за материјалната и нематеријална штета, како и извинување“, ни изјави подносителката.
Б. НЕСТОРОСКА



