ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ОД 12 ВЕК, ПОЗНАТА КАКО МАКЕДОНСКАТА МОНА ЛИЗА, ИАКО РЕСТАВРИРАНА, УШТЕ НЕ СЕ ОТВАРА ОТИ НЕМА ДОМАР

    ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО ОД 12 ВЕК, ПОЗНАТА КАКО МАКЕДОНСКАТА МОНА ЛИЗА, ИАКО РЕСТАВРИРАНА, УШТЕ НЕ СЕ ОТВАРА ОТИ НЕМА ДОМАР„Свети Ѓорѓи“ од 12 век во преспанското село Курбиново е најпрепознатлива по фреската на ангелот на благовеститето што е пресликана на банкнотата од 50 денари и беше реставрирана со помош на грчки експерти за византологија од 2021 до 2024 година. (Фото: архива на СДК.МК)

    Верниците и туристите со години чекаа да се завршат административните постапки за заштита на црквата во Курбиново, па да заврши конзервацијата на ѕидното сликарство во внатрешноста, а сега чекаат да се најде човек кој ќе работи во храмот за тој да може да ги отвори вратите за посетители.

    Директорот на Завод и музеј Битола Зоран Николовски, институција под чија надлежност е заштитата на храмот “Св. Ѓорги“, одговарајќи  на новинарско прашање  при посетата на министерот за култура Зоран Љутков рече дека технички прием е направен, но се чека да се  ангажира лице кое би работело во црквата.

    Беше најавено дека црквата ќе се отвори на 9 декември минатата година, кога се прославува верскиот празник Свети Ѓорѓи, но во предвечерие на празникот отварањето на реновираниот културен споменик кој се реставрираше со помош на грчки конзерватори беше одложено на неодредено време.

    „Од Управата за културно наследство ни е сугерирано додека не се обезбеди лице и законска регулатива за да биде отворена црквата, се уште посетите да бидат само со најава и таа нема да биде отворена секојдневно. Имавме и работен состанок со градоначалникот од Ресен и разговорот беше на тема да се ангажира ,односно вработи некое лице од Ресен или околината на Курбиново кое ќе може да работи таму и ќе се исполнат сите услови да биде отворен за посетители. Немаме точна временска одредница, но очекуваме дека за скоро време тоа ќе биде, оти и нам ни е во интерес, а и туристите чекаат“, рече Николовски.

    Завршена е заштитата на ѕидното сликарство во внатрешниот дел на храмот за што беа преземени интензиви активности за време на претходната власт, а годинава се работи на конзервација и реставрација на архитектурата и фасадното сликарство.

    Црквата во Курбиново од 1191 година е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари. Овој црковен бисер е познат и како македонската Мона Лиза, поради живописот со особените сликарски остварувања и е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век.

    Заштита на ѕидното сликарство кое долги години беше под ризик да биде оштетено, се спроведе во изминатите четири години со средства на Министерството за култура и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција. Активностите се изведуваа додека со Завод и музеј Битола раководеше претходната директорка Мери Стојанова, а на терен заштитата ја спроведе грчки и македонски експертски тим.

    Завршена е заштитата на ѕидното сликарство во внатрешниот дел на храмот за што беа преземени интензиви активности за време на претходната власт, а годинава се работи на конзервација и реставрација на архитектурата и фасадното сликарство. (Фото: СДК.МК)

    Храмот подолго време помина оставен на забот на времето, со нарушена статика и пожолтени фрески. Заштитата долго време беше заглавена во проекти на хартија и долги административни постапки меѓу институциите, па народот имаше изгубено надеж дека ќе дојде денот кога ќе се спаси Ангелот од Курбиново.

    Во 2020 тогашната министерка за култура Ирена Стефоска го прогласи Курбиново за културно наследство во опасност, откако ѕидовите на некои места распукаа, а фреските пожолтеа, меѓу кои и ангелот на благовестието Гаврил. Договорот со експертите од Солун беше потпишан во јуни 2021. Тогаш беше отворена и посебна буџетска линија во Министерството за финансии: културно наследство во опасност.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    СЛЕДЕТЕ ГО И НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира