ГРЧКИ И МАКЕДОНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗАЕДНО ГО СПАСИЈА АНГЕЛОТ ОД КУРБИНОВО, ЗАВРШЕНА Е 80 ОТСТО ОД ЗАШТИТАТА НА ЦРКВАТА

    ГРЧКИ И МАКЕДОНСКИ ЕКСПЕРТИ ЗАЕДНО ГО СПАСИЈА АНГЕЛОТ ОД КУРБИНОВО, ЗАВРШЕНА Е 80 ОТСТО ОД ЗАШТИТАТА НА ЦРКВАТАГрчки и македонски експертски тим заедно спроведоа конзерваторски истражувања врз основа на кои се изработи проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство, a се очекува во првата половина на 2024 црквата комплетно да биде заштитена. (Фото: СДК.МК)

    Црквата „Свети Ѓорги“ од 12 век во преспанското село Курбиново е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот. Овој црковен бисер е познат и како македонската Мона Лиза поради живописот со особените сликарски остварувања и е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12 век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    Долги години црквата беше оставена на забот на времето, објектот со нарушена статика, а фреските пожолтени. Заштитата беше заглавена во проекти на хартија и долги административни постапки меѓу институциите, па народот имаше изгубено надеж дека ќе дојде денот кога ќе се спаси Ангелот од Курбиново.

    Заштитата беше заглавена во проекти на хартија и долги административни постапки меѓу институциите, па народот имаше изгубено надеж дека ќе дојде денот кога ќе се спаси Ангелот од Курбиново.  (Фото: СДК.МК)

    Работите почнаа да се менуваат пред три години, кога беше склучен Меморандумот за соработка меѓу Завод и музеј Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција. Грчки и македонски експертски тим заедно спроведоа конзерваторски истражувања врз основа на кои се изработи проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство.

    Грчки и македонски експертски тим заедно спроведоа конзерваторски истражувања врз основа на кои се изработи проект за конзервација и реставрација на ѕидното сликарство. (Фото: Завод и Музеј Битола)

    Денес, 80 отсто од заштитата е завршена, а активностите продолжуваат штом дозволи времето, односно се очекува во првата половина на 2024 црквата комплетно да биде заштитена.

    Грчкиот тим на експерти имаше можност да користи напредни методи и техники на работа во големи размери како ретко кога претходно.

    Грчкиот тим на експерти имаше можност да користи напредни методи и техники на работа во големи размери како ретко кога претходно. (Фото: Завод и Музеј Битола)

    „Во конзервацијата на фреските на Курбиново, нашиот тим ги користеше најнапредните методи во документирањето на патологијата, како и најнапредните технолошки алатки во толку големи размери, што Курбиново го сметаме за студија на случај за најмногу добро проучен споменик на византискиот свет. Целиот проект е спроведен во многу позитивна и продуктивна рамка. Соработката со колегите од Битола беше одлична и се засноваше на меѓусебно почитување. Резултатите од истражувањата беа збогатени со архитектонски цртежи, планови, фотографии, тематски карти и дополнителни согледувања. Резултатот од оваа билатерална соработка беше исклучително успешен. Во текот на целиот проект разменивме ставови, мислења и развивавме дискусии за методите што беа користени при конзервацијата на овие извонредни фрески од 12 век“, вели д-р Флора Карајани, византолог и директорка на Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун.

    Резултатите од истражувањата беа збогатени со архитектонски цртежи, планови, фотографии, тематски карти и дополнителни согледувања. (Фото: Завод и Музеј Битола)

    Конзерваторските истражувања беа спроведени со примена на неинвазивни дијагностички техники. Беше применета најнапредна апаратура од ласерско скенирање на ѕидното сликарство, фотографирање со тангенцијално странично осветлување, па ултравиолетова фотофлуоресценција, снимање со ннфрацрвена камера, примена на XRF спекторскопска техника со портабл апарат за испитување на површините со можни преслики или издвојување на авторскиот ракопис, идентификација на постари и поново употребени пигменти, индиректно утврдување на одредени интервенции, анализа на влажноста со даталогер и друго.

    Работите почнаа да се менуваат пред три години, кога беше склучен Меморандумот за соработка меѓу Завод и музеј Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција. (Фото: СДК.МК)

    „Применетите аналитички техники во конзерваторските истражувања не се непознати во конзерваторската пракса во Македонија, само што ускратени се можностите за нивната употреба или достапност. Истото се однесува и на примената на методите и материјалите за конзервација и реставрација со минимални отстапувања во однос на конзерваторската пракса“, вели раководителката на проектот, м-р Оливера Макриевска, историчарка на уметност, конзерваторка-советник од Завод и музеј – Битола.

    Двата тима укажуваат на тоа дека учеле еден од друг, а дел од методите и техниките немале можност претходно да ги применат во толкав степен каков што е случајот со Курбиново.

    „Во рамки на конзервација и реставрацијате на ѕидното сликарство, а со цел минимизирање на причините за нивното понатамошно оштетување, отстранети се дотраени казеински опшивки, обезбедување на живописот со опшивање на површините со ѕидно сликарство, отстранување на дотраени китови од претходните конзерваторски интервенции и на нивно место нанесени се нови, малтерисување кај површините со отпаднато автентично ѕидно сликарство од поголем обем. Материјалите кои што се користеа за опшивање, китирање и малтерисување беа од типот на варови малтери поради нивната приближна усогласеност со употребените оригинални материјали“, вели Макриевска.

    Двата тима укажуваат на тоа дека учеле еден од друг, а дел од методите и техниките немале можност претходно да ги применат во толкав степен каков што е случајот со Курбиново. (Фото: СДК.МК)

    Таа посочува дека за зацврстување на нестабилните подлоги на ѕидното сликарство беше применет методот на микроинјектирање (вбризгување), а беа утврдени одвојувања, празнини, испакнати делови. Беа употребени и течни варови за усогласување со оригиналните употребени материјали. Стабилизирање на боениот слој беше направено со методот на фиксирање. Чистење на живописот од наслаги се вршеше по сув и воден пат врз база на вода. Применет е етички пристап во процесот на чистењето на наслаги од различен карактер имајќи во предвид дека целта на чистењето е да се зачува заштитната и посакуваната патина на фрескоживописот. Визуелното ускаладување со примена на методот на ретуш ќе биде спроведена во текот на годинава.

    Во меѓувреме, по долги години патот до црквата доби нов асфалт. Клучот од црквата веќе не е кај месното на насление, туку во Завод и музеј во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Професионалните проекти за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на споменикот се одвиваа во различни фази од 1958 до денес. Постојат податоци за постарите интервенции но, за жал, малку за употребените материјали. Очигледно е дека честите интервенции дополнително придонеле за физичкото оштетување на фреските и претставуваа опасност за хемиската и физичката стабилност.

    „Пред две години, започна заедничкиот пат на експертите од двете соседни земји кои за првпат се среќаваат на вака високо ниво. Заедничката работа на колегите од Солун и Битола ни донесе високостручна конзервација на фрескоживописот од 12 век и на оригиналните фрески, меѓу кои и онаа на Архангел Гаврил. Сведочиме на резултати кои со децении ги посакувавме, а ги добивме токму сега. Храмот конечно добива долгорочна заштита, а византиското културно богатство достојна грижа и афирмација“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Средства за проектот беа издвоени токму од Министерството за култура.

    Сепак, иако лани летото беше најавено дека до крајот на 2023 година ќе заврши комплетната реставрација на црквата, вториот дел од заштитата на ѕидното сликарство останува за годинава. Од Завод и музеј велат дека 80 проценти од фрескоживописот е завршен и дека работа ќе се доврши годинава.

    Во меѓувреме, по долги години патот до црквата доби нов асфалт. Клучот од црквата веќе не е кај месното на насление, туку во Завод и музеј во Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира