Ученик од општинското основно училиште „Свети Климент Охридски“ од Миравци бил дискриминиран од наставничката, директорката, педагогот, зашто неговата фризура не им се допаѓала. Не помогнале ни убедувањата од детето дека фризурата е модерна и оти неа ја носат и соиграчи од фудбалскиот клуб каде што тренирало.
Расплакано, самото со ножици ја испосекло косата во знак на револт и така отишло на училиште.
Мајката ова малтретирање го пријавила во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во септември. Комисијата пред една недела утврдила директна дискриминација на ООУ „Свети Климент Охридски“ врз ова дете, врз основа на род во областа на образованието.
Комисијата за овој несекојдневен предмет пишува дека мајката на почетокот на септември од страна на училиштето била известена дека нејзиниот син треба да дојде на училиште „среден“ во косата. Навела притоа дека детето немало долга коса.
На 1 септември 2024 година таа го испратила синот во училиште со коса средена во опавче, со цел да изгледа уредно. Истиот ден директорката на училиштето усно ѝ наредила на класната да го отстрани опавчето на детето и да ја извести неговата мајка следниот ден детето да ѝ биде со „средена“ фризура на училиште.
Детето не кажало дома за инцидентот, но попладнето мајка му добила повик по телефон од класната. Таа ѝ кажала оти претходниот ден тоа било на фризер, но не сакало да му ги скратат шишките, туку само странично.
Откако го слушнало разговорот на мајка му со класната, детето земало ножички и плачејќи, самото си ја скратило косата над очите. Следниот ден, на 2 септември, ученикот отишол без да ја поправи на фризер, но за разлика од претходниот ден, сега не ја собрал.
Вознемирена, мајката самата побарала разговор со директорката, да види зошто нејзиниот син го сметаат за неуреден. Таа ѝ кажала оти школото има кодекс на однесување и кодекс на облекување. Мајката прашала каде било пишано конкретното правило за косата, бидејќи сметала оти тоа е дискриминаторско, а патем фризурата е лична работа.
Дополнително, мајката ѝ посочила на директорката дека истата фризура ја имал еден од вработените, а и девојче од 9-то одделение, од истото училиште. Но, од страна на педагогот мајката била предупредена оти ако не ја средело фризурата, детето нејзино ќе добие укор, што е мерка пред бркање од училиште.
„Подносителката на претставката објаснила дека фризурата на детето е моден тренд меѓу сите деца во фудбалскиот клуб каде игра и нејзиното, и дека ако е неопходно, ќе го запише во друго училиште. На ова педагогот ѝ одговорила со викање: ‘Ајде пробај, ако мислиш дека можеш и дека е толку лесно. Јас сум работела во три училишта, нигде не е дозволена таква фризура!’ “, ја цитира Комисијата поднесената претставка.
Училиштето одговорило дека се труди да обезбеди најповолни услови и средина за сите деца. Вели дека е отворено за комуникација со родителката, за да се надмине ситуацијата и да се најде конструктивно решение околу фризурата на нејзиното дете. Кажува дека ја викнале мајката добронамерно да ѝ укажат ученикот да доаѓа на училиште со „средена“ фризура. И оти од педагогот ѝ било укажано дека учениците треба да ги почитуваат Правилниците и Куќниот ред на училиштето, но не било кажано оти за одредена фризура следува укор.
Додале и дека по поднесената претставка од мајката, во ноември бил одржан наставнички совет, на кој била укината точката 12 од Куќниот ред, која била за пристојно облекување и за пристојна фризура на учениците.
Мајката случајот го пријавила и пред Народниот правобранител.
Во одлуката за утврдена дискриминација, Комисијата дава и задолжителни препораки за училиштето.
„Се препорачува ООУ ‘Свети Климент Охридски’ – Миравци да се воздржи од родово-стереотипни дејствија и донесување на родово-стереотипни правила за однесување во училиштето, како во случајот. Се препорачува училиштето да ги ревидира интерните акти како куќниот ред, од аспект на родова еднаквост, со цел преку нив да се промовира родова еднаквост, место родови стереотипи“, стои во препораката на КСЗД и се додава дека во спротивно, училиштето во Миравци ќе биде пријавено пред суд.
С. К. ДЕЛЕВСКА