Четириесет организации од Македонија, Албанија и други земји од Европа велат дека се ужаснати од одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кој денеска им додели уште една година грејс-период на Македонија и Албанија, наместо да го впише Охридскиот Регион во Листата на светско наследство во опасност.
Во заедничка изјава, испратена веднаш по усвојувањето на одлуката во Париз, организациите обвинуваат дека Комитетот повторно ги игнорирал препораките на експертите.
„Комитетот за светско наследство беше информиран за загрижувачката трансформација на доброто пред повеќе од две децении. Дваесет и две години подоцна и откако три мисии алармираа дека Охридскиот Регион е де факто Светско наследство во опасност, Комитетот повторно одлучи да ги игнорира експертите и да го награди непочитувањето на Конвенцијата со уште една шанса“, се вели во реакцијата.
- ОХРИД ДОБИ УШТЕ ЕДНА ГОДИНА ДА СЕ СПАСИ ОД СТАВАЊЕ НА ЛИСТАТА НА УНЕСКО НА ЗАГРОЗЕНИ СВЕТСКИ НАСЛЕДСТВА
- ОХРИДСКИОТ РЕГИОН КОНЕЧНО ДА БИДЕ ВПИШАН ВО ЛИСТАТА НА СВЕТСКИ НАСЛЕДСТВА ВО ОПАСНОСТ ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ, БАРААТ ОД УНЕСКО 40 ОРГАНИЗАЦИИ ОД ЕВРОПА
- АКО НЕ САКААТ ОПШТИНИТЕ, ДРЖАВАТА ЌЕ ГИ РУШИ ДИВОГРАДБИТЕ ВО ОХРИД И ВО ДРУГИТЕ ЗАШТИТЕНИ ПОДРАЧЈА, МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ РАСПИША ТЕНДЕР ЗА УРИВАЊЕ
Според нив, времето кое претходно било дадено само охрабрило нови деструктивни проекти, што го потврдила и мисијата во 2024 година.
„Немаме никаква причина да веруваме дека овој пат ќе биде поинаку. Сметаме дека со оваа одлука Комитетот ги изневери принципите врз кои е формиран и активно ја поткопа самата суштина на Конвенцијата за светско наследство“, велат организациите.
Тие бараат од двете земји „овој пат да ја третираат подарената шанса со одговорност“ и итно да ги стопираат и откажат сите тековни и нереализирани деструктивни проекти.
„Ужаснати сме од одлуката, но ќе продолжиме да се бориме за зачувување на Охридскиот Регион“, велат организациите.
Станува збор за 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, 1 европска мрежа од 15 организации и 9 организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претходната власт е виновна што не се исполнети обврските кон УНЕСКО.
„Со една координирана интер-секторска дипломатска активност успеавме да добиеме дополнителен период и да почнеме со имплементирање на тие препораки. За таа цел, Министерството за транспорт распиша оглас и ќе ангажираме фирма која што овие дивоградби, посебно во Охрид, а посебно оние дивоградби кои што имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти, ќе бидат срушени, и со тоа ќе ги извадиме на површина лицата кои што ги злоупотребуваат. А не треба на јавноста, и на вас, да ви кажувам кој е главниот протагонист во таа злоупотреба, посебно во Охридско-струшкиот регион“, рече Мицкоски и додаде:
„Не само што не ги започна, туку и луѓе блиски до политичките партии од претходната Влада, продолжија да ги злоупотребуваат познанствата со поединци блиски во претходната Влада. Па така, некои од одобренија за реконструкции правата нови згради — да речеме, во центарот на Охрид. Понатаму, тој извештај за кој што станува збор се однесува на периодот од 2017 до март месец 2024 година, и препораката беше за тој период“.
Во овој периодот 2027-2025, ОД СДСМ беа градоначалници Јован Стојановски (2017-2018) и Константин Георгиески (2018-2021), а од 2021 досега градоначалник е Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ. Токму локалната власт ги издава дозволите за градба и треба да ги урива дивоградбите.