Епохалното откритие на архајското богатство од Корошишта, Струшко предизвикува голем интерес низ Европа, вели директорката на Археолошкиот локалитет на Македонија, Магдалена Манаскова. Перо Арџанлиев, кустос-советник и раководител на проектот, вели дека во 2020 за време на земјени работи во близина на селото Корошишта сосема случајно беше направено извонредно археолошко откритие – беа откриени бронзен шлем и фрагменти од бронзен сад. Овие наоди поттикнаа понатамошно истражување, а во 2024 археолозите од Археолошкио музеј започнаа систематски ископувања.
Најголем дел од наодите во рекордно време беа конзервирани и денес можат да се видат во новата постојана поставка во Археолошкиот музеј. Станува збор за 123 предмети, дел од нив се изложени, а другите меѓу кои се поголемите бронзени предмети, конзервацијата уште е во тек.
„Колегата д-р Перо Арџанлиев минатиот месец беше во Прага на конференција, сега е поканет во Грција. Откритието предизвiкиува интерес во цела Европа. Важно е да се продолжи со понатамошни финансирања и се надеваме на уште резултати“, ни рече Манаскова.
Она што беше откриено, вели Арџанлиев, е архајска некропола што датира од 6 век пр.н.е., сместена на само 5 км северозападно од познатата некропола Требеништа. И покрај тоа што е новооткриена, според богатите наоди, но и импозантната гробна архитектура, оваа некропола целосно може да се натпреварува со Требеништа по значење.
Минатата недела, на седница на Владата беше усвоена информацијата за локалитетот која ја доставува Министерството за култура. Манаскова вели тоа значи дека Владата се запозна со значењето на откритието, дека како информација не навлегува во некоја друга експликација на истражувањата, освен дека се работи за откритие кое може да се случи еднаш во 100 години. Информацијата се однесува на тоа дека е потребно и понатаму да се продоложат истажувањата, но во поголем обем отколку што вообичаено се издвојуваат средства за истражување.

Директорката Манаскова на отворањето на новата постојана поставка во Археолошкиот музеј во септември годинава. (Фото: Археолошки музеј)
„Најголема причина што дури сега помина на Влада е тоа што локалитетот не беше регистриран како локалитет, сега веќе си доби регистрација, меѓутоа е на едно пошироко подрачје кое во најголем дел е во приватна сопственост и за да се истражува таму, процедурата е малку посложена отколку кога истражуваме на земјиште во државна сопственост. Затоа што мора да се обезбеди дозвола од сопствениците на земјиштето и мора на нив да им се исплати одреден надомест. Во случајов, се работи за земјиште кое го користат, таму садат, го обработуваат, тоа е обработливо земјиште. И затоа потенциравме колку е важно тоа што сопственикот прво сам пријавува случаен наод, така почнува целата приказна, па потоа при теренски рекогносцирања од наша страна во соработка со Завод и Музеј Охрид се добиваат првичните сознанија дека тоа не е каков било локалитет. Тие сознанија се потврдија и се откри едно импозантно погребување“, вели Манаскова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Годинава работеле на истиот локалитет, но целта им била поинаква, т. е. да ги утврдат границите на локалитетот како се простира некрополата. Се работеле истражувања на почвата затоа што, како што вели директорката, пред да се пристапи кон геоскенирање, кое им е предвидено за работа, не може да си дозволат каде било да поставуват сонда.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков со Арџанлиев лани во Охрид. (Фото: СДК.МК)
„Затоа што каде и да решиме да поставиме, мора да им платиме на сопствениците. Пред да се направи тоа, мора да се утврдат границите на локалитетот каде од прилика се протега некрополата затоа што и геоскенирањето чини пари. Колкава површина ќе се скенира и тоа мора да се предвиди во буџетот. Информацијата се однесува на тоа Владата да биде информирана дека во перспектива во следниве неколку години ќе го работиме тој локалитет“, додава директорката.
Арџанлиев вели дека досега се откриени две гробници. Гробницата 2 се издвојува со својата голема правоаголна структура (7 на 4,5 метри), внимателно изградена со масивни камења. Гробните прилози се извонредни: бронзен шлем со златни украси, бронзен штит, златен надградник , златен прстен и златни фолии, сребрени игли и садови, килибарни мониста, теракотни фигурини и неколку бронзени садови, вклучувајќи каулдрон, поданиптер и оинохое.
„Ова откритие ја потврдува важноста на Охридско-Струшкиот Регион во архајскиот период. Заедно со претходно истражените некрополи во Требеништа, Радолишта, Делогожда и Горна Порта (Лихнидос), Корошишта ја надополнува сликата за просперитетен културен и политички центар – споредлив со регионот околу Термајскиот Залив, лулката на античкото Македонско кралство“, рече Арџанлиев.
Б. НЕСТОРОСКА



