Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое има специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници, кои имаат одговорност за доведување до катастрофален пожар во нестандардната дискотека во Кочани во која загинаа 59 лица главно на возраст од 14-25 години, а повредени се 178 од кои 20 се деца.
Според дејствијата опишани во наредбата постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, казниви од 3 до 20 години затвор.
„Kако службени лица вработени во СВР Штип и полициска станица Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.03.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди. Ценејќи дека се исполнети условите јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за сите седум лица“, соопшти Обвинителството за организиран криминал и корупција.
На 16 март околу 2 часот импровизираната дискотека обложена со лесно запаливи материјали, се запали од пиротехничките средства среде концерт на групата ДНК. Без доволно противпожарни апарати и со само една место 5 излезни врати како што бара законот, загинаа или тешко се повредени над половина од 500-те гости на концертот.
С. К. ДЕЛЕВСКА