Еден полицаец за година и пол четири пати сменил матичен лекар за да може да вади боледувања, е еден од примерите за злоупотреби кои денеска ги наведе директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
На барање на Министерството за внатрешни работи (МВР), Фондот контролираше 80 лица со вкупно 514 боледувања. Од нив, 258 боледувања биле до 7 дена, 171 до 15 дена и 83 траеле 30 или повеќе дена.
„Ова е важно затоа што само тие над 15 дена влегуваат во полето на внимание на Фондот за здравствено осигурување, бидејќи над 15 дена треба да бидат упатени на комисија“, кажа Клековски. Најчестите дијагнози за боледувањата биле респираторни болести, проблеми со мускулниот систем и дигестивни пречки.
Од 80 контролирани лица, кај 29 лица (37%) се утврдени неправилности. Од вкупно 514 боледувања, 100 биле неуредно издадени, што е речиси секое петто боледување.
„Контролирани се 105 приватни здравствени установи, претежно ординации по општа медицина, меѓутоа има и гинеколози и стоматолози – и констатирани се неправилности кај 29 приватно-здравствени установи (ПЗУ. Значи, во овие 29 ПЗУ биле издадени овие 100 неуредни боледувања. Меѓутоа, неправилности се констатирани и кај три специјалисти во јавни здравствени установи. Значи, тоа се боледувања издадени врз основа на специјалистички извештај. Исто така се констатирани неправилности во издавањето кај две лекарски комисии во два града. Најчесто се работи за неисполнување на задолжителни дијагностички постапки. Чисто како илустрација: ако е лумбаго, треба да има рендген за да се потврди дека е лумбаго. Има такви типови на недостатоци, меѓутоа има и надминување на временските рамки, издавање ретроградно на боледувањата, непоклопување на периоди и слични прашања. Само за три ПЗУ не се завршени постапките за казнување. Околу 1,2 милиони денари ќе биде вкупната казна за овие здравствени установи. Информирано е МВР за сите предмети каде што има недостатоци за нивно натамошно постапување, што е нивна работа“, кажа Клековски.
Директорот додаде дека 10 од тие 29 лица менувале матични лекари за време на боледување, што е еден од показателите дека има проблем со боледувањата.
„Оти кога ќе престане матичниот лекар да сака да издава или да одобрува, одат кај друг матичен лекар и почнуваат од ново. Меѓутоа, има и оправдани боледувања, бидејќи кај две лица има боледувања над 10 месеци со иста дијагноза и тие се упатени на инвалидска комисија за соодветна постапка. Значи не е сè неоправдано, кај тие навистина има проблем“, додаде тој.
Оваа акција, вели Клековски, им послужила за проучување на системот за да видат каде се недостатоците. Главниот недостаток е дека ние немаме интегриран систем на боледување, односно ние знаеме колку боледувања има во земјава.
„Европските просеци се меѓу 2 и 5 проценти од вкупното работно време во боледување. Ние не знаеме колку се кај нас. Не знаеме затоа што боледувањата до 15 дена се регистрирани само во ‘Мој Термин’ и Фондот нема пристап, а овие над 30 дена ги имаме затоа што ние ги исплаќаме. Најголем дел од злоупотребите се во испрекинати цик-цак боледувања кои воопшто не стигнуваат до лекарска комисија: седум дена со една дијагноза, еден ден одите на работа, па после седум дена со друга дијагноза и така натаму“, кажа Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА



