Петгодишната Лиза сака да реди сложувалки, а кога ќе порасне сака да биде аптекарка.
Огнен, седум години, најмногу ги сака диносаурусите и сака да биде палеонтеолог кога ќе порасне.
Осумгодишниот Јане е единствениот фудбалер кој во исто време е и возач на формула.
Деветнаесетгодишниот Иван сонува да биде возач на автобус. Костадинка најмногу сака дожд и шарени чадори.
Маркијан еден ден сите ќе не научи да бидеме среќни…
Изложбата е дел од напорите да се разбудат луѓето за потребите на децата со попреченост – Ирена Мила, организаторка на изложбата (Фото: СДК.МК)
Ова се дел од желбите на децата со попреченост изложени во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје како потсетување на општеството дека сите деца имаат свои соништа и желби. Изложбата е дел од напорите на Ирена Мила и Анче Туфекчиева – мајка на дете со Даунов синдром, да ги разбудат луѓето за потребите на децата со попреченост.
„Само заедно, здружени, можеме да го разбудиме ова општество и да укажеме дека различноста е многу убава“, рекоа организаторките и нагласија дека изложбата е третото будење што го организираат.
Почувствувале потреба од трето, новогодишно будење, по двете претходни изложби во рамки на кампањата „Будење“ поради зголемената бројка на другари и другарки кои им се приклучиле и заслужуваат да бидат дел од кампањата.
На новогодишното будење се продава збирката поезија „Светот е жеден за збор“ од Тони Попов. Изложбата ја отвори Александар Матовски – Цако со широка насмевка и отворена покана до сите да се забавуваат.
Музика пушташе Сара Миленковска.
„Само заедно, здружени, можеме да го разбудиме ова општество и да укажеме дека различноста е многу убава“ – експонат од изложбата (Фото: СДК.МК)
Во светот околу 1 милијарда луѓе се лица со попреченост и ретка состојба. Од нив, околу 150 милиони се деца.
Во Македонија нема прецизна бројка колку лица живеат со попреченост ли ретка состојба.
„Попреченоста се манифестира како ограничување, тогаш кога околината не и е наклонета на личноста. Тоа важи за сите нас подеднакво! Се раѓаме и се стекнуваме со различности, цел живот! Да научиме да ги прифатиме! Да научиме да ги славиме и да свестиме дека и тие како и сите нас треба да ги уживаат правата загарантирани со Конвенцијата на Обединетите нации“, велат организаторките на „Будење“ Ирена Мила и Анче Туфекчиева.