Жените земјоделки не се ценети како мажите, сè уште постои скептицизам дека жената нема да произведе добар плод, добри јаболки. Но, секоја година гледам сè повеќе жени земјоделки кои се рамо до рамо со мажите и успешни во одгледувањето на јаболки, вели во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК Ана Лабор млада земјоделка, јаболкопроизводителка од Преспа.
Подкастот со Ана Лабор можете да го гледате тука:
Ана (40) пред неколку години се вратила во родната Преспа и почнала да се занимава со земјоделство. Покрај одгледувањето на јаболка на нејзиниот фамилијарен овоштарник, таа се занимава и со агротуризм, односно на овоштарникот можат да дојдат гости, да бидат на еден ден земјоделци и самите да берат јаболка.
„Јас и мојата сестра сме петта генерација која се занимава со јаболкопроизводство. Од Преспа заминав на 18 година за да студирам во Скопје, потоа тука работев 15 години, па со сопругот кој е од Шкотска заминавме во Дубаи каде останавме три години. Кога размислувавме за враќање реков само во Преспа ќе се вратам, во Скопје не. И така веќе седум години живееме во селото Царев двор, работиме на нашиот овоштарник и сум горда што сум една од жените земјоделки во Преспанскиот крај“, вели Ана.
Вели дека е тешко да си жена земјоделка во Македонија.
„Самата земјоделска работа е многу тешка. Но, она што е потешко се моментите кога имам проблем да ги продадам јаболките кога ќе ми го чујат гласот и ќе сфатат дека сум женско. На нашиот овоштарник кој е отворен за посетители и на кој ни доаѓаат многу гости од земјава и странство имавме случка едно дете да не сака да се качи на тракторот кој го возам јас за да се шетаме низ овоштарникот бидејќи родителите дома му рекле дека ќе ги вози чичко. Но, јас не се откажувам и сум многу задоволна и исполнета од она што досега сум го постигнала“, додава Ана.
Ана во својот овоштарник ги применува најсовремените практики односно се залага за што помалку прскање на овошките што е услов за обезбедување сертификат глобал габ – стандард за добра земјоделска пракса.
А. АНТЕВСКА