„Финансиската состојбата е главна причина жените да не пријават семејно насилство или после неколку месеци повторно да се вратат кај партнерот. Тоа е така бидејќи изборот што го имаат во нашата држава е или да живеат во парк и да бидат бездомнички или да се вратат кај партнерот. Кога имате деца изборот е јасен“, вели во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
„Домувањето е неопходно да се вклучи во процесот за борба против семејното насилство, џабе советување кога жртвата нема кров над глава. Вкупниот број на легла во државата не го задоволува ни потребниот минимум. Истанбулската конвенција, со која толку многу се фалиме, има препораки дека на 10.000 жители треба да има едно семејно место, кревет за мајка со две деца. Ние на национално ниво сме далеку под минимален стандард, имаме 80 до 90 кревети. Истото се однесува и за советувалишта и стручен кадар. Цело време зборуваме да се пријави насилство, но тоа е прв чекор, тој процес трае со години, а во него треба да се овозможи поддршка од лице психолог. Најлесно е да кажеме напушти го ако те тепа, но дали размислуваме каде жртвата ќе оди, доколку е вработена дали платата може да ги покрие месечни трошоци, ако нема стан тогаш режиските трошоци се многу големи. Моментално, жртва на семејно насилство добива еднократна парична помош од 15.000 денари. Две жени можеби трпат исто насилство, но нивните ресурси не се исти. Едната можеби има семејството кое ќе ја прими и помогне, другата не, едната може работи, другата не. Индивидуалниот процес е многу важен, и излегувањето од тој круг е различен“, вели Димушевска.
Според официјалните податоци на Министерството за труд и социјална политика, минатата година има нови 1.600 случаи на семејно насилство.
„Бројките покажуваат пораст на жртвите, но тоа не е дека е зголемен бројот на жртвите туку дека жените се охрабриле да пријават. Оваа бројка не дава реална слика што се случува во државата, истражувањата покажуваа дека ова се само 2 отсто од случаите на семејно насилство“, додава Димушевска.
Во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство голем број жени побарале помош и, како што вели Димушевска, има многу успешни приказни, кога жртвите го продолжиле животот со своите деца далеку од насилникот.
„Еден од случаите кои сакам да ги споделам, а со тоа и да ги поттикнам жените кои живеат во насилна средина да се охрабрат и да го пријават насилникот, е за жена која сега има свој мал бизнис. Откако го пријави насилникот во полиција и во Центарот за социјални работи, таа се обрати и кај нас. Жртвата немаше каде да отиде, беше невработена И насилникот инсистирал да седи дома. Најдовме стан, детето во запишавме во градинка. Во тој момент ние имавме проект за почнување мали бизниси. Откривме дека жената има завршено одредени курсеви и со менторката развија бизнис план и отвори свој бизнис. Сега една година подоцна успешно работи, економски е независна и далеку од насилникот“, вели Димушевска.
А. АНТЕВСКА



