На 28 декември е 80-годишнината на Македонско радио, првиот медиум во слободна Македонија по Втората светска војна, на кој за првпат збор се слушна на македонски јазик.
За поврзаноста на Македонското радио со нашиот идентитет, културата, со сплотувањето и обединувањето на граѓаните цели осум децении во добро и во лошо, зборуваме со доајенката на радионовинарството и воопшто во новинарството, Мира Костиќ. Подкастот можете да го погледнете тука:
По 43 години работа во радиото, таа сè уште се надева дека професионалноста таму ќе се врати на некогашното ниво, а овој национален медиум ќе се осовремени, ослободи од политичките влијанија и конечно ќе се подмлади со кадар.
„Со Македонското радио сум во некаква судбинска поврзаност, бидејќи мојата тетка работеше таму како првоборец. Во 1944 година се собирале, нели, прво тие што ја извојувале победата над фашизмот, да оформат радио кое што прво ќе го афирмира македонскиот јазик, кое ќе допре до сите граѓани на тогашна Федеративна Република Македонија и ќе се негува како еден од главните белези на сечиј идентитет и на сечија националност“, вели Костиќ.
Преку радиото за првпат се слушна македонски збор.
„Секако, Македонското радио е еден од столбовите на државноста и на нацијата, само, кој како ќе го сфати. Во плурализмот, од осамостојувањето па наваму, некако како да се занемаруваше тој факт. Мислам, се надевам дека ќе се одбележи јубилејот, бидејќи 80 години не се малку. Сметам дека за овогодинешниот голем јубилеј треба да се организира свечена академија“, вели таа.
И покрај што е добитничка на државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, и покрај бројните новинарски награди што ги има добиено во кариерата, како и наградата за животно дело, Мира Костиќ од нејзината матична куќа Македонско радио нема добиено награда. Ниту барем пофалница за 43 години работа.
Таа се сеќава на времињата кога како ментори помагале помлади новинари да го печат занаетот и споредува дека сега во МРТВ се доаѓа испечен, односно подготвен за извршување задачи.
„Јас станав уредник после 30 години работа. Некој станува уредник по 3 години работа. Некој пак од одма е уредник, така го носат однадвор. Зависи од трендот каков е. Партиите имаат влијание, да не се лажеме. Имавме и вечни уредници, кои добро балансираа со политичките партии“, вели таа.
Костиќ вели дека новинарството сè уште го сака многу, но лично, многу тешки моменти имала во радиото.
„Кога се осамостојуваше Македонија, тоа беше тежок и исцрпувачки период, во кој 20 часови поминувавме на работа. Второ, имаше некои новоразбудени патриоти, кои кога ќе слушнеа дека Мира Костиќ е уредник на Утринскиот радиовесник, после емисијата ќе ми се јавеа и ќе ме прашаа: ‘До кога тие Срби ќе ви работат таму?’ Беше многу навредливо, не само тешко, бидејќи јас тврдам дека нема поголем Македонец од мене!“, вели Костиќ.
С. К. ДЕЛЕВСКА