ДИСТРИБУТЕР НА СТОКА КУПЕНА ОНЛАЈН БАРАЛ КЛИЕНТКАТА ДВАПАТИ ДА МУ ЈА ПЛАТИ ДОСТАВАТА ПА Ѝ ГО ОДЗЕЛ ПАКЕТОТ, ПАЗАРНА ИНСПЕКЦИЈА НЕМА СТАТИСТИКА ЗА ИНТЕРНЕТ ИЗМАМИ

    ДИСТРИБУТЕР НА СТОКА КУПЕНА ОНЛАЈН БАРАЛ КЛИЕНТКАТА ДВАПАТИ ДА МУ ЈА ПЛАТИ ДОСТАВАТА ПА Ѝ ГО ОДЗЕЛ ПАКЕТОТ, ПАЗАРНА ИНСПЕКЦИЈА НЕМА СТАТИСТИКА ЗА ИНТЕРНЕТ ИЗМАМИВо случај да им бидат злоупотребени личните податоци, банкарски картички и слично при купувањето од далечина, ќе треба веднаш да пријават во МВР во Сектор за компјутерски криминал и во Агенцијата за заштита на личните податоци. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во екот на неконтролираното размножување на онлајн продавачи и продавници со разни заведувачки огласи на социјалните мрежи, од кои повеќето се измамници, граѓаните не само што тешко може да ги најдат за да ги заменат погрешните производи, туку проблеми има и со дистрибутерите. И трговијата преку Интернет е регулирана, и дистрибутерите кои нарачаните производи им ги носат дома на купувачите. Но, граѓаните се оставени самите на себе и на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), која нема надлежност да пишува казни.

    Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) нема точна бројка на поднесени пријави од измамени и оштетени граѓани кои пазареле на Интернет, а камо ли број на изречени казни. А донесен е многу прецизен и обемен европски Закон за заштита на правата на потрошувачите, кој според поплаките што стасаа во САКАМДАКАЖАМ.МК во рамки на истражувањето на оваа сива зона, сè уште не почнал да се применува.

    Скопјанката Сања вели дека нарачува буквално сè што е достапно на Интернет, освен храна. Но, во две ситуации имала неприлики и кавга со возачот што ѝ ја донел една од нарачките.

    Доживеав вербален и физички напад од доставувач кој тврдеше дека треба да му платам за веќе платен производ. Платив онлајн и иако имав потврда за платеното и парите беа симнати од сметката. Но веб страната на фирмата-продавач тоа, замислете, не го генерирала како податок. Возачот без причина беше толку нападен, што на крај замина со пакетот“, вели оваа соговорничка.

    Марија од Куманово, пак, смета дека треба да има повеќе можности за испорака, а не да се зависи само од неколку доставувачи. Бара да се направат повеќе договори со различни превозници за да може колку толку да се намали цената на испораката.

    Данијела од Скопје, незадоволна што производите што ги нарачала воопшто не одговарале со тие на фотографиите и на описот во понудата, бара воведување правила и орган кој ќе го контролира квалитетот на производите во трговијата преку Интернет, задолжително издавање фискални сметки или фактури и транспарентност на тој што го испраќа производот.

    Билјана се пожалила во Државен пазарен инспекторат за доставените тренерки, со детски број место за возрасни, но вели бадијала, зашто немала фискална сметка. На анонимен граѓанин, пак, му стигнале две горни тренерки, место нарачаниот комплет.

    Чекал одговор месец и пол, но добавувачот не му пишал ништо. Не успеал да ја врати едната горна тренерка.

    Весна, која повеќепати нарачувала книги, облека и накит, во принцип вели дека е задоволна од испораките, но кога во еден од случаите добила квалитет кој не кореспондира со рекламата, се обидела производот да го врати.

    Сакав да го вратам продуктот, не беше тоа што очекував. Ми беше одговорено дека можам само да го заменам за друг. Бидејќи не добив фискална сметка, остана така. Не добив обесштетување. Не знаев каде да пријавам. Барам да може да се плаќа со картичка, да може да се замени робата, да се враќаат пари, да кореспондира продуктот со рекламата“, вели Весна која го одбрала овој начин на пазарење, а кој за жал, кај нас функционира лошо, на штета на граѓаните.

    Анонимен граѓанин кој купува преку Интернет е задоволен од нарачките, но според продавниците што ги набројал, изгледа тој точно знае каде да нарача. Овие фирми поради заштита од рекламирање, нема да ги наведеме, но за сите нив се знае дека даваат фискални сметки.

    Сепак, тој бара фејсбук продавниците да се регистрираат како фирми. Најголем проблем, најголеми измами има во тој дел, вели ова лице.

    И друга граѓанка која пазари и успешно менува несообразни производи кои не се како на рекламата, сепак смета дека во онлајн испораките треба да се смени следново: на секој производ да стои цена; онлајн продавниците да имаат ефикасна веб страна; контакт телефон и е-пошта од фирмата; јасно видливо каде може да се обратиме ако сме незадоволни од испораката (на пример, како што има налепници на физички објекти за ДПИ и УЈП, да има на веб страната или фејсбук/инстаграм профил простор од контакт од местото каде може да се обратиш); карго компанијата да дозволи отворање на производот на местото, за да се избегне дополнително малтертирање со замена ако не е вистинскиот производ.

    Веб страна која нудела огромен избор на производи за миленици, наплатила, а никогаш не испорачала. Но, откако се здружиле повеќемина измамени и откако ангажирале адвокат, таа веб страна на продавачот му ја затвориле.

    Со истиот проблем се соочиле и многу други луѓе, како што дознавме подоцна. Тие никогаш не ги добиле средствата назад, секако ни производите. Месец и половина најдрско нè лажеа за поврат на пари преку портали, па кога адвокатот ги најде, рекоа дека ги пратиле средствата по курир. Две недели оттогаш, два повика и безброј пораки и лаги, парите ни беа вратени. Веб страната беше пријавена на Пазарен инспекторат и затворена, но истиот сопственик има други социјални медиуми каде што продава кревети за миленици“, предупредува соговорничката.

    Во 2022 и во 2021, Организацијата на потрошувачи на Македонија добила над 420 поплаки од потрошувачи во делот на онлајн купувањето. Го прашавме и Државниот пазарен инспекторат, но ги нема изброено поплаките.

    ОПМ вели дека поплаките обично се однесуваат на неисполнување на техничките карактеристики на производите коишто ги купиле граѓаните, поради доставување на оштетен производ, производ во различна боја од нарачаната, друга големина, доставување на понеквалитетен производ од оној којшто бил презентиран или рекламиран, односно поради испорака на производи кои не соодветствуваат со описот и сликите, потоа за неиздавање на гаранција и упатство за употреба при нарачка на технички производи, неиздавање на фискална сметка или фактура за извршеното плаќање и купување на производите.

    Чест проблем е и немањето доволно информации за повлекување од договорот и откажување на нарачката, велат од ОПМ. Оттаму предупредуваат граѓаните да се заштитат самите и насочуваат на што треба да се внимава.

    „Кај нас сè уште немаме некој конкретен механизам со кој би се спречиле некои лица да прават профили на социјалните мрежи и да продаваат производи, скриени зад некој лажен профил или назив на некој онлајн шоп. Од таа причина, потрошувачите се тие кои што треба да внимаваат при купувањето од онлајн продавниците, бидејќи измамата од овие нерегистрирани продавачи кои се застапени на социјалните мрежи е голема и понатаму имаат потешкотии за заштита на своите права, за што и посотјано се обидуваме да ги советуваме и едуцираме потрошувачите преку јавување во нашето советодавно биро или на медиумите. Во случај да им бидат злоупотребени нивните лични податоци, банкарски картички и слично, ќе треба веднаш да пријават во Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и во Агенција за заштита на личните податоци. Ако потрошувачот при онлајн купувањето има доказ за извршено плаќање (фискална сметка, фактура), а притоа е измамен од продавачот, потребно е да пријави во Државниот пазарен инспекторат“, велат од Организацијата.

    Од ОПМ даваат и многу корисни совети за да не се наседнува на измами кога се нарачува на Фејсбук или на Инстаграм.

    „Кај онлајн продажбата, е многу важно да можеме да направиме динстинкција помеѓу легална и нелегална продажба. Продажбите на социјaлните мрежи, коишто не се регистрирани фирми, немаат регистрирано седиште, не даваат можност за плаќање преку трансакција или сметка во банка и не издаваат фискална сметка/фактура, гарантен лист и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника се класични онлајн измами, во кои потрошувачот е вообичаено и најчесто оштетената страна“, вели водичот на ОПМ.

    Граѓаните посебно треба да внимаваат да не потпаѓаат под заведувачкото пазарно рекламирање на онлајн продавачите на социјалните мрежи (попуст само ден, акција на производи кои се копија од некој актуелен бренд, гратис производи и сл.). При онлајн продажбата да не даваат премногу лични податоци на трговците, ако им се сомнителни и секогаш да ги проверуваат сметките или извештаите од банка по извршено плаќање, препорачува Организацијата на потрошувачи.

    ДПИ кој нема статистика за онлајн измами, ни за изречени казни за овие прекршочни дела, вели дека може да постапи само ако пријавата е поднесена за трговец кој е регистриран и издава фискална сметка, бидејќи фискалната сметка служи како доказ при постапувањето од Инспекторатот.

    Ако трговецот за кој се однесува пријавата не е регистриран ние како институција немаме надлежност да постапуваме. Најчесто оние кои продаваат преку социјалните мрежи не се регистрирани, па заради тоа е невозможно да се пронајдат ниту пак да се постапи во согласност со поднесената пријава“, велат од Пазарна инспекција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира