МИ ИСПОРАЧАА ПОЛИЦИ БЕЗ ШИПКИ, ПА МЕ БЛОКИРАА И СЕ СОКРИЈА КОГА ИМ ПИШАВ, ГРАЃАНИ МАСОВНО СЕ ЖАЛАТ НА ОНЛАЈН ИЗМАМИ

    МИ ИСПОРАЧАА ПОЛИЦИ БЕЗ ШИПКИ, ПА МЕ БЛОКИРАА И СЕ СОКРИЈА КОГА ИМ ПИШАВ, ГРАЃАНИ МАСОВНО СЕ ЖАЛАТ НА ОНЛАЈН ИЗМАМИГолем дел од онлајн продавниците немаат седиште, адреса и важечки телефонски број, па откако ќе ги измамат купувачите, ги снемува и никој не може да ги најде за корекција на испорачаната стока. (Фото: Котонбро студио)

    Македонија со стотици отворени онлајн продавници кои во најголем дел се присутни на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм, стана рај за измами на граѓани кои масовно се незадоволни од квалитетот на доставениот производ што го нарачале, кој нема врска  со она што било објавено на рекламата, во понудата.

    Повеќето оштетени граѓани кои се јавија во редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК за да помогнат во истражувањето, признаваат дека не им била дадена ни фискална сметка, ни фактура, па не можеле воопшто да го сменат скршениот или производот што не соодветствува со тој на рекламата.

    Има и друг хендикеп тука, што овие онлајн продавници кои ги мамат граѓаните, немаат седиште, адреса и телефонски број кој функционира, па откако ќе ги измамат луѓето, ги снемува и никој не може да ги најде за корекција на испорачаната стока.

    Пред нецели три месеци стапи во сила новиот (европски) Закон за заштита на правата на потрошувачите, во кој има цела глава прописи за купување од далечина. Само еден месец да се применува доследно од Пазарната инспекција, Министерството за економија и други надлежни органи и инспекции, пазарот ќе се исчисти од овие измамници, ќе се сузбие сивата економија и нелојалната конкуренција со недавањето фискални сметки, а Управата за јавни приходи ќе им ги собира даноците на онлајн продавниците кои ќе мора да се регулираат законски.

    Љубица Т. од Штип нарачала од онлајн продавница облека со точно наведени величини, но кога стигнала на нејзината адреса, била со неадекватни броеви.

    „Ми ја сменија облеката, но по многу натегања, допишување на Интернет и стресови. Барам овие продавници кога веќе работат онлајн, да бидат попрецизни во однос на цената, величините, бојата и димензиите“, вели Љубица, која е незадоволна од купувањето од далечина.

    Даниела Р. од Скопје вели дека во принцип е задоволна од купувањето онлајн и затоа досега има нарачано 20-ина пати разни производи. Но, имала една непријатна случка.

    „Нарачав полици за бања на 4 нивоа, со тркалца. Ми стигнува кутијата, гледам во неа не се ставени шипките кои ги спојуваат полиците. Замислете, го сменија називот на страната на Интернет и не ми одговараа на пораките. Никогаш не ми беше комплетирана нарачката“, кажува таа.

    Даниела, како и повеќето оштетени граѓани кои споделија искуство, не знаела каде да го пријави трговецот што ја измамил, па го сменил називот.

    „Сметам дека треба да се врши проверка на сите онлајн продавачи од некоја новоформирана служба и да има казни за секој измамник“, вели Даниела.

    Мељахат К. М. нарачувала повеќе пати различни типови на продукти, а најчесто козметика, обувки и облека, и не е задоволна од испораките.

    „Доставен беше неправилниот продукт. На телефон не ги добив, не креваа. На социјалните мрежи бев блокирана, за да не можам да остварам контакт. Не ми беше дадена фискална. Пробав да пријавам во Државниот пазарен инспекторат, но од таму рекоа без фискална ништо не можат да преземат. Во УЈП пријавив, ја примија пријавата и рекоа дека е тешко за откривање на онлајн продавници. Тука беше добро што истата продавница имаше и продавница во Штип. Преку други контакти од Штип, стигнав до нив, ме контактираа и рекоа ќе извршат замена и доставата ќе биде на нивен трошок. После 2 недели повторно ми доставија продукт кој беше неправилен и не креваа на телефон, а ми беше наплатена и достава“, е искуството на оваа оштетена граѓанка.

    Не била обесштетена за вториот погрешен производ, а не знае каде да се обрати и пожали.

    „Треба да се подобри комуникацијата со продавниците, видливоста на нивната онлајн страна за да може да се заштитиме“, смета таа.

    Охриѓанецот Миле Н., кој нарачувал повеќепати алати и предмети за домаќинство, се пожали дека во два случаја добил стока различна од понудената на фотографиите не само по изглед, туку и по квалитет и други карактеристики.

    „Добив стока, нормално, со понизок квалитет од таа на рекламата и нефункционална. Успеав да добијам ветување за рекламација, по големи стресови и нервози: испраќав фотографии, видео-снимки, им пишував. Но по втората преписка, пазете ве молам, ме блокираа! Не само што ме блокираа, туку набрзо го сменија и називот на ‘фирмата’. Треба со производот да биде спакуван и гарантен лист и фискална сметка. Без тие елементи, не нарачувам повеќе ништо!“, вели овој изигран онлајн купувач, кој сам ја изгубил битката со продавачот-измамник, бидејќи не знаел каде да го пријави.

    Неговиот измамен сограѓанин Ивица, има добра порака за Владата, односно за Министерството за економија и за Пазарната инспекција.

    Ивица повеќепати нарачувал онлајн алати, кафе, предмети за домот и друго, не е задоволен од испораките. Не знае ни тој каде да пријави во случај да биде оштетен или незадоволен од испораката.

    „Нарачав монтажен гардеробер од платно, за во шпајз, но место нарачаниот производ, ми беше испорачан сличен производ со 30% помал капацитет, со боја различна од нарачаната, па кога им пишав и им пратив слики од нарачаното и пристигнатото, едноставно бев блокиран и толку. Друга работа е што не добив никаква сметка, што значи дека фирмата е виртуелна (за профит преку измамени купувачи). Такви се 95 % од интернет продавниците, и тие се на сите социјални мрежи. Нудат сешто по ниски цени, но потоа добиеното не соодветствува со посакуваното. Со еден збор, сива економија која никој не ја контролира. Истото се однесува и за сите приватни пошти кои доставуваат, за услугата не издаваат фискални сметки, немаат пост терминали за наплата, сè е кеш, со еден збор уште една сива економија, а се вртат милиони евра нелегални пари“, размислува Ивица по лошото искуство со онлајн шопингот.

    Тој смета дека Владата мора да ги регулира овие неправилности, зашто во спротивно се повеќе пари ќе се влеваат во приватни џебови, а државата останува без својот дел.

    „Па затоа гледаме дека се повеќе продавници во градовите се затвораат, затоа што не можат да им парираат на овие кои не плаќаат даноци, и не доставуваат фискални ниту квалитетни производи. Чесни се исклучоците од горенаведеново. Во случајот што го наведов, бев блокиран и не ми го заменија производот. Важно, во никој случај не се добива тоа што си го нарачал“, вели Ивица .

    Тој смета дека секој регистриран продавач, на својата веб страна треба да го има постирано решението за отворање на фирмата, со даночен број, име и презиме на сопственикот, адреса, телефонски број. Бара да не е можно плаќање на производите во готово при преземањето, а да не му се плаќа во готово ни на доставувачот кој истото треба да го направи во претходно пресметан трошок за испораката.

    Според истражувањето што го правиме од декември 2022, граѓаните во оваа сива зона со измами со купувањето од далечина, речиси во 100 отсто од случаите се изјаснуваат дека не знаеле каде да ги пријават измамите во кои неповратно изгубиле пари, а останале без стоката каква што ја нарачале.

    Законот за заштита на правата на потрошувачите вели дека органи за надзор на пазарот, што значи и на онлајн пазарот, се: Државниот пазарен инспекторат, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Државен инспекторат за труд, Државен инспекторат за техничка инспекција, Државен инспекторат за животна средина и други органи на државната управа или инспектори кои вршат надзор на пазарот во согласно со закон, како и други органи и организации и независни регулаторни тела што вршат надзор на пазарот.

    Овие инспекции, досега требаше да ги збришат онлајн продавниците кои ги има на социјалните мрежи, а кои немаат: име, назив, односно фирма, правен статус и облик на трговецот, неговата географската адреса во државата каде што е деловно основан, како и подробностите што овозможуваат брз и непосреден контакт со трговецот, вклучувајќи ги и средствата за електронска комуникација.

    Ова се основните работи што ги пропишува Законот во членот 6 и трговецот е должен да му ги стави на располагање на потрошувачот сите информации за неговиот, односно за идентитетот на фирмата.

    И по друг базичен основ надлежните органи може да го исчистат пазарот од измамници и профитери кои му штетат и на државниот Буџет.

    „Трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, сертификат и/или на друг соодветен документ, најмалку следните точни, целосни и корисни информации за:

    1) белезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите;

    2) влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно важечките прописи и стандарди“, вели во продолжение истиот член од Законот.

    Граѓаните да избегнуваат да нарачуваат од онлајн фирми каде што не се наведени овие основни податоци.

    Кога би знаеле граѓаните каде да се обратат кога се измамени со купувањето од далечина, но и кога Пазарната и другите набројани инспекции си ја вршеле поажурно својата работа, би го искористиле и своето законски загарантирано право за замена на стоката со несоодветен квалитет во рок од 15 дена.

    Замена со друга стока, член 10:

    „(1) Трговецот има обврска на барање на потрошувачот кој кај него има купено стока, а што не е соодветна во однос на формата, големината, моделот, бојата, бројот или од други причини, истата да ја замени со стока што има соодветен квалитет, освен во случај на стока изработена по нарачка од потрошувачот.

    (2) Трговецот е должен да изврши замена на стоката од ставот (1) на овој член, во рок од 15 дена сметано од денот кога стоката му е предадена на потрошувачот.

    (3) Замената на стоката со соодветен квалитет се врши ако стоката не била употребувана, ако се сочувани нејзините изглед, употребни својства, пломби и фабрички означувања, како и сметката што на потрошувачот му била издадена заедно со стоката.

    (4) Ако во моментот на поднесувањето на барањето од страна на потрошувачот трговецот нема соодветна стока, во смисла на стока што ќе одговара на неговите потреби, потрошувачот има право, по свој избор да бара:

    1) да го раскине договорот и да бара враќање на платениот износ или

    2) да ја замени стоката со друга соодветна стока, а кога трговецот ќе располага со таква стока.

    (5) Трговецот е должен да го извести потрошувачот кој барал замена на стоката дека располага со таква стока во рок што не може да биде подолг од 30 дена од денот на приемот на барањето за замена на стоката“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира