ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ Е УСПЕШЕН, НО ЗАПОСТАВЕН НАЧИН НА СПРАВУВАЊЕ СО КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, КАЖАА НА ПАНЕЛ ДИСКУСИЈАТА НА „ЕКО-СВЕСТ“

    ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ Е УСПЕШЕН, НО ЗАПОСТАВЕН НАЧИН НА СПРАВУВАЊЕ СО КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ, КАЖАА НА ПАНЕЛ ДИСКУСИЈАТА НА „ЕКО-СВЕСТ“Место економски, кон енергетската ефикасност треба да се пристапи како заштита на животната средина и здравјето (Фото: СДК.МК)

    Енергетска ефикасност е еден од најуспешните, но и најзапоставени начини на справување и ублажување на климатските промени, беше кажано на панел-дискусијата „Потрошувачите во срцето на енергетската политика“, организирана од Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) и „Еко-свест“. Иако овој поим со години е сеприсутен во јавната сфера, тој не е поткрепен со соодветни политики, информации и пари, а место упорно да го зголемуваме производството на енергија, треба да ги лоцираме местата каде што непотребно ја трошиме енергијата и од неа да извлекуваме многу поголема вредност.

    Ние ја сметаме енергетската ефикасност за една од главните и клучни климатски акции, но, за жал, таа не е многу присутна како тема, ниту како финансиска импликација во буџетите. Таа е занемарена како една од климатските акции, иако може да има значително влијание врз подобрувањето на состојбата не само на секое домаќинство, туку и на целата економија“, рече Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко-свест“.

    Маријана Лончар-Велкова од ОПМ посочи дека домаќинствата и малите потрошувачи се надвор од фокусот на енергетските политики. Во споредба со други земји, во Македонија се нудат мали бенефиции и поттици за инсталирање соларни панели, но и за набавка на нови енергетски ефикасни уреди.

    Кон енергетската ефикасност треба да се пристапи како заштита на животната средина и здравјето, место економски, како што е досега. Ако се гледа само од економски аспект, повратот на овие инвестиции е на премногу голем период за да биде примамлив за потрошувачите. Влијанието врз животната средина, пак, е нешто што го оправдува целото вложување и тоа е пристапот што треба да го водат институциите. Мора да зборуваме еколошки, не економски“, кажа Филип Стојановски од Центарот за климатски промени.

    Како што заклучи Елена Николовска од „Еко-свест“, енергетската трансформација не може да се случи без мерките за енергетска ефикасност.

    Македонија има добра регулатива за енергија, но потребно е навремено транспонирање на директивите на ЕУ и олеснување на административните процедури за граѓаните, како и на капацитетите на институциите“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира