Рекордни 325 бариери се отстранети од реките низ Европа во текот на минатата година, што овозможува тие да течат послободно, а преселните риби да стигнат до областите за размножување. Проектот се спроведуваше во 16 држави, а со вакви активности се почнува и во Македонија, при што Центарот за истражување и информирање на животната средина Еко-свест за почеток ќе се фокусира на каскадите на Пчиња.
Во својот годишен извештај, организацијата Dam Removal Europe наведе дека Шпанија е лидер на ова поле со отстранети 133 пречки, следена од Шведска и Франција.
Стотици реки во Европа со блокирани од брани, вештачки сливови, пропусти и насипи, од кои 15% се сметаат за застарени и постои ризик од уривање на многу од нив.
Во Норвешка, со динамит беше уништена седум метри висока брана која ја блокираше реката Тромса од 1916 година. Сепак, најголемиот проект на годината беше отстранувањето на хидроцентрала на реката Селун во Франција.
Во Летонија и Луксембург првпат беше извршено отстранување на речни пречки, а еден од најизненадувачките проекти беше спроведен во Украина, каде што среде војната беше отстранета старата брана Бајуривка, висока шест метри. Покрај тоа што беше спречен ризик од нејзиното уривање, на тој начин се отворија 27 километри од реката Перкалаба за слободно движење на рибите за првпат во последните 120 години.
Лани биле размонтирани вкупно десет хидроцентрали во Англија, Финска, Франција, Норвешка, Шпанија и Шведска.
„Во Европа сè уште има околу 150.000 застарени брани и вештачки сливови. Отстранувањето брани сè уште се смета за контроверзно, а во некои држави не е ни почнато“, вели Херман Ванинген, основачот на Dam Removal Europe.