ОСУММИНА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ПРОБНО ЗАСАДИЈА СТЕВИЈА, НО УШТЕ НЕ ЗНААТ ДАЛИ ЌЕ СЕ ФАТИ НА ОВАА КЛИМА

ОСУММИНА ЗЕМЈОДЕЛЦИ ПРОБНО ЗАСАДИЈА СТЕВИЈА, НО УШТЕ НЕ ЗНААТ ДАЛИ ЌЕ СЕ ФАТИ НА ОВАА КЛИМАМакедонските земјоделци биле на обука во Шпанија за да научат како стевијата се одгледува, преработува и суши. Листовите на стевијата се употребуваат како природен засладувач во напивки и прехранбени производи, особено за дијабетичари. (Фото: СДК.МК)

Во Македонија има обид да се одгледува земјоделската култура стевија, која преработена, служи како природен засладувач без калории. Осуммина земјоделци во различни предели од земјата пролетоска засадија по еден декар, а деновиве треба да извршат и косење на првиот род од стевијата. Ова е пробно одгледување, преку проект на Министерството за земјоделство финансиран од ЕУ.

„Имајќи ги предвид климатските услови и почвата во Македонија, од многуте култури кои можат да бидат замена за тутунот, баравме најприближни, со цел одгледувачите да немаат проблеми во набавката на механизација и да можат да ја обработуваат заменската култура со механизацијата со која што располагаат. Стевијата е нова култура на подрачјето на Македонија, не е одгледувана организирано“, вели Златко Арсов, редовен професор на Земјоделскиот факултет на Катедрата за специјално полјоделство и тутун, вклучен во проектот.

Осуммина земјоделци во различни предели од земјата пролетоска засадија по еден декар стевија. (Фото: СДК.МК)

Во проектот се вклучени 35 земјоделци, одбрани преку оглас на кој се пријавиле 80-ина заинтересирани, сите со по еден декар различна култура, некои со афион, други со коријандер, има и со анасон. Осуммина земјоделци одгледуваат стевија, ги има во Прилеп, Радовиш и двајца во Велешко, во Долно Врановци и Иванковци.

„Ова е прва година и сѐ уште учиме. Расадот ни го донесоа од Шпанија. Машински го засадивме, имаме машина за тутун која се покажа практична. Потребно е наводнување и кога порасна до 35 сантиметри висина, врвовите ги поткастрив за да се шири како џбун. Сето тоа го сработив и сега сум пред косење, но поради убавото време ја оставив. Ќе видиме како коренот ќе реагира зимава на ниски температури, оти во Шпанија ни кажаа дека на -5 степени може да измрзне. Згора на тоа, годинава имавме суша, така што не знам како ќе реагира стевијата, оти таа сака вода“, вели Зоран Начевски, земјоделец од Долно Врановци, кој одгледува детелина, пченица и јачмен.

Стевијата е нова култура во Македонија и досега не е одгледувана организирано, вели професорот Златко Арсов (прв од лево). (Фото: СДК.МК)

Во рамките на обуката бил во Шпанија на семинар и во пракса видел примери како се одгледува, преработува и суши. Таму запознале одгледувач-поранешен адвокат, кој имал плантажа од 350 декари и претходно немал допирна точка со земјоделството. Тој откако добил покачен шеќер во крвта, почнал да одгледува стевија, која е лек за оваа болест и адвокатурата ја оставил.

Културата стевија е скапа на светските берзи, а во домашните аптеки цената на стограмско пакување се движи од 250 до 500 денари. Најголеми светски производители се Индија, Кина и Пакистан.

Листовите на стевијата се употребуваат како засладувач во напивки и прехранбени производи. Таа е целосно природен засладувач без калории. Се препорачува на дијабетичари како замена за други засладувачи, кои во нивната исхрана се забранети. Гликозидите на стевијата го намалуваат чувството на глад и со тоа влијаат врз регулирањето на телесната тежина.

П. ПЕЧКОВ

 

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира