ЗА ТРИ ДЕНА СОБРАНИ 645 ИЛЈАДИ КИЛОГРАМИ ЃУБРЕ НИЗ ЦЕЛА ДРЖАВА ВО АКЦИЈАТА „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“

    ЗА ТРИ ДЕНА СОБРАНИ 645 ИЛЈАДИ КИЛОГРАМИ ЃУБРЕ НИЗ ЦЕЛА ДРЖАВА ВО АКЦИЈАТА „ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД“Почнувајќи од 2021, во еко-акцијата „Генералка викенд“ учествувале над 100.000 волонтери, а собрани се повеќе од 1,5 милиони килограми отпад (Фото: Мен едн маунтен)

    Над 645 илјади килограми отпад беше собран низ цела држава на петтата еколошка акција „Генералка викенд“, која се одржа од 9 до 11 мај. Учествуваа 55.627 волонтери, а беа вклучени повеќе од 600 владини и невладини организации и институции.

    Главен стратешки партнер на „Генералк викенд“ четврта година по ред е „Пивара Скопје“. Акцијата, која е во организација на „Мен енд маунтен“, беше поддржана и од ЗЕЛС и Црвен крст на Македонија.

    Почнувајќи од 2021, во еко-акцијата „Генералка Викенд“ учествувале над 100.000 волонтери, а собрани се повеќе од 1,5 милиони килограми отпад.

    Како дел од акцијата беше организирана и едукативната иницијатива „Генералка викенд – Еко час“, реализирана во партнерство со Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ. Во неа беа вклучени повеќе од 36.000 ученици и 1.900 наставници, кои низ различни активности во своето опкружување придонесоа за почиста животна средина, а резултатите од нивниот труд беа презентирани во училиштата.

    „Континуитетот и растот на ‘Генералка Викенд’ низ годиниве се доказ дека ваквите еко-иницијативи можат да имаат сериозно позитивно влијание во општеството. Резултатите постигнати во изминативе пет години покажуваат дека кога ќе се здружат граѓаните, институциите и бизнис секторот, промената е неизбежна. Вредноста на оваа акција не е само во бројките, туку во градењето свест, бидејќи ова не е прашање само на чиста околина, туку и на создавање култура на одговорност и грижа“, вели Снежана Савиќ-Димовска, директорка на секторот за корпоративни политики и одржливост на „Пивара Скопје“.

    Врз основа на десетгодишниот меморандум, кој Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Национални шуми го потпишаа со „Мен енд маунтен“ во 2022, договорено е секоја година во ноември да се реализира вториот дел од волонтерската акција „Сончева Гора“, што е акција за пошумување. Според договорот, на секои 10 килограми собран отпад државата посветува по едно дрво од годишните планови за пошумување.

    Во рамките на овие акции за пошумување, само во изминатите четири години беа засадени над 125.000 садници на различни голи локации: околу езерото Младост во Велес, селото Ќојлија во Општина Петровец, во близина на мегалитската опсерваторија Кокино и во Општина Старо Нагоричане.

    По повод петгодишниот јубилеј на „Генералка викенд“, на 17 јуни започнува патувачката изложба „5 години Генералка викенд“, која ќе биде поставена во просторите на Европска куќа во земјата. Изложбата ќе почне во Тетово, а потоа ќе патува во Струга, Битола, Струмица, Велес и Крива Паланка, пред да заврши во Скопје во ноември годинава.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира