СО НОВ МЕЃУНАРОДЕН ПРОЕКТ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА ПОПУЛАЦИЈАТА НА БЕЛОГЛАВИОТ МРШОЈАДЕЦ ВО МАКЕДОНИЈА

    СО НОВ МЕЃУНАРОДЕН ПРОЕКТ ЌЕ СЕ ЗГОЛЕМУВА ПОПУЛАЦИЈАТА НА БЕЛОГЛАВИОТ МРШОЈАДЕЦ ВО МАКЕДОНИЈАТиквешко-Демиркапискиот Регион денес е дом на околу 20 пара белоглав мршојадец (Фото: МЕД)

    Македонското еколошко друштво (МЕД) во следните шест месеци ќе спроведува нов меѓународен проект во рамките на програмата LIFE, чија цел е зголемување на популацијата на белоглавиот мршојадец на македонска и грчка територија. Кофинансиран од Европската Унија, во проектот учествуваат и Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит, грчката Агенција за природна средина и климатски промени и бугарскиот Фонд за дива флора и фауна, под водство и координација на швајцарската Фондација за заштита на мршојадци.

    До средината на 20. век, белоглавиот мршојадец бил вообичаена глетка низ Балканот, но во последните децении од минатиот век е доведен до работ на изумирање поради ловењето, труењето, недостигот на храна и други фактори.

    Податоците добиени преку следење со ГПС-технологија покажуваат дека овие птици на Балканскиот Полуостров најчесто се задржуваат во седум клучни зони заради размножување и одмор при миграциите. Една од нив е Тиквешко-Демиркапискиот Регион, кој денес е дом на два пара египетски мршојадец и на околу 20 пара белоглав мршојадец, поради што и ќе биде во фокусот на проектните активности.

    „Постојните популации кај нас ќе се зајакнуваат преку воведување 50 нови единки од белоглавиот мршојадец, кои ќе бидат донесени од Шпанија. Овие птици ќе бидат префрлени во кафези за аклиматизација и пуштени согласно соодветен протокол и во соработка со локални партнери. Заради истражувачки и превентивни цели, пред да бидат пуштени, ќе им бидат поставени ГПС-предаватели“, соопшти МЕД.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира