1. Еден ден по трагедијата во Тетовско и смртта на шестмина наши сограѓани, од кои четири деца, пристигна и радосна вест. Додека граѓаните на Македонија својата хуманост со тетовци ја искажуваат со испраќање СМС пораки со кои донираат 100 денари, во коритото на Вардар во центарот на Скопје почна да се наѕира столбот од Панорамското тркало што ќе чини 18 милиони евра. Донациите одат за тетовци, ДДВ-то оди за Владата. По 100 денари за санирање на штетите од летниот дожд и по 18 денари за панорамското тркало.
Собирањето донации преку мобилните оператори стана дел од секојдневната живеачка. Баш ме интересира, колкумина од тие што испраќаат СМС пораки за хуманитарни цели до сега девет пати гласале за изградба на Панорамското тркало. Колкумина девет пати со својот глас потврдиле дека се согласуваат со таквата политика на трошење на нивните пари.
Со сто денари повеќе, или помалку дадени за да се ублажи нечија несреќа, никој ниту осиромашил, ниту се збогатил. И ќе продолжиме да собираме донации. Особено за болни кои не можат да соберат доволно пари за лекување. Денес собираме хуманитарна помош за жртвите од Тетовско, утре ќе собираме пари за жртвите на Панорамското тркало. Да не кажам – жртви на Мајка Тереза. Оти веќе доволно го испоганивме нејзиното дело со самото тоа што ќе ѝ градиме бизарно монументален и прескап споменик. Од почит кон жената што се грижела за болните и презирала ненаситно трошење, ние ќе потрошиме најмалку 6 милиони евра, без анекси на првичниот договор. Каде? Во земјата во која деца гинат од пороен летен дожд. И во која телефонските претплатници собираат по 100 денари за лечење на деца во странство.
2. Премиерот Никола Груевски во говорот по повод Илинден рече: “Го спореа и успехот на илинденците, го спорат и нашиот успех, успехот на нашата генерација, но тој не може да се скрие, нашите идеи, дела, реформи, перспективи”.
Не требаше да помине многу време за некој да пишува историја со која ќе ги оспорува успесите на Груевски. Само еден ден по неговиот говор на Шара заврна дожд и се случи трагедијата во Шипковица и Речица. Неговиот успех не му го оспори историјата. Му го спори природата. Покажа како му функционира државата, како функционира локалната самоуправа, како функционираат јавните претпријатија, како функционира казнената политика, како функционира вработувањето по партиски и етнички клуч… И како функционира пропагандата. Сите отидоа да се сликаат со жртвите. Така е тоа. Кога ништо не ти функционира како што треба, ти останува само да се сликаш.
3. Мештаните бараат помош од државата. Од која држава? Од таа што не ги казнувала кога фрлале шут по суводолиците и што го толерирала безмилосното сечење на шумата? Од таа што не само што не ги спречила дивите депонии, туку и не ги исчистила. Кога гласале за градоначалник, за личност што ќе им ги реши комуналните проблеми ли гласале, или политика терале, па за партија се изјаснувале.
Градоначалничката Теута Арифи вели дека тоа што се случило било елементарна непогода. Објасни дека не дошло до класично излевање на реките оти реки нема. Како тогаш во жежок летен ден од девет литри дожд на метар кубен имаше шест жртви. Што ќе правиме ако на есен врне повеќе од три дена? Или на пролет ако снегот почне нагло да се топи?
Не за џабе реката што тече низ градот се вика Пена. Не ќе да е така да ја завикале оти и во минатото како и сега низ нејзиното корито се тркалале стари машини за перење и амбалажа од детергенти. Селото Порој зошто се вика така? А Мала Речица, Голема Речица? Зошто им дале такви имиња?
Не за џабе се вика природата враќа. И не за џабе се вика, кај идела вода, пак ќе иде. Не за џабе и Водно се вика Водно.
4. Тоа Панорамското тркало кај почнало да се гради сигурно и ќе се изгради. Тоа е веќе завршена работа. Туку дај да ја спречиме онаа глупост од над 6 милиони евра за Мајка Тереза што се фалеше дека ќе ја гради Субрата Рој. Неговиот срам ние ќе го плаќаме.
Кај се архитектите? Каде се уметниците? Каде се градските деца. Нели центарци се многу посебни? Оној градоначалникот Андреј Жерновски ќе се врати ли од одмор? Кога веќе не беше тука за 26 јули нека дојде макар протест да изрази против скапиот и бесмислен споменик за хуманитарката. И нека не се правда дека тоа не е во негова надлежност. Можеби донесувањето одлуки за споменици не е во негова надлежност. Ама активизам со личен пример за отпор и за притисок врз власта сигурно е во негова надлежност. Кога веќе граѓаните сто пати гласаа за него и му дадоа доверба за такво нешто.
Он ќе градел пјацети. Во Дебар Маало. Оти на Дебар Маало само уште пјацети му фалат. За да не личи на Газа.
5. Битолчани и во лето дишат 20 пати повеќе ситна прашина од дозволеното. Побрзо на Марс ќе откријат живот отколку што ќе се дознае зошто во градот под Пелистер има прашина и тоа за време на продолжен викенд кога има помалку коли, градот е полупразен, а Битола нема ни аеродром. Освен ако и со загадувањето битолчани не се посебни, па се ладат со климатизери на ќумур и дрва.
А може и божја казна е. Оти Прилеп има, а Битола нема палми.
6. Американскиот амбасадор Џес Бејли и амбасадорот на ЕУ Аиво Орав ги викаат еден по еден лидерите на политичките партии на рапорт во американската амбасада за да ги потсетат дека нешто потпишале и дека роковите течат. И покрај отпорот и пасивната агресија на нашиве лидери, овие од САД и од ЕУ изгледа стварно решиле држава да ни направат. Оти не знаат што да ни прават.
Што да каже човек, а да не заплаче.