1 Зар некој сериозно ја сфати интерпелацијата во четвртокот? Зар некој сериозно сфати дека Владата е во криза и дека кабинетот на Груевски може да не добие доверба во Собранието? Зар некој сериозно мислеше дека утре Буш во Тирана наместо со премиер на Македонија, ќе требаше да се сретне со мандатар?
Единствената сериозна работа што излезе оваа недела е дека ни оваа влада не успеала да заврши барем една конкретна работа што навистина ќе нѐ приближи до ЕУ и НАТО.
Цело време се зборува дека нема НАТО и ЕУ без судски реформи. За реформите мора да профункционира Државниот судски совет.
Опозицијата не ги сака кандидатите на власта. Власта не ги сака кандидатите на претседателот. ДУИ не сака никого.
Излегува Бранко и вели дека жали оти пратениците останале закопани во партиските ровови.
Излегува Груевски и вели дека жали оти опозицијата прави опструкции и блокада на системот.
Доцна им е да жалат. Ако во НАТО примаат феудални општества, тогаш имаме шанса. Оти партиите личат на феуди. Главен е интересот на феудалецот, а не на државата.
ВМРО-ДПМНЕ велеше дека има програма од сто чекори. Море какви сто чекори. Ние сме сто светлосни години назад.
2 Премиерот Никола Груевски пред гласањето за довербата неколку пати рече дека тој и министрите дневно работеле по петнаесет часа.
И сега што треба ние да правиме? Да го жалиме? Или да му се восхитуваме. Сигурно најмалку три часа дневно организираат сликање. “Ај напуштајте тоа кабинетите, дојдете да се сликаме. Да видат колку сме единствени”. Којзнае колку часа само губат на сценаријата за отворените седници и директните ТВпреноси на седниците.
Покажаа дека не можат да завршат конкретна работа во конкретен даден рок? Покажаа.
Тоа што премиерот работи 15 часа е негов проблем. Тој може да работи и 100 часа, ама ако нема резултати, џабе му е.
3 Ден пред расправата во Собранието Никола Груевски го убедил коалициониот партнер Мендух Тачи дека оралниот договор што го постигнал со Али Ахмети не бил договор туку бил записник.
Бидејќи договорот им го напишаа странците, излегува дека Џилијан Миловановиќ и Ерван Фуере биле записничари.
4 Државниот обвинител Љупчо Шврговски го предложи ВМРО-ДПМНЕ, а го изгласа Собранието.
Министерот за правда Михајло Маневски, кој исто така е од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно не го бендисува Шврговски, а не може да го смени и смисли нова финта. Ќе стави уште еден јавен обвинител. Тој обвинител ќе се борел против организираниот криминал.
Ако министерскиот обвинител се бори против организираниот криминал, против што ќе се бори државниот обвинител. Против неорганизиран криминал!?
Не е толкав проблем што државниот обвинител ќе се бори против ситни крадци, психопатски убијци, новинари обвинети за клевета и возачи што направиле сообраќајки. Проблем е што оној другиот обвинител ќе му одговара лично на министерот за правда, а не на Собранието.
Така министерот кој е партиска фигура ќе добие личен обвинител. Па ќе може од името на владејачката партијата легално да следи и прислушува. Го гледаш Маневски на телевизија како ја објаснува оваа идеја и после се чудиш што граѓаните на Македонија кога се слушаат преку телефон викаат: “Ај ќе се видиме, па ќе зборуваме”.
Ова не е паралелен јавен обвинител, задолжен само за борба против организиран криминал, како што се жали Шврговски. Ова може да биде паралелен обвинител за спречување на борба против организираниот криминал. Оти организиран криминал, по дефиниција, подразбира криминал кој е поврзан со лица од државните органи. А министерот самиот е партиски кадар во државен орган. Против кого ќе се бори? Против самиот себе!?
Претходниот јавен обвинител Александар Прчевски за себе велеше дека е “последната будала”. Сега Маневски сака да ја зголеми конкуренцијата. Дали неговиот избор ќе биде поголема будала од последната будала?
5 Вчера ударна вест во весниците беше дека на улиците во Скопје во вторник ќе им биде исклучена струјата, оти градот има големи долгови кон ЕСМ.
Утре претпоставувам главна вест од Тирана ќе биде дека можеби имаме шанса да влеземе во НАТО?
Како? Ај што улиците ќе бидат во целосен мрак, ама ни семафорите нема да работат. Тоа сигурно го нема ни во Авганистан. Тие не се во НАТО, можеби ни улици, ама семафорите им работат.
Дај засилено да работиме на стандардите за НАТО. Да купиме газиени ламби.
Кога ќе тргнеме по Партизанска, ќе свртиме на булевар 8 Септември и кога ќе го поминеме Качанички пат, таму некаде пред Блаце, ќе нѐ дочека светлата иднина.