1 “Идентитетските прашања се многу важни, но она што е уште поважно е минатото да не ја држи иднината во заложништво”, му кажа претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо на премиерот Никола Груевски во Брисел.
Ако зборуваш од аспект на европски бирократ многу е лесно да се изразиш така.
Ама од аспект на Македонец соочен со глупава блокада и насилничка политика на моќна соседна земја и лицемерно солидаризирање на моќната Европска унија и уште помоќното НАТО изјавата на Баросо звучи многу болно и беспомошно.
Само, Баросо не е виновен. Ние сме си виновни што очекуваме од него да слушнеме нешто ново. И затоа што толку многу ги чекаме неговите изјави. Такви сме си ние. Пет века чекавме абер од Стамбола. Пет децении чекавме повик од Белград. Сега нетрпеливо секоја есен чекаме извештај од Брисел. Во меѓувреме направивме едно црешово топче, задоцнивме со востанието против бугарските фашисти, не стигнавме на АВНОЈ оти не завеа снег и последни се отцепивме од Југославија, ама дел од неа си задржавме во името.
Така што изјавата на Баросо и сите европски бирократи што зборуваат со истите фрази за името очајно покажува дека ЕУ нема да ни го реши проблемот.
Оти ЕУ нема проблем. Проблем имаме ние.
2 Новите автобуси со старски изглед на горниот кат ќе бидат високи само 170 сантиметри. Во која фаза од нарачката дознале дека вториот кат ќе биде толку низок? Дали во Кина кога министерот за транспорт Миле Јанакиески се качи за да го разгледа прототипот? Или некаде било напишано, ама нашите го игнорирале тој факт? Мислеле дека Кинезите се шегуваат.
Лондонските автобуси на вториот кат се високи 190 сантиметри. Ама тие се големи. А ние сма мали. Тие се Англичани. А ние сме Македончиња. Башка што наведната глава сабја не ја сече.
Ако планирате децата да ги праќате со автобус на школо, на време престанете да им давате млеко. Да не пораснат повеќе од стандардите на ВМРО-ДПМНЕ.
Миле рече дека горниот кат бил предвиден само за седење. Како ќе се качуваме? Во седечка положба? Или ќе не катапултираат седнати. И рачки за држење не мора да ставаат. Со грбот ќе се потпираме на таванот.
Па и да се само за седење не можеш помешечки да одиш до столчето. Кога ќе се качиш ќе доползиш до седиште. Две станици пред да се симнеш ќе доползиш до скалите и се фрлаш удолу. Ако во меѓувреме автобусот не акне на некоја шахта или лежечки полицаец, па да си ја скршиш главата.
Уште отсега нетрпеливо го чекам првиот автобус и сечењето лента. Никола Груевски може и некако ќе се напика горе. Ама Мартин Протоѓер ќе мора главата да ја вади низ отворот за вентилација.
Нема да ризикуваат. Фатмир Бесими и Гордана Јанкулоска ќе го преземат тој дел од презентацијата.
3 Во неделата вртев канали во два по полноќ. И го фатив преносот од отворената седница на Владата. Па си помислив дека гледам “Сам свој мајстор”. Или “Фарма”. Макар што повеќе ќе да личеше на “Големиот брат”.
Кога на прес конференција ќе ги прашаш министрите тие ништо не знаат. Велат дека тоа не е тема на пресот. Или, дека ќе видат, па ќе одговорат. Ама пред премиерот сите одговараат на сите прашања. И се знаат.
Затоа следниот пат Груевски нека не организира отворена седница со Влада. Нека свика една отворена седница со новинарите. Па да види колку министрите не знаат.
4 Баш ме интересира како би успеале Имер Селмани и Мендух Тачи својот умен предлог за попис во јули, или август да го дадат во Германија, или Швајцарија. Да прават попис на тие што живеат надвор, па доаѓаат две три недели тука. А тие што живеат тука нека одат на одмор. И ако и после тоа нема доволно Албанци од тоа што предвиделе, нека земат пушка.
5 Кога Албанците се тепаат со други, тогаш земаат пушка. Ама откако почнаа да излегуваат досиејата за ДУИ се гледа дека кога се бијат меѓу себе, се бијат со книга. Напишана на српски.
Патем, верува ли некој уште во таа лустрација? Досието за Трендафил е оригинално, а досиејата за коалиционите партнери не се оригинални. Барем додека не излезат од Влада.
6 Што градба ќе е Триумфалната капија што вреди дури четирипол милиони евра? Што бетон ќе вградат, каква арматура, од каде ќе го носат песокот за цементот? И знаат ли тие колку се четириипол милиони евра? Знаат ли колку работа треба да се заврши за да се заработат четириипол милиони евра? Заработиле ли сите заедно толку пари?
Барем да ја остават зградата шуплива. Па да може внатре да се собираат бездомниците за да не измрзнат в зима. Или нека стават јавни тоалети. Па ќе оставаме сите по 1 денар за мала и 2 денари за голема нужда. Па кај и да е за едно педест години сами ќе си ја вратиме инвестицијата. И Триумфалната капија ќе има барем некаква смисла.
7 Како им тргна со градежништвото сега и Клиничкиот центар ќе го селат од Водно во Бардовци.
Идејата е прекрасна. Особено што велат дека до таму ќе се стасува со воз. Ама од каде?
За компјутерска томографија се чека од 4 до 6 месеци. За ехо на срце се чека 3 месеци. За мамограф се чека 8 месеци. За анализа на тироидната жлезда се чека пола година. А за реагенси за алергии не се чека, оти нема. Цитостатици одвреме навреме снемува, ама им ја менуваат терапијата…
Важно, Клиничкиот центар за половина милијарда ќе се пресели.
А бубашвабите ќе ги преселат ли?
.