1 Иде Нова година, па ајде да гледаме малку со оптимизам по ова што и се случи на Македонија. Добрата е вест е дека нашиот народ не му се придружи на „мојот“ народ и на „твојот“ народ. Добрата вест е дека нашиот народ на „мојот“ народ и на „твојот“ народ гледа како на две навивачки групи кои се тепаат на трибините. И добрата вест е дека сега на нашиот народ му е совршено јасно дека „мојот“ народ и „твојот“ народ не настапуваат во име на Македонија, туку во името на „мојот“ и „твојот“ лидер.
Сто пати на ова место сум напишал дека Македонија е навистина заложник на Бранко. Ама по она смирувачко обраќање до нацијата од премиерот, откако буџетот за 2013 година беше донесен со аплауз и нели, во нормални услови за работа на Собранието, уверен сум дека Македонија е заложник и на опседнатоста на Груевски со Бранко. Од неговото обраќање се виде дека ова беше една борба на две суети големи како две Шар Планини.
Ти ми се закануваш со народ на улица? Е ај да видиш дека јас можам повеќе народ од тебе да извадам на улица.
Ти ми се закануваш со автобуси? Ај да видиш дека јас можам да донесам повеќе автобуси од тебе и нема да одат на технички преглед како твоите автобуси.
Ти на мене фашист? Јас на тебе пучист.
Ти на мене Милошевиќ? Јас на тебе Гадафи.
Не му е доста на Груевски што успеа три пати да го сомеле Бранко на избори. Туку мораше и пратениците да му ги избрка од Собрание. За да биде исто како во 1994 година. За да може и тој да владее сам, без опозиција како што владееше Бранко. Зошто? Затоа што му се може.
2 На Бранко не му е важно што веќе три пати на големо ги губи изборите. Не му е важно ни што се занесе дека и нашиот народ ќе се придружи на „неговиот“ народ, па со одвај 3.000 луѓе тргна да го освојува Собранието. Најважно е што Бранко си направи уште едно алиби за ни во мај в година да не се повлече од лидерската позиција на СДСМ.
Мене ми беше совршено јасно дека Никола и овој пат ќе го тепа Бранко уште вечерта кога опозиционерите ставија тенда пред Собранието. И тоа во моментот кога Бранко им рече: „Ве чекам утре во 8.30“. Оти револуционерите мораа да одат дома на топло да се наспијат. Па и кога дојде утре, неговите беа таму во 8.30, ама Бранко дојде подоцна.
До кога утре бе Бранко? Утре ќе правам влада во сенка, утре ќе правам митинг, утре ќе пишувам програма, утре ќе се повлечам од претседател на СДСМ, утре нема да се кандидирам за претседател, утре ќе се кандидирам за претседател…
Поминаа 21 година со тебе Бранко. И како премиер, и како претседател и како лидер на опозиција. Дваесетиедна година чекаме да дојде утре. А утре никако не доаѓа.
3 Дури ни тоа што на улица се тепаа двете навивачки групи не е толку страшно, оти таму беше полицијата да ги раздвои. Среќа што беа таму и среќа што беа професионални. Иако и по нив фрлаа камења.
Лошата вест е дека од понеделникот Македонија веќе нема Парламент. Власта го укина Собранието. А во тоа сесрдно и помогнаа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски и пратениците од владејачката коалиција. Се самоукинаа и ја оставија земјата без носечкиот столб на демократијата.
Солза од око ми капна кога ми раскажуваа како некои од пратениците гледале надолу и не се чувствувале пријатно кога обезбедувањето ги влечеше нивните колеги и ги исфрлаше од салата. Демек им било срам.
Не беше време за срам. Наместо да се срамеа, требаше да ги одбранат своите колеги. Или барем да се побунат. Што луѓе се тие пратеници што седат во највисокиот дом на една демократска држава, благодарни дека партијата владее со нивните глави и нивните чувства? Па што би била партијата без нив? И тие луѓе ми биле народни пратеници?
Да беа народни пратеници ќе застанеа во одбрана на своите колеги. Зарем навистина не сфаќаат дека кога со главите надолу и помогнаа на Владата да го укине Парламентот, во исто време си ја укина сопствената вредност? Оти утре обезбедувањето ќе реши и нив така да ги исфрли. Откако пред тоа ќе ги исфрли новинарите за да не види јавноста како и нив ги исфрлаат. Не е важно која влада ќе биде на власт. Сетики ќе најдат некоја Лиле Поповска да изрецитира некои членови за создавање непречени услови за работа на Собранието, и во име на женското лоби ќе го оправда тепањето на жените оти се рамноправни со мажите.
4 Затоа, најмалку што сега треба да направи спикерот Трајко Вељаноски не е да изразува жалење и да се правда дека тој прв бил нападнат. Да. Бил нападнат. Ама нека се потсети на покојниот спикер Љупчо Јордановски, како во декември 2003 исто така при донесување на буџет, стави слушалки на главата и ја водеше расправата иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на сите начини се обидуваа да го опструираат одржувањето на седницата. А тогаш пратникот Никола Груевски за миг му ја одзеде и картичката на спикерот. Ама на Јордановски не му текна обезбедувањето да го сврти против пратениците и да нареди да ги исфрлат опозицијата и новинарите како партал. Иако можеби Бранко тоа и го очекувал од него.
Што убаво се изразува Вељаноски. Колку емотивно во понеделникот кажа дека се што направил, направил за доброто на народот и на Македонија. Па и за срце се фати. Е па сега нека си даде оставка. За доброто на народот и на Македонија. Колку тоа Груевски и да не го очекува од него.
5 Во онаа ТВ бурекџилница што ја користат како владина исповедалница за гревовите, ударното трио Силвана Бонева, Владанка Авировиќ и Благородна Дулиќ, зајакната со наводно засрамениот Влатко Ѓорчев, раскажуваа дека морале да ги отстранат новинарските екипи оти тие имале стативи, камери и фотоапарати кои од галеријата можеле да паднат врз пратениците. Што се замислуваат? Дека некоја будала ќе зијани камера, и тоа баш на нив? Знаат ли тие колку чини една камера?
По оваа исповед на измачените пратенички, Силвана Бонева блесна со генијална идеја новинарите да ги стават зад непробојно стакло. Тоа е еден од начините пратениците од власта да се чувствуваат побезбедни. Веројатно власта би била најбезбедна кога би ги ставиле новинарите и зад решетки.
6 Американската амбасада во првата реакција по укинувањето на Парламентот изрази разочараност и вознемиреност. А македонскиот претседател, спикерот и премиерот изразија жалење.
Тажно, ама вистинито. Чувствата на македонскиот народ не ги изразија македонските лидери што се колнат во него. Американскиот амбасадор беше тој што со два збора отслика како навистина се чувствувавме во понеделникот сите ние што не сме во навивачките групи. Разочарано и вознемирено.
7 И сега што? По 21 година независност и божем градење држава, пак странски амбасади ќе изразуваат вознемиреност, ќе ни го бараат чарето, ќе ни прават лидерски средби и политички дијалози, ќеја враќаат опозицијата во парламентот, ќе го убедуваат Бранко да не бојкотира избори, ќе го стават Груевски под засилен меѓународен надзор… Само затоа што нашите лидери не сакаат ни да зборуваат меѓу себе.
Косово од петни жили се труди да покаже дека е држава. А ние дека сме зрели за протекторат.
8 Во колективната меморија на оваа држава има слики што ги паметиме со радост и гордост, но и слики кои ги паметиме со страв. Не се забораваат прославата на Референдумот за независност на Македонија, на 8 септември 1991 и донесувањето на првиот Устав, на 17 ноември 1991 година. Но не се заборава ни 5 октомври, 1995 година и сликата од атентатот врз претседателот Глигоров.
По 24 декември, 2012 година, кога Македонија го изгуби Парламентот, останува уште една слика за паметење со страв. Тоа што го видовме во Собранието снимено со мобилни телефони, оти новинарите беа избркани, нема да го истера од нашата глава ниту еден владин пропаганден спот. Таа слика едноставно не се заборава.