1. Денес е 25 мај. Кога бев мал, на денешен ден се одржуваше грандиозниот слет на стадионот на ЈНА во Белград, по повод роденденот на Јосип Броз Тито. На тој ден, секоја година, во рацете на Тито завршуваше штафетата на младоста, која цел месец пред тоа, од рака до рака, се пренесуваше низ територијата на тогашна СФРЈ, а неговиот роденден се славеше како Ден на младоста.
Денес е 25 мај. Многумина што тогаш беа мали денес се пораснати. Изгледа дека им недостига тоа време. Навиките остануваат. Денес нема штафета. Меѓутоа, секогаш се наоѓа замена. На пример – статуетката “Курирче”.
Некому од манифестацијата за детски литературни творби му текнало почесната статуетка “Курирче” да му ја додели на претседателот Киро Глигоров. Ако може претседателот на државата да биде почесен член на Сојузот на возачите на Македонија, зошто да не биде и “Курирче”. Утре ќе почнат во своите здруженија да го примаат и пчеларите, овоштарите, девизните штедачи, риболовците, новинарите, ликовните уметници…
Претседателот е витален и активен човек, па се дружи со сите. Еве, само оваа надела успеа да оди на изложба, да го отвори саемот на автомобили, да присуствува на прогласувањето на носителот на Златниот венец на Струшките вечери, да се качи во хеликоптер на УНПРЕДЕП… Толку успеаја да јават од неговиот кабинет.
2. Верувам дека тие што му ја смислиле статуетката “Курирче” сериозно размислиле пред да решат да му ја доделат. Курирчето носи пораки. А кај нас претседателот Глигоров испраќа пораки. Секоја недела по едно интервју за странски весник. Се јавува надвор, а испраќа пораки – внатре.
Веројатно затоа што се работи за странските весници, некои работи остануваат нејасни. Па претседателот мора следната недела повторно да дава интервју за друг странски весник. За да дообјасни.
Од пораките на претседателот најмногу беа изненадени политичарите од албанската националност во Македонија. Имаа потреба да го коментираат секое интервју. За тоа не треба да им се забележува. Утре во Албанија има избори. Не може тие да поминат така, а да нема предизборна кампања во Македонија.
Проблемот во неразбирањето на пораките од странските весници е проблем на несфаќање на една опција која очигледно дава резултати. Таа е – една нација во една држава. Албанците, како и сите други нации на Балканот живеат поделени во повеќе држави. Нивните лидери сакаат да ги сместат во една. Тој принцип, се покажа, успешно функционира. И Милошевиќ сакаше сите Срби да ги собере во една држава. Затоа и ги воведе војните во Хрватска и во Босна и Херцеговина. И – успеа во тоа. Сега сите Срби живеат во – Србија.
3. Секоја година во овој период на мај, за време на Деновите на Македонија во чест на св. Кирил во Рим и Ватикан, папата Јован Павле Втори прима некој македонски политичар. Минатата година тоа беше претседателот Киро Глигоров, предминатата година премиерот Бранко Црвенковски, а оваа година претседателот на Собранието Тито Петковски.
Ете, и ние Тито за папата имаме.
4. Министерството за одбрана решило да купи неколку брзи воени авиони од типот “Албатрос”. Албатрос е птица со голем клун и со големи крилја. Позната е и по тоа што ѝ треба поголем залет за да се дигне во воздух. Да се надеваме дека авионите што го носат нејзиното име не се правени и по нејзин урнек. За клунот и крилјата некако ќе се снајдеме. Ама, за залетот… Некој, додека се залета, веќе да го повреди воздушниот простор на некоја соседна земја.
Командантот на военото воздухопловство, полковникот Миле Манолев, вели дека тие се приближуваат кон стандардите на НАТО. Авионите биле од чешко производство. Тоа не е важно, затоа што велат дека имале јаки мотори. Од рускиот производител на авионите “ЈАК”.
5. Велат и дека веќе длабоко сме завлегле во капитализмот. Други тоа го одрекуваат, употребувајќи го волшебниот збор “транзиција”. Демек, не сме ни социјализам, ама ни капитализам, туку во транзиција.
Директорот на Електростопанството од Штип пронашол идеален начин како да ги наплати сметките за струја, а притоа да не ги исклучува нередовните плаќачи. Во зависност од тоа кој колку му должи неплатена струја, работи за Електростопанството. Така, наместо да ги плаќаат сметките, некои граѓани на Штип копаат во дворот на “Електро”, садат цвеќиња и го уредуваат земјиштето.
Дворот на Електростопанството не е нечиј феуд. Директорот не е феудалец. Нередовните плаќачи на сметките не се кметови. А сето ова не личи ниту на социјализам, ниту на капитализам, ниту на транзиција, ами на – феудализам.
На Балканот ги има сите системи. Бугарија се соочува со недостиг на леб. Во граничните подрачја почна да се одвива интересна трговија меѓу македонските и бугарските граѓани. Македонците нудат три килограми леб, а од Бугарија добиваат еден килограм сирење. Тоа веќе не е феудализам. Се работи за натурална размена од првобитното општество.
Секој ден очекувам пример кој ќе ни покаже дека не сме далеку од каменото време.