1. Си доаѓам дома пред некој ден, пуштам вести на телевизија и гледам најава: “Состојбата во ЕМО се влошува – вработените подготвуваат штрајк”. Тече прилог и слушам: “Државата на работниците им должи 40 плати”. Молам!? Четириесет плати!? Само толку малку? Колку години се тоа? И вработените не се во штрајк, туку подготвуваат штрајк!? Оти кога дошле до 20 неисплатени плати ситуацијата до тогаш не била доволно влошена. Барем не толку за да размислуваат за штрајк. Сега со четириесеттата неисплатена плата почнува да се влошува. Така велат на телевизија. И тоа на телевизија која се осмелила да објави ваква информација. На другите телевизии ништо не велат.
А ние чекаме странци да ни го разубават животот. Како, кога нам животот ни е убав.
2. Само што европскиот олеснувач Питер Ванхауте предупреди дека ако не се реши политичката криза, власта може да заврши меѓународно изолирана како Белорусија на Лукашенко, по телевизиите не престанаа со извештаи за активностите на премиерот Груевски во Мадрид. Груевски беше на партиски собир на европските десничарски партии. Што е партиска активност на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. И не знам зошто таа партиска активност би нè интересирала сите нас, освен ако не сме љубопитни дали трошоците за неа се покриени од нашите заеднички пари од буџетот или партијата му платила на лидерот службен пат. Мене само тоа ме интересира. Сомнежот ми се разбуди кога видов дека Владата, а не партијата информираше за партиските активности на лидерот на партијата на власт. А јавниот сервис МРТВ, тоа го објавуваше.
На вестите се споменуваше и дека на истиот собир ќе била и германската канцеларка Ангела Меркел. Анџак ја спомнаа Ангела Меркел, и јас си споменав дека во март оваа година во нејзината партија ЦДУ во Берлин прашавме дали канцеларката ќе се сретне со премиерот Груевски на ист таков партиски собир. Портпаролот на ЦДУ тогаш ни одговори вака: “Дали ќе има директна средба меѓу Ангела Меркел како претседател на ЦДУ и македонскиот премиер Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ не можам да прецизирам. Таа како претседател на германските демохристијани го почитува правилото да не ги меша активностите кои $ ги наметнуваат функцијата канцелар и шеф на сојузната германска влада”.
Кај нас, бидејќи партијата и државата се исто, Груевски нема проблем да пази на немешање, како што има Меркел. Во Белорусија не знам како е. Не сме прашале.
3. Нејсе. Груевски во Мадрид рече дека “ние сме Европејци и нашето место е во Европа”. Кому му се обрати? На претседателот на Европската комисија Јункер што го испрати комесарот Јоханес Хан да ја решава политичката криза во Македонија? На оној Јункер што го ангажираше Прибе да ја скенира ситуацијата во Македонија? Или на Хан му го кажа тоа, два дена откако еврокомесарот среде ноќ си замина разочаран од Пржино поради кршењето на договорот. Тој Хан го има ангажирано Питер Ванхауте, што на новинарите симболично им црта гробови на закопаните рокови од договорот во Пржино. Па самиот Груевски за Мадрид одлета по пропаднат состанок во резиденцијата на европскиот амбасадор во Скопје. За на истите тие Европејци да им раскажува дека и ние ги делиме истите европски вредности.
Од сите точки во договорот од Пржино се оствари само враќањето на СДСМ во Собранието и мораториумот за бомбите. Македонија доби уште една тоалетна хартија. Само овој пат поквалитетна. Повеќеслојна, по меѓународни стандарди и со европски сертификат.
4. Интересно е лицитирањето со бројот на предмети на специјалната обвинителка Катица Јанева. Од каде знае Советот на обвинители дека таа сега има 28 предмети? И како оценија дека за толку предмети неа $ се доста седум помошници?
Љубоморни ли се, завидливи ли се, навредени ли се, независни ли се… Или обвинителите се само исплашени? Тие немаат обврска да ги почитуваат одлуките на четирите партии од Пржино. Ама Законот за специјален обвинител го донесе Собранието. И за него гласаа сите. А пратениците што гласаа и за законот и за Катица претставуваат повеќе од милион гласачи – граѓани на Македонија. Од каде сега тоа тело за кое до вчера немавме чуено дека постои стана главен кочничар за решавање на политичката криза?
Веројатно на обвинителите им е повредена и суетата. Оти Брисел и Вашингтон се спотераа покрај нив живи и способни професионалци да најдат некоја специјална Катица да им ја донесат од Гевгелија за да им ја заврши работата. Оти од Брисел и Вашингтон видоа дека од прислушуваните разговори има индиции за сериозен криминал. А обвинителите тука не сакаа да видат.
Не ќе да е до суетата. Обвинителите се плашат дека ако специјалниот обвинител докаже криминал, нивна ќе биде одговорноста што не го гонеле.
5. Претседателот Ѓорге Иванов, од историска дистанца, рече дека “политичката криза трае предолго и секој треба да си ја сноси својата одговорност”. Плус истакна дека “е неопходна многу поголема одговорност на сите што се вклучени во целиот процес”. Тој, бидејќи не е вклучен во процесот, не мора ни да има одговорност.
Иванов ова го кажа од Гевгелија. Каде беше пред тоа? Од Марс ли се симна? Отиде да провери дали има вода и се врати? Па по четири години колку што трае патувањето до Марс и назад, плус и ако се задржал малку таму, даде изјава и кажа дека “трпението на граѓаните е при крај”.
Претседателе, дали има вода на Марс?
6. Гимназијалката од Радовиш Марија Крстева успеала да набави 16 бели стапови за слепи лица во нејзиниот град. Веста ја прочитав на локален радовишки портал. Ученичката била на младинска програма за размена на ученици во САД спонзорирана од Стејт департментот и таму била сместена во семејство каде што имало и една слепа девојка. Кога се вратила дома решила да им помогне на слепите лица во нејзиниот крај. Се обратила на американската амбасада и на неколку радовишки фирми и обезбедила пари за 16 бели стапови. Марија го направила тоа што други кои за тоа ги плаќаме – не го направиле.
Колку чини еден бел стап? Поскап ли е од една шипка во оградата околу Владата?
7. Вчера беше роденденот на ВМРО. Но не на ВМРО-ДПМНЕ. Оти ВМРО-ДПМНЕ за овие десет години успеа да ни го украде ВМРО. Затоа што сите што не се за ДПМНЕ ги прогласи за предавници.
Е па кога веќе 10 години нè делат на патриоти и предавници, се сетив дека овие што се претставуваат како најголеми патриоти изменија сè што било македонски идентитет. Ај историја што менуваат, и онака историјата победници ја пишуваат, а тие девет пати победуваат. Ај што со зградите од “Скопје 2014” измислија историски период што сме го немале и лажираат архитектонска историја со пластичен необарок и гипсан неокласицизам во 21. век. Ај што го заградија споменикот на ослободителите на Скопје од фашистите. Ама тие и природниот пејзаж го сменија. Ги исекоа дрвата и насадија палми по градовите. И морска песок донесоа на езерските плажи. Зошто толку омраза кон сè што било Македонија пред 2006?