45 МИНУТИ

Ако мирот во Македонија ни зависи од криминалци со тапија - ебате мирот

    1 Тешко е да се пополнат вести од 45 минути. Особено ако не знаеш каде се наоѓа таму некој си Хоџа. Дали е во селото или во планината. А тој не се јавува на мобилен.
    Многу се вознемирив кога чув дека во Танушевци ги евакуирале жените и децата дури со две коли. Вчера и јас ги евакуирав и жената и децата. Ама бев во паника, па ги стрпав во една, наместо во две коли. Од паниката не успеав да се јавам на телевизија. А и никој од колегите не ме побара. Изгледа имале со што да ги пополнат вестите.
    Тој Хоџа е многу важен фактор. Ќе правел референдум за отцепување на Танушевци од Македонија. Повикал и на мобилизација. Го чула тоа мојата комшивка, па и таа повика на мобилизација. Расипан е лифтот и никој не плаќа. Опасно е да се живее во Скопје, во Центар, ама никој не ја објави сензационалната вест.
    Тој Хоџа е некоја битна фигура во некоја негова партија. Ама рекоа дека ни таму не добил поддршка. Затоа пак јас ја поддржувам комшивката. Ако треба ќе распишеме и референдум. Ќе го отцепиме нашиот кат од неплаќачите. Е таа вест веќе сакам да биде објавена како што треба. Со десетминутен прилог и со најмалку две изјави. Јани Макрадули да каже дека е загрижен, а Силвана Бонева дека лифтот е под контрола.

    2 За да успее Хоџа да го однесе Танушевци во Косово, треба да собере 150.000 потписи за граѓанска иницијатива за референдум. Бидејќи нема да собере 150.000 потписи, предлагам ние да ги собереме и да распишеме рефрендум со кој ќе ја отцепиме Македонија од Танушевци.
    Веднаш потоа, од демократските земји како САД и Израел ќе ги земеме плановите за ѕидовите кон Мексико и кон Палестина. Така сите ќе си бидеме мирни. Косово и КФОР нека си го добијат Хоџа, а ние ќе престанеме да се нервираме со Танушевци.
    А ако референдумот не успее, тогаш веќе и полицијата ќе мора да влезе таму и да ги поапси сите Хоџи.
    Оти, ако од криминалци со тапија зависи мирот во земјата, тогаш ебате мирот.

    3 Владата веќе стартуваше со нова рекламна кампања со која уште повеќе ќе се подобри инвестициската клима.
    На билбордите ќе осамнат следните примери:
    – Државата ќе склучи договор со некоја странска фирма. Ќе дојде друга власт и договорот ќе го поништи. Ние ќе платиме 60 милиони долари. – Случај ОКТА.
    – Државата ќе те повика да инвестираш и ќе ти даде 40 локации за градба. Ќе си направиш бизнис план, ќе дојдеш да градиш и ќе сфатиш дека од 40-те локации, 38 се спорни. А тоа спорни со нашиот катастар и нашите судови значи дека може никогаш да не станат неспорни. – Случај Лукоил.
    – Прво ќе ти продадат загубар и со договор ќе ти дадат слободна зона. После ќе ти го продадат земјиштето околу фабриката. На крај некоја друга влада ќе донесе закон дека не смееш да имаш приватен имот ако сакаш да имаш слободна зона и ќе ти ја земат зоната. – Случај Фени.
    – Државата ќе ти продаде супер скапа локација за супермаркет. Таман да почнеш да градиш ќе треба да платиш уште, затоа што ти продале приватен имот. – Случај Веро.
    – Државата ќе ти даде земја за бесцаринска зона. Ќе се смени владата, земјата ќе ја посака некој друг и ќе ти ја земат. – Случај Бунарџик – Тајван.
    – Државата ќе то даде супер погодности за слободна бесцаринска зона. Ама, ЕУ ќе рече дека така не смее да се работи. Ќе дојде нова влада, ќе ја послуша ЕУ. – Случај Џонсон Контрол.
    – Државата ќе одобри приватизација на некоја фирма, луѓето ќе си купуваат, ќе си продаваат акции и секоја нова влада доживотно ќе вели дека тоа не важи и ќе си бара колку што мисли дека е нивно. При тоа пресудата на Врховниот суд не е важна бидејќи била во време на некоја претходна власт. – Случај Фершпед.
    Кампањата има за цел да ја потенцира правната сигурност во државата.
    Нејзиното мото е: “Инвестирајте во Македонија. Пола ќе ви земеме”.
    Лани си продал акции за да си реновираш дома. И сега Владата ја поништила приватизацијата на фирмата од која си ги продал акциите. Што ќе ти земе? Три столици од шесте во трпезаријата, троседот оти тие имаат 51 отсто и евентуално една чешма од бањата. За се да биде чисто. Или, ако од парите од акциите си правел свадба за синот, ќе ти ја земат снаата.

    4 Инвестирајте, ама гледајте да не ги покажувате парите. Оти премиерот сака капитализам, ама не сака богаташи. Веројатно затоа што сите богаташи по дефиниција се крадци. Затоа и имаме наслови по весниците: “УЈП ќе ги проверува имотите на богаташите”. А што му е друго работа на УЈП? Да ги проверува имотите на сиромашните? Или можеби на сите?
    Во меѓувреме некои фраери на батерии со пријавена плата од 9.000 денари возат џипови и не им плаќаат на вработените ни здравствени, ни пензиски придонеси. Богатите странски инвеститори мораат се да пријават, се да платат, и пак да имаат конкурентен производ. При тоа цело време треба да стравуваат дека на некој од тие со џиповите на кои ни гумата не им вреди колку што пријавуваат плата, ќе им текне дека ја сака баш нивната локација, или баш нивните 51 отсто.
    Таква е инвестициската клима. Сосема нормална за држава во која претседателот има старо “поло” и живее на сметка на жена му, а премиерот нема ни старо “поло” и е бескуќник.

    5 Ги гледав вестите за намачените затвореници од Идризово. Тие штрајкуваат, а замислете роднините ги поддржуваат во нивните барања. И тоа оди на телевизија како сериозна вест. Па дури и мајката на едниот ја прашаа дали го поддржува синот!?
    Тие бараа и Собранието да расправало за барањата на затворениците. По се што плаќаме уште и дневници да им дадеме на пратениците за уште една седница за џвакање јазик. Што ќе расправаат? Дали е оправдана пресудата “шест години за један пиштољ”?
    Има ли поголема правна лакрдија кога од убијци и силувачи направивме политички затвореници?

    6 Грција немала политички мотив кога рече дека не и требаат пожарникарите од Македонија кои чекаа на граничниот премин да помогнат во гасењето на катастрофалните пожари.
    Тие си ја вратија сопствената амбасадорка, а не пак нашите пожарникари.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира