1 Знаев дека Грците ќе ги фатиме на кондиција. Додека Караманлис и Бакојани се занимаваа со глупавиот проблем со името на Македонија, си ја баталија државата. Па цела недела им се случува народ на улиците. Насловите на светскиот печат велат дека има нереди, востание, социјална револуција, дека Грција гори…
Жестоки масовни протести, повредени и уапсени, запалени дуќани и коли има речиси насекаде. Не само во земјата туку и пред грчките конзулати во светот.
Прво се дигнаа во Атина. Па потоа во Солун. Нереди имаше и на островите Родос и Лезбос. И на Крит во Кераклион Ретимно и Ханија. Жестоко било и во централна Грција во Трикала. И во Волос, Патрас… Се дигнаа дури и Турците во Комотини. И Власите во Јанина.
Цела Грција гори. Само во Лерин и Воден е мирно.
Има ли поголем доказ дека таму навистина живеат Македонци? Гледаат сеир и подготвени со кубурот чекаат абер од Стамбол.
Историски, како што било секогаш. Затоа Крушевската Република траела само 12 дена. Затоа делегатите од Македонија заглавиле во снег и не стигнале во Јајце на АВНОЈ на 29 ноември 1943. Затоа Хрватска и Словенија веќе беа надвор од Југославија, а ние ја спасувавме со платформата Глигоров Изетбеговиќ.
Затоа 60 години Македонците од егејскиот дел чекаа некому од Скопје да му текне да ја тужи Грција за одземените имоти.
2 И да го немаше францускиот министер за надворешни работи Кушнер, требаше да го измислиме. Наместо да ни зборува за Сибелиус, да ни дава задачки и да нѐ охрабрува во реформите, директно ни кажа: “Проблемот на Македонија е во името”. Преведено на македонски: “Правете што ќе правите, ако не го смените името, никогаш нема да влезете во ЕУ”.
Плус поентираше: “Ситуацијата денеска изгледа многу, многу комплицирана за така едноставен проблем”.
Сто стапа по туѓ грб ич не болат. Затоа нему проблемот му е едноставен. Ај нека го прогласи да речеме Германија персона нон грата. Ќе може да влезе, ама само ако си го смени името. Истата слика, истите податоци за раѓање и адреса на живеење. Треба да стави само ново име на старата слика. Многу компликации за толку едноставен проблем.
3 Груевски одвај ја дочека изјавата на Кушнер. Да поентира: “Ви викам јас дека поради името нема да влеземе во ЕУ”. Расположен и насмеан, си го потпевнува рефренот: “Вуле ву Кушнер авек муа…?”.
Ама нека не спие Груевски на увото дека Кушнер и името му се алиби да нѐ затвори и да нѐ изолира. Оти, лично не се плашам од тоа дека нема да влезам во ЕУ ако толку брутално ме тераат да ставам ново име на старата слика. Ама се плашам дека наместо Норвешка која, исто така, не е членка на ЕУ, од Македонија ќе направи Молдавија. Или Белорусија.
4 Пратениците се жалат дека мал им бил просторот за пушење. Има најмалку 63 пушачи. Од 24 партии.
5 Спроведувањето на законот за забрането пушење е најдобар доказ зошто се уште се доведува во прашање македонската државност.
Еве како кај нас од право се прави анархија.
Откако кафеанџиите се побунија против законот, пазаришниот инспектор решил да го прочита уште еднаш и заклучил дека забраните се погрешно толкувани оти кафеаната не е ресторан, а ресторанот не е кафеана. И така, иако законот важи, тој решил да не казнува за негово прекршување.
Ете ти правна сигурност. Инспекторот не казнува до моментот додека не им притребаат пари, па да почне да собира казни. Оти законот си важи цело време. Или, на Владата не и се допаѓа инспекторот, решава да го смени со друго партиско решение и го менува со образложение дека не го спроведувал законот. Затоа што законот си важи цело време.
Дојдени до дереџе законот да го толкува кој како сака. И не само тоа. Ај што го толкува, туку од толкувањето зависи дали законот ќе се спроведува.
Капак на се е што законот не се почитува ниту во Собранието. Таму каде што е донесен.
Најинтересни се причините зошто не се почитува. Инспекторот вели дека пратениците што ги фатил на пушење во Собранието му рекле дека “не го почитуваат законот оти тие самите не гласале за него”. Бинго!
А Секретаријатот на Собранието немал намера да се бави со тоа кој крши закон во Собранието, оти “имале попаметна работа”. Уште едно бинго!
Тоа се вика арачиновизација и кондовизација на земјата. Со голема благодарност до сите мисии на ЕУ и НАТО и ОБСЕ и мобсе и бенчмаркови и критериуми и набљудувачи и меѓународни фактори… Оти тие ги охрабруваа силеџиите што го кршеа законот што не им се допаѓал да земат пушка во рака. Оти не гласале за законот, па нема ни да го почитуваат. И со нивен амин силеџиите станаа борци за човекови права.
И што направија? Прво ги легализираа двојните стандарди за важење на законите. А сега бараат политички дијалог. Меѓу кој? Меѓу тие за кои законот важи, и тие за кои законот не важи.
.6 Еден од тие за кои законот не важи е борец за човечки права, инаку пратеник осомничен за тешки злосторства во 2001 година. Пратеникот уште е недостапен за правдата. Даде беса дека ќе се појави на суд, па избега.
За разлика од тие што киднапираа, брутално малтретираа, сечеа, силуваа, имаме очајни и гневни бранители за кои државата нема пари. Врховниот командант на бранителите Борис Трајковски загина во авионска несреќа која уште е не е расчистена. Министерот за внатрешни работи Љубе Бошковски окапа во притвор во Хаг. Министерот за одбрана Владо Бучковски чека ред за Идризово. Во затвор ќе заврши и началникот на генералштабот во времето на бранителите Методија Стамболиски. Претходниот началник Панде Петровски го сменија, па умре.
Се гледа кој ја изгубил војната. Едни во Парламент, други во Бутел и Идризово.
7 Бучко по пресудата од Основниот суд за 3,5 години затвор прво рече дека судството треба да се укине оти е партиско.
Потоа рече: “Подобро би било витешки, со правни средства да се заврши позитивно целата постапка”.
И потоа за А1 изјавил: “Но, во краен случај, претседателот ги има ингеренциите за помилување”.
Така ќе се докаже дека судството е навистина партиско.
8 Загрижени партиски извори велат дека вицепремиерот Зоран Ставрески не може да биде претседателски кандидат.
Имал посериозна државничка работа. Не смее да го напушти местото портпарол на Ленче и нејзината емисија “Фармер”.