1. Нешто не е во ред. Власта е супер, Бранко е супер, законот е супер, странците се супер, а сепак се собраа 150 илјади потписи. Кој ќе биде виновен сега што ќе мора да се распише референдум? Народот што Бранко го кодошеше во Брисел!?
    Ќе мора Љубчо да се врати од одмор. Му треба на СДСМ. Очајно.

    2. Лидерот на ДУИ Али Ахмети, на прославата на Рамковниот договор на Попова Шапка рече дека за него од првенствено значење е прво да се реши употребата на јазикот и националните симболи, па дури потоа ќе се сконцентрира на економската реформа и проблемот на невработеноста.
    Премиерот Хари Костов неколку дена подоцна рече дека предолго сме биле заложници на дискусијата околу територијалната организација.
    Нека не бере гајле. Важно е да е на курсот на Али Ахмети и на неговите приоритети. Се додека не го налутат него, може мирно да си ја тераат власта. Економијата може да почека.
    Немаат само Албанците приоритети со јазикот и националните симболи. И Македонците имаат некои приоритети.
    Еве, сега ќе се занимаваме со дилемата дали роковите за распишување референдум треба да се скратат, или не. Во меѓувреме ДУИ ќе ни се заканува со нивен референдум, а ПДП ќе се повикува на референдумот за Илирида. После ќе дебатираме дали референдумот бил регуларен. Ако успее, ќе се бара виновникот за успехот. Ако не успее, ќе се бара виновникот за неуспехот. После, кај и да е ќе мора да имаме и локални избори. Ќе се занимаваме со Љубчо и Грујо. Па кога ќе поминат локалните избори, ќе има избори во СДСМ. Во меѓувреме, Хари можеби ќе направи и некоја реконструкција на Владата. Пак ќе има преговори меѓу СДСМ и ДУИ. ЛДП пак ќе уценува…
    И така среќно ќе си живееме. Зошто да плаќаме данок кога си имаме јазик?

    3. Бранко рече дека првата година од нивното триумфално враќање на власт ќе ја стабилизираат државата. Во втората година веќе ќе работеа на економскиот развој. Ама не кажа дека Али Ахмети не е заинтересиран за економски бум. Оти се уште во ушите му зуи едно друго “бум” од пред три години. Бидејќи тоа тешко се заборава, на Хари му се случува референдум. Па наместо економски бум, ќе имаме референ бум.
    Економскиот бум ќе го чекаме по две години. За да има СДСМ со што да не убедува, зошто треба повторно да гласаме за нив.
    Немојте да мислите дека нема да имаат што да работат ако им дадеме и нови четири години. Допрва треба да ги решаваат химната, знамето и грбот. Убаво рече Бранко пред некој ден на прославата на АРМ. Државата немала само славно минато. Нашата држава имала и своја иднина.

    4. На прославата на Али Ахмети на Шапка, СДСМ го испрати заменикот министер за екологија.
    Тоа министерство по дефиниција треба да се грижи за заштита на животната средина. Не знаеме со што би требало да се занимава ако ги почитуваме приоритетите на Али Ахмети.
    Ми е страв пак да не сме го налутиле. Да не го сфати како провокација тоа што на Шапка се појавил заменик министер за екологија. Тоа му доаѓа нешто како заменик министер за чиста Македонија.

    5. Командант Баци се изгуби. Ништо чудно. Нели беше болен во главата.
    Не треба да распишуваат меѓународна потерница. И странците не мора да апелираат самиот да се врати во затвор. Знам начин како најлесно ќе го најдат. Нека го викнат Фатос Нано пак да дојде во официјална посета. Баци ќе мора да се појави во обезбедувањето.

    6. Радмила држеше прес конференција. Ни ја претстави новата Европска комисија. Ги оцени сите нови комесари, како да и се студенти, ама најмногу го бендисала комесарот за проширување на ЕУ. Тој ќе бил наклонет кон Македонија оти бил Финец. А Финска била за проширување на ЕУ.
    Верувајте и на Рада кога ве убедува со аргументите како ние ќе влеземе во ЕУ. Може не го знае човекот, ама мора да е фин штом е од Финска.

    7. И на Финците не им е лесно. Откако Естонија стана членка на ЕУ, се повеќе Финци одат таму да пазаруваат вотка и пиво, оти биле двојно поевтини. Се мачат сиромашките, купуваат цели гајби. Како резултат на проширувањето на ЕУ, се повеќе млади Финци стануваат алкохоличари. За државата да им помогне и да им се прилагоди на новите услови морала да ги намали давачките за алкохол.
    Сега цените на вотката се поевтини во Финска отколку во Шведска. Но, според домино ефектот, проблемот се пресели во Шведска. Сега Швеѓаните купуваат вотка и пиво со гајби во Финска.
    Како тргнала работата, домино ефектот на евроинтеграциите ќе не подбере и нас. И кој ќе биде виновен за тоа? Рада!?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира