1 Ме одушевува со каква посветеност и систематичност Владата им приоѓа на проектите. Прво смислуваат реклама. Па на готова реклама прават проект. Па дури после го реализираат.
Видете ја кампањата за минимална плата. Аирлија договор. С се знае во детали. Колку ќе биде нето, колку ќе биде бруто- платата. Законот уште не е донесен, ама ќе почне да функционира од 1 јануари 2012 година. Но не за сите. За вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија ќе почне да важи дури од 2015 година. Впрочем, договорот за минимална плата најмногу им треба токму ним. Тие се најексплоатираните.
Оваа реклама е иста како рекламите на операторите за мобилни телефони. И како рекламите на банките за кредити и кредитни картички. Внимавај. Најважното го пишува со најситни букви.
Само што банките и телефонските оператори барем ставаат ѕвездичка за дополнително објаснување. А Владата не става ни ѕвездичка. Под која би пишувало: “Почнува да важи по три години”.
Аирлија работа. Аирлија плата по три години.
2 Подготовките на кампањите се темелат врз традициите и врз менталитетот на македонскиот народ. Лајтмотив им е кодошењето. Па вика: Пријави пречки во телефонската линија. Пријави проблеми со ТВ-сигналот. Пријави проблем со Интернетот. Пријави мито. Пријави корупција. Пријави нељубезен службеник на шалтер. Пријави небричен инкасант на патарина.
Има ли подобра забава за Македонец од тоа да може цело време некого да пријавува? И тоа на бесплатен телефон.
Не е проблем во пријавувањето. Проблем е во решавањето на проблемот за којшто се пријавува. Вака излегува дека институциите не мора ништо да работат. Ако баш мора – ќе работат по пријава.
Тамам и да одат по улица и да паднат во дупка не мора да ја забележат. Таа не била пријавена. Па затоа се смисли и кампањата: “Пријави дупка”. Сега кога ќе почне да врне може да се појават билборди “Пријави вода во дупката”. И на крај – во водата дупка.
3 Секторот за внатрешни работи Тетово вчера со соопштение апелираше до учениците од основните и средните училишта во тетовско-гостиварскиот регион никогаш и никаде да не носат со себе оружје. Портпаролот на тетовската полиција објасни дека “полицискиот апел е во функција на превенирање на училишното насилство во полошкиот регион”.
Од полицијата апелираа учениците да се воздржуваат и од тепачки и од носење ножеви, метални боксирачи и пендреци оти и тоа било кривично дело.
Убаво што е кривично дело. Ама на толку тепачки и убиства не видовме дека некој е казнет.
Затоа МВР може да го прошири апелот. Учениците да не носат оружје. А ако веќе носат да не пукаат еден во друг. Затоа што може и да се промашат.
Апелот е упатен до учениците во основните и средните училишта. Да се надеваме дека оние од градинките се под контрола на родителите. Или барем под контрола на ДУИ.
4 Сите циркуси и пречки што се прават со пописот е само за албанските политички партии да имаат алиби, утре ако им затреба да не ги признаат резултатите.
За 20 години независност тие ништо не признаа во Македонија. Го бојкотираа референдумот, не го гласаа Уставот, го забораваат знамето, не признаваат сметки за струја, вода, не признаваат Закон против пушење, не признаваат плаќање даноци…
Па нека кажат еднаш што признаваат. Барем една работа нека признаат, па од таму да тргнеме. Или чекаат американскиот амбасадор Пол Волерс да им каже што да признаат.
5 Можеби затоа откако дојде амбасадорот сите министри Албанци во Владата отидоа да се сретнат со него. Ај што се сретнале, туку најофицијално со соопштенија од кабинетите се фалат дека “оствариле средба”.
Толку многу работа за Македонија завршиле. Па средбата со американскиот амбасадор им е најголем успех во неделата.
6 Во Охрид ќе ја уриваат реновираната болница оти ја утнале висината на таванот на операционите сали.
Што е тоа толку голем пропуст. И онака во операционите сали се лежи, не се стои. Кој издржал анестезија на нога? Тие што се на нозе обично во амбуланта ги лекуваат.
Не треба да ја уриваат болницата. Специјалистите хирурзи треба само да субспецијализираат. Да може да работат само во болницата во Охрид.
7 Зошто градоначалникот на Центар Владимир Тодоровиќ и советниците на ВМРО-ДПМНЕ го сменија урбанистичкиот план само за Зелениот пазар во Скопје? Па и на пазарчето Буњаковец има место за повеќекатници. И тоа е во Центар. Колку ли административни згради и катни гаражи може да се сместат таму?
Според визијата на градоначалникот, на граѓаните од Центар не им требаат пазари. Сe може да се купи во супермаркет.